За еден посебен тип на зборовно фрескосликање

Едно сосема непотребно интро

Веќе одамна делата на Венко Андоновски во нашата средина, а и пошироко се дочекуваат како книжевен празник. Секоја новообјавена книга од професорот, теоретичарот, раскажувачот, книжевниот историчар, херменевтичарот, семиотичарот, драматургот, есеистот, преведувачот, колумнистот (Андоновски во една прилика, се огради од сите овие квалификации и наместо постмодернист себеси се прогласи за македонски деветнаестовековен просветител), предизвикува огромна заинтересираност кај читателската публика, како кај професионалните колеги-читатели филолози, така и кај најобичните читатели-аматери. Кај Андоновски, како ретко во македонската книжевност, литературниот елитизам не му е differentia specifica. Не дека не може, туку не сака, затоа што оној мит за „недофатливиот и неразбран книжевник“ е толку деветнаестовековно романтичарски излитен шаблон. Напротив, Андоновски во многу од своите дела (како белетристиката, така и металитературата) ја креира на две нивоа. Едното ниво бара читател опремен со доволно знаење од книжевноста и историјата, па тој читател да се претвори во еден ловец на алузии, цитати и автореферентни „обланди“ на делото, додека пак другото ниво (на сосема истиот роман, есеј или расказ) е наменет за обичните уживатели на делото. Оние искрените, што ќе прочитаат, ќе се замислат, ќе се насмевнат и уредно ќе ја вратат книгата на полицата или најтопло ќе ја препорачаат на своите колеги, роднини или пријатели. Да се читаат делата на Венко Андоновски е задоволство, да се разбере длабоката суштина и херменевтички да се продре до него е опасна наука и алхемија, а да се пишува за Венко е задача еднаква на потрагата по Светиот грал. Се разбира, не во монтипајтоновска смисла на зборот. Всушност, ние неговите ученици, на факултет уживавме дури и во моментот кога само го слушавме додека раскажува дали на софра, дали во амфитеатрите или на некоја промоција, некоја приказна и преку неа ги разработува најважните елементи на хрватската модерна и македонскиот повоен реализам или раскажува случка од детството. Тоа е оној момент кога не знаеш дали професорот Андоновски ќе почне да анализира некој виц и од банална шега ќе го претвори во книжевна теорија или пак анегдотата од сопствениот живот ќе ја претвори во зен-приказна.

Реставрација на фреските

Ова повторно издание на книгата „Фрески и гротески“ само ја потврдува тезата дека некои дела, оние подобрите и подлабоките бараат и заслужуваат повторно и повторно издавање и не е важно дали е тоа: петто, шесто или стото издание. Некои книги едноставно стекнуваат статус на Библија. Потребни се насекаде и во секое време.
Фреските на Андоновски во себе имаат делови кои недостасуваат. Тоа е таа поетика на отсутноста. Самиот тој вели дека за нив треба да се погрижи читателот преку реставрациите. Овие реставрации се присутни на крајот од книгата и функционираат како објаснување на главната приказна од фреските. Тие се семантичките корекции, тие се упатството за разбирање на фреските, тие се апаратот преку кои расказот дише. Навистина со секое наредно читање на текстовните фрески и нивните реставрации (ниту една книга не се чита исто на 15, 35 или 55 години), стануваат сè подетални, но и подлабоки и отвораат уште поголем простор за истражување и за дешифрирање. За оваа цел, Андоновски употребува бројни постмодернистички техники. При читањето на „Фрески и гротески“ огромно е присуството на ликови и (псевдо)цитати од старогрчката, арапската и просветителско-преродбенската македонска литература. Една детална и финоселектирана листа на хипертекстови. Успевајќи да ги спои во еден расказ и ликот-референт од македонската книжевна историја, поетот Наум Манивилов во паралелна егзистенција со Исак Њутн, Отец Кирил Пејчиновиќ во спрега со Џорџ Гордон Бајрон, Венковиот другар, поет Славе Ѓорѓо Димовски (претворен во винска мушичка) како плива во чашата вино на Константин Миладинов или му седи на носот, додека вториов пие и бара инспирација за да состави песна, или пак арапскиот филозоф Авероес заедно со книжевните џинови како Борхес и Умберто Еко во ист параграф, Андоновски создава еден свет каде што можното и невозможното, страшното и смешното, историското и гротескното се испреплетуваат и се губи линијата меѓу нив, што, за волја на вистината, и е една од целите на постмодерната. Па, така како и во еден дел од „Поетиката“ на Аристотел, Андоновски сака да укаже на односот историја – поезија, она што се случило наспроти она што би можело да се случи. Андоновски пресоздава универзуми според рецептот на неговиот учител Борхес и притоа тие светови се многу подобри од веќе постоечкиот. Андоновски во своите раскази е и Орфеј, и Утнапиштим, и Демијург, и Велзевул, и deus ex machina и што уште не. Си игра со ликовите и нивните светови. Подеднакво добро ги создава и ги руши, исто како што еден од неговите ликови, Владетелот на Стаклото од реставрацијата на фреската „Одаја за душата“, создава свет од стакло, замоци и поданици од стакло и потоа ги крши. Овој расказ, поточно оваа фреска, впрочем, е и една од најдобрите во оваа книга. Главниот лик е младиот ученик Александар Велики, кој бара во знак на прошка за шамарот кој му го удира на својот учител Аристотел, задача која не може да се реши. Потребно е да создаде одаја за душата, составена од еден ѕид да не може да се дооди и на нејзината грдост да се стави фино стакло. Нормално грдото здание прави најфиното стакло да се скрши и притоа освојувачот Александар умира. Задачата не можела да биде решена, затоа што не може да им се даде душа на нештата што не сме ги создале, туку само сме ги освоиле. Како што Александар го освојува половина свет, но тој свет не успева (долго) да ја носи неговата душа, така и грдиот гранит не успева да се спои со финото стакло. Александар станува прв во низата освојувачи со кои започнува ерата на Лакомите. Сите вакви територијални лакомци како: Цезар, Атила, Џингис Кан, Наполеон, Хитлер и многу други напред и назад низ историјата, го имале за идол Александар кога освојувале, убивале и заграбувале. Андоновски е критичен кон Александар и оваа „лоза на Лакомци“. Андоновски подеднакво си игра и со еротското наспроти сакралното. Тоа го согледуваме во расказот „Грешката на Авероес“ каде што создавањето на жената од книгата Битие (од Стариот завет) и реброто за Ева е заменето со коската од месото на страста и похотноста во машкото меѓуножје, па женската природа станува грешна и дијаболична. Ако во романот „Вештица“ и во „Папокот на светот“, жената беше централен лик, во збирката „Фрески и гротески“ жената се јавува поретко, а и кога се јавува, таа е обвиена со онаа нејзина Лилитска природа на жена демон, жена – источник на машката несреќа.

Гротескното во расказите на Андоновски

Оваа збирка раскази во голема мера го запазува гротескното. И расказот „Винска мушичка“ и „Небесните престоли“ креираат еден интересен свет на текстовни гаргољи. Играта со историските ликови и нивното карикирање и карневализирање во голема мерка ја негува гротескноста на историјата. Ова претерување е евидентно и во другите текстови, а воопошто и во целокупното творештво на Андоновски. Како постомодернистичка техника „претерувањето“ им за цел да ја покаже и потсили баналноста на животот, баналноста на клишизираните лекции по историја на литературата или историјата воопшто. Андоновски во еден Бодлеровски манир е фасциниран и од убавината на грдото и неприродното во текстот. Затоа неговите текстови изненадуваат, радуваат и застрашуваат. Таков е и расказот за Исак Њутн и Наум Манивилов. Во овој расказ, поточно во оваа зборовна фреска, Андоновски успева да ги вметне сите правила и сите техники на постмодерната, поточно на она што се нарекува нова поетска фантастика. Умешно ја вметнува последната епизода од животот на Наум Манивилов, поет кој кратко егзистира на македонската поетска сцена. Поет кој многу ветувал, но од некои лични причини решил самиот прерано да го заврши својот живот. Овде Андоновски го споредува Манивилов со камен и со птица, со пердув и со стих, за да ја истакне двојната природа на зборот кој може да боли или да гали.

Новата поетска фантастика и Андоновски

Овој тип на фантастика во македонската литература не е непознат. Тој успешно егзистира рамо до рамо со фантастиката на апсурдот, фолклорната фантастика и ониричката фантастика. Присутни се темите на двојникот, ѓаволот, хронотопот на патот и хронотопот на прагот. Сите поголеми теми се внесени и усовршени. Андоновски успева да го збогати ваквиот тип на нова поетска фантастика затоа што кај него доследно се застапени најважните постомодернистички техники како: контрадикцијата, пермутацијата, краткиот спој, дисконтинуитетот и прекумерноста. Реставрациите се оние текстови на надополнување исполнети со цитати и псевдоцитати. Исполнети се со автореференцијалност која упатува не само на авторот и читателот, туку и на семиотичките теории од 20 век. Парадираат сенките кај Кирил Пејчиновиќ и учествуваат во јадењето на означителите. Светот на објаснувањата се поклопува со светот на создавањето. Овие фрески на Венко Андоновски уште долго ќе бидат место на поклон на вистинските литературни верници.