Раскази со значење на еден цел космос

  • Кон збирката „Ѕидот белутрак“ од Велко Неделковски
  • Уште од младите години практично бев навлечен на делата за деца од современиот македонски писател Велко Неделковски. Преку антологиската „Втората смена“, која во 80-тите години беше екранизирана и многупати репризирана детска серија, модерната сказна за Бибисек Втори, еве сега имам чест да го препрочитам и да го препорачам најновото дело на овој реномиран писател за деца и возрасни. Иако оваа збирка раскази овој пат како целна група ги има возрасните, препознатлив е хуморот на Неделковски. Збирката раскази има широк дијапазон на ликови. Продефилираат зографи, чорбаџии, свештеници, професори, полицајци, добри комунисти, лоши комунисти, секретарки, швалерки, хистерични сопруги и уште многу многу ликови што Неделковски успеал да ги собере во оваа своја збирка раскази насловена „Ѕидот белутрак“. Една збирка раскази со значење на еден цел космос од аспект на овие ликови. Како и секогаш, Неделковски умее реалистичната постапка во своите дела паралелно да ја испреплетува со магиски елементи и со надреалиситчни и гротескни ситуации. Мајсторот на краткиот расказ успева преку постмодернистичката стилска постапка на „претерување“ и „краток спој“ да ја долови апсурдноста на човековиот живот. Во расказот „Омнибус“ се прикажани ликови на позитивни губитници што не можат против стегите на ангажираната уметност во едно општество. Обесправеноста на малечкиот и немоќниот. Текстови по порачка, лажирани тиражи на изданија на дневни весници, извисени очекувања на општествени станови и што уште не.
    А, пак, во расказот „Поглед на светот“ е прикажана домашната брачна нетрпеливост меѓу мажот што оди на бизнис патувања и жената, послушната жена што седи дома и се застапува за онаа улога на „ангел на домот“, според Вирџинија Вулф. Додека „патријархот на домот“ е нервозен за неможноста сите нешта да бидат во една апсолутна рамнотежа, вината ја бара секогаш во жената, никогаш во себе. Фалоцентризмот на едно типично балканско семејство.
    Расказот „Живопис и тајна“ нè сели од модерното Скопје во руралната средина на деветнаесеттиот век, кога група заможни трговци бараат фрескописец за нивната селска црква. Ова е расказ каде што провејуваат и елементи на магискиот реализам. Во традицијата на еден Јаневски и колумбискиот Маркес, Неделковски сосема одмерено ја дозира приказната со елементите на магискиот реализам.
    Во понатамошните раскази повторно имаме ретроспекција на Скопје во периодот по земјотресот, критика кон ситните полицајци што го узурпираат системот, ситната човекова поганост, муфтаџиите и спонзорушите. Велко Неделковски успева со хируршка прецизност да ги прикаже односите во едно општество и карактерот на луѓето. Во оваа збирка раскази провејува трагикомичното како постапка, јазикот е чист и лесен, описите се кратки и функционални, кардиналните функции на акција се на секоја страница.
    Поради горенаведеново, сметам дека оваа книга на Велко Неделковски уште еднаш ќе ја потврди неговата позиција како неприкосновен роден раскажувач на човековите комедии и трагедии. Најтопло ја препорачувам оваа збирка раскази од Велко Неделковски.