ЛЕТОТ И ЛАВИРИНТОТ

Тој беше прв од скулпторите кој, како некој чукундедо на Микеланџело, направи неговите кипови да прогледаат и да почнат да се движат.

Отпорниот велемајстор Дедал и кон летањето приоѓа како кон градителски проект: со подготовка, планови, нацрти, се подразбира – и со внимателна вештина (неопходната techne) во изработката. Дедал го уважува небото, како што ја уважува почвата при градбата на Лавиринтот. Осознавајќи ги границите на потенцијалната и практичната слобода во ризичната игра со Елементите, Дедал ги определува, планира и изведува иновантните идеи на својата градителска имагинација.
А каде е тука Икар? Со темперамент најблизок до музичкиот (а постоен во сите сфери на уметноста), тој нестрпливо исчекорува, брзо се судира и ги решава конфликтите, па не сочекувајќи го решението, ита (лета) кон следниот предизвик. Прикриениот антагонизам татко-син го разградува лабавото единство градител-музичар одвнатре, во самиот уметник; од тој аспект, игнорирањето на стопалата кај Икар и неговиот некритичен восхит кон царството на височините, резултира со еден вид самоубиство што дионизискиот летач го извршува во опивност, непочитувајќи ги законите на тоа небесно, навидум тотално ослободено царство. Наспроти другите самоубијци, Икар нема помодрено лице, ниту нагрдено тело. Тој е пламена топка, метеор чија огромна радост што го почувствувал митолошкиот боженски простор му го запалува телото. Кревката граница меѓу итрината и спонтаноста, меѓу конкретноста и занесот, се чини е двојно подвлечена меѓу таткото Дедал и синот Икар.
Но дали се жртвува само едниот и дали е тој навистина само жртва? Примерите со „Икарите на Рокенролот“ – Морисон, Ленон, Хендрикс, Џоплин… – уште еднаш ја потврдуваат поинаквата, номадска перспектива на икарството. Алчното време ги голта можностите, но младоликоста пазена за огледалото е доријангрејовска утеха со ужасно разоткривање на крајот. Ако Уметноста, според законитостите познати само на неа, го најде ризичниот исчекор, таа за возврат може да создаде чудо!
Без оглед дали летот на Дедал и Икар е вистина или мит, тој, 1500 километри долг лет, е најдобар доказ (заедно со патувањето во небесните височини на месопотамскиот јунак Етан, кој јавал на орел, или на истанбулскиот фантазер кој „отфрлајќи“ се од највисоката џеновјанска кула, ја прелетал целата престолнина, или на летачот во „Рубљов“, или на нашиот ќелеш, кој пак, со помош на верниот орел, од високите височини се спушта во долните царства) дека човекот, како и птицата, не само што има право на свое парче небо, туку и на свој лет низ целото небо.

Aстролошка добелешка: во книгата „Le zodiaque, cle de l’homme et l’universe“, белиот маг Омраам Иванов го поврзува летот со ерата на Водолијата: „За време на ерата на Рибите, пространствата на водите се оние кои се истражуваат – со пловидби. Со Водолијата, се влегува во сферата на воздухот – телекомуникациите, авионите, ракетите…“. Очигледно е дека Лавиринтот, заедно со Минотаврот, припаѓа на ерата на Бикот, онаа на Пирамидите и сетилната, краволика Хатор, на Урук на Гилгамеш (понекогаш претставен со рогови) и неговиот застрашувачки соперник, небескиот бик на Иштар, на моќниот Рудра од Риг-Ведите и на Врисхабка, придвижувачот на космичкото тркало, на биковите на глинените печати од Мохењо-даро, предводени од итифаличен лик со големи рогови што седи крснозе… Според тоа, Дедал и Икар преку својот лет прескокнале 4000 години, односно две космички ери. Оттаму не е чудно што астрономите малечкиот, стреловито брз метеор што секои две децении минува покрај начата планета, но никогаш преблизу, на својот „надвоздушен“ пат, ја нарекле токму Икар.
А Дедал дури по својата смрт е прогласен од сонародниците за херој, полубожество. 432-та година пред н. ера, атенскиот суд казнува еден скулптор зашто се осмелил на штитот на Атена Партенос да го прикаже својот автопортрет во ликот на Дедал. Скулпторот е Фидија лично, „првиот, најголем уметник на сите векови што му претходеа и на оние по него“, како што го отсликува Хелдерлин, кој и самиот со устрем да одлета до горниот свет на чистото, вечно создавање, икаровски ќе падне во „вашиот понизен Скарданели“, доброволниот заточеник во кулата без излез (наместо Минотаврот, чуварот беше добродушниот столар, но портата кон светот засекогаш заклучена).
Како што пишува на едно место во „Упанишадите“: „Од смртта одведи ме до бесмртноста“. Но, да му се вратиме на Дедал. Како еден ист човек може да биде архитект и на Лавиринтот и на Летот? Од каде темниот жртвеник (каде што шансите да се избегне од најужасната варијанта на Танатос, да се биде храна во желудникот на друго живо и не баш привлечно суштество се мерат со илјадити процент) да биде дело на истиот Мајстор кој со летот ја остварува најеротската желба на човекот – да се биде недофатливо слободен!
Сепак чинот си има своја причина, и тоа не само една – Дедал беше убеден, како и мнозинството уметници од повисок и понизок ранг, дека е предодреден да создава чуда! Дека и Еросот и Танатосот се во служба на создавање на чудата! Но, за разлика од другите, неговата уметничка кариера, од почетоците па до крајот, е преполна со докази за таква врвна уметничка вештина. Тој беше прв од скулпторите кој, како некој чукундедо на Микеланџело, направи неговите кипови да прогледаат и да почнат да се движат. Пред тоа, киповите имаа затворени очи, а рацете и нозете им беа вкочанети. Тој направи каменот да гледа и да оди. Рендгенски се вовлече во него и му ги дарува сетилата. Сето она што во Дедаловата младост беше грешно – славољубивоста, егоизмот, убиството на Тал поради завист -дојде поради раното осознавање на неограничената моќ од спојот талент + techne. Смртта на Икар го снајде татко му во неговата зенитна уметничка зрелост, но средовечниот гениј имаше пред себе уште долго време за да ја прифати ужасната животна лекција и конечно да стане несебичен учител што со љубов ќе го дарува знаењето свое…

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Умберто и крадецот на чадори
Необичниот чадор Умберто живее во Дождоградец. Во Дождоградец, се гледа по името,...
Повеќе
0 replies on “ЛЕТОТ И ЛАВИРИНТОТ”