„Вокс Лакс“ како недовршен портрет на музичка ѕвезда во 21 век

  • Кон „Вокс Лакс“ во режија и сценарио на Брејди Корбет, кинематографија на Лол Кроли.
  • Опусот на младиот американски режисер Брејди Корбет е преполн со филмски остварувања од новиот арт хаус и независна кинематографија, но во улога на актер. Тој е миленик на водечките имиња во таа област како Ларс Вон Трир, Миа Хансен Лов и Михаел Ханеке. Можеби затоа е далеку од чудно што токму тие имаат огромно влијание врз неговиот лимитиран творечки сет. Во првиот, критички прифатен долгометражен филм, „Детството на Еден Водач“, тој паметно искористил сè што научил од своите ментори – од постојаната атмосфера на мрачнина и тензија, до создавањето морално комплексни и комплицирани ликови. Корбет се закитил со дури 2 награди на престижниот фестивал во Венеција, едната за најдобар режисер во делот „Хоризонти“. Истиот стил се прeпознава и во неговиот втор обид со режисерската палка, 114 минутниот „Вокс Лакс“, што би требало да значи успешно матурирање во фелата на автентичната европска кинематографија. Сепак, овојпат тој соџвакал повеќе отколку што може да проголта.

    Селест (Натали Портман, најсветлата точка во филмот) е поп-ѕвезда со комплицирана историја. Таа преживеала масовно пукање во нејзиното средно школо, станала мајка додека била се уште тинејџер, и има многу нездрава врска со својата сестра (Стејси Мартин) и менаџер (Џуд Ло). Брејди Корбет прави интересен избор да ја прикаже нејзината приказна во неколку етапи: моментот на настанатата траума (младата Селест ја игра Рафеј Касиди, огромен потенцијал), патот кон успехот и враќањето на сцената по некое време од скандал кој таа го предизвикала. Овој пристап е сосема во ред, и има смисла во првиот дел од филмот кога настаните течат по одреден тек. Проблемите со сценариото започнуваат да се забележуваат во последниот час. Темите на траума, злоупотреба и дисторзија на човековата психа кои се начелно потенцирани, не водат никаде. Приказната започнува да губи смисла, а огромен број од поставените прашања не се одговорени и се комплетно игнорирани. Зошто постои тоа насилство? Што значи тоа за неа и за светот во кој што живее? Иако најчесто по траума луѓето бараат излез во порочно однесување (дрога, алкохол, небезбеден секс, итн.), тоа не може да биде eдинствениот приказ на нестабилна личност. Огромно разочарување е и оригиналната музика напишана од талентиранaта Сиа, која се изведува додека постои бизарна нарација на Вилем Дефо.
    Крајниот продукт остава огромна празнина и чувство на недореченост, и неуспешно алудира на стил пред супстанца. Камерата и текстот кој следува со неа навестуваат интригантни анализи и метафора за култот на современата славна личност, но тоа никогаш не се остварува. Сè што останува на крај е куп од брилијантни, некохерентни идеи проследени со неуспехот на човек кој е соборен од својата преголема амбиција.

    Оцена: 3/5

  • Почнувајќи од овој (јубилеен, 100-ти) број на Репер, стартуваме со соработката со екипата на Гледај.мк со чија помош во периодот кој следи ќе се фокусираме кон посветено и креативно истражување и пишување за филмската и театарската уметност. Дискутирањето за културата и уметноста, како и информирањето на будно заинтересираната публика но и попатните читатели е заедничка цел и мисија.