ВЕЧНОСТА НА ХАИКУ МОМЕНТОТ

На македонската читателска публика хаику поезијата на надарениот поет, прведувач и редок полиглот Зоран Радически (1985) ѝ е позната пред сѐ преку објавените песни во специјализираното списание за хаику Мравка, како и преку многубројните настапи на поетски манифестации, на кои овој млад поет импонира со инвентивната изведба на своите книжевни творби. Поради оригиналниот пристап кон хаикуто и препознатливата игрива поетика, неколку песни од овој млад автор се застапени во двојазичната антологија на македонската хаику поезија Нов македонски хаику бран / New Macedonian Haiku Wave (СВП, 2011)
Благодарение на неговиот хаику првенец, стихозбирката Сенките во сонот, читателите добиваат увид во богатиот поетски свет на Зоран Радически: поетскиот ракопис содржи точно 110 хаику песни пишувани во т.н. „слободен хаику стил“. Имено, иако поетските содржини се поместени во тристишната форма, младиот автор не го следи стриктно версификацискиот образец 5/7/5, како и „обврската“ да реферира на едно од годишните времиња, како во традиционалното јапонско хаику.
Сепак, во неговата поезија неизоставно е присутна клучната состојка на доброто хаику, односно, т.н. „хаику момент“. Во поетскиот свет на Радически, лирскиот субјект будно ги бележи и со завидна лирска кондензација на изразот ги навестува промените во светот во и околу себе, елегантно и сликовито упатувајќи на минливоста, променливоста и „пловноста“ на светот: На мостот припиени / броевме ѕвези / сега е рушен, или, Завеана е / Улицата на нашата / младост. Преку конкретни поетски слики, стиховите на Радически нѐ соочуваат со парадоксалното и шокантното во нашите животи: миговите што (ни) се драгоцени преку само десетина зборови се дестилирани во еден вид поетска вечност.
При читањето на оваа поетска збирка на Зоран Радически, веднаш паѓа во очи неговиот модерен однос и креативен влог во поетиката на овој лирски вид. Во неговото хаику простујува радоста на животот (Висока јадра / и нежна и витка… / млада топола, или, Срцето не / Престанува да ме / радува…), емпатијата со животните (Во пламен од кандило / Пеперутки разиграни / Им студи надвор, или, Куче и маче / во силна прегратка / почина стопанот), неусилената смисла за хумор (Слегла мецана / в град / гори шумата, или, Село крај пруга / фудбалско игралиште / овци рецитираат песнички), умерено дозира афористичност (Вода насекаде / на небо и на земја / и пак сме жедни), суптилна вербална пејзажност (Стаклена густина / низ проѕирна магла / по снегот…, или, Рано рани / Снегулка бесна / Ндовезена), чувство за елиптични навестувања (Водата храна / Водата љубов / Риби, или, Еден збор / Изустен од душа / Цела книга), или палавите игри со зборови и необични римувања (На Мимоза / ѝ подарив Роза / кај Апче на Боза…).
Всушност Зоран Радически е поет кој умее да ги опее нијансите на љубовните чувства и доживувања со само неколку збора, така што во неговиот дебитански хаику ракопис привилегирано место заземаат токму љубовните хаику – епифании, од кои издвојуваме неколку примери: Ќе станам јоргован / кога ќе поминуваш / да ме помирисуваш, или, Кога чекориш / сум зефир, ти провејувам / низ косата, или, Твојот мирис / Разорува бариери… / Берлински Ѕид, или, Гледам радостм доаѓаш / Гледам тага и немир, си одиш / Ех, ништо не гледам… Затоа да резимираме: ракописот Сенките во сонот од Зоран Радически изобилува со оригинални, нестандардни и изненадувачки хаику-откровенија. Избегнувајќи ги стапиците на стереотипните решенија, поетот ни нуди грст свежи поетски слики, во кои пулсира животот.