АВТОРКАТА НА ПРВАТА ФЕМИНИСТИЧКА КНИГА ВО ИСТОЧНА ЕВРОПА ДОБИТНИЧКА НА БУКСТАР

Гостувањето на „една од највлијателните писателки“ во Скопје е предвидено за периодот од 12-14 ноември, кога ќе ја промовира наградената книга и ќе има средба со читателите.

Прва гостинка на годинашното, четврто по ред издание на Фестивалот на европската литература „BookStar 2018“ ќе биде големата Славенка Дракулиќ. Таа е воедно и годинашната добитничка на наградата „BookStar“ за книга што ја одбележува 2018 година, која ќе ја добие за нејзината најнова книга „Невидливата жена и други раскази“. Гостувањето на „една од највлијателните писателки“ во Скопје е предвидено за периодот од 12-14 ноември, кога ќе ја промовира наградената книга и ќе има средба со читателите.

Славенка Дракулиќ е позната новинарка и писателка, родена во Риека во 1949 година. Пишува книги на хрватски и на англиски јазик, а некои од нив се преведени на повеќе од дваесет јазици, меѓу кои и на македонски. Во издание на американската издавачка куќа „Пингвин“ има објавено шест наслови.

Во публицистичките книги главно се занимава со секојдневјето во социјализмот, а по 1989 година и со војната во Југославија. Нејзината прва публицистичка книга, „Смртните гревови на феминизмот“ (1984), е еден од првите прилози за феминизмот. Следувале „Како преживеавме“, „Тие не би згазиле ни мравка“, „Телото на нејзиното тело“ и „Басни за комунизмот“.

Во книжевните дела Славенка Дракулиќ се свртува кон женското тело, болеста и траумата, истражувајќи ги и животите на креативните жени што живееле со познати уметници. Ги објавила романите: „Холограм на стравот“, „Мермерна кожа“, „Како да ме нема“, „Божествен глад“, „Фрида или за болката“, „Обвинета“, „Дора и Минотаурот“ и „Милева Ајнштајн, теорија на тагата“.

Во 2010 година во Прага е прогласена за еден од највлијателните европски писатели на нашето време. Добитничка е на „Наградата за европско разбирање“ на саемот за книгата во Лајпциг во 2004 година, како и на наградата на „Мечмејкинг форум“ за најдобра проект-книга за филмска адаптација за нејзината последна книга „Невидливата жена и други раскази“ во 2018 година.

Советот на Фестивалот одлучи да ја додели наградата „BookStar“ за 2018 година на книгата „Невидлива жена и други раскази“ од Славенка Дракулиќ, бидејќи таа се занимава со една предлого време премолчувана, често табуизирана тема, тоа е процесот на стареење и што сè носи тој, обработена на мошне комплексен начин, час низ призмата на иронијата, час низ окуларот на суровата реалност, час низ болката, час низ шармот на книжевната епифанија.

Дали со староста стануваме невидливи, што се случува со нашите тела, со нашиот однос кон другите и – уште поважно, со односот на другите кон нас? Мрежите што ги плетеме цел живот одеднаш стануваат тенки и кревки. Преку шеснаесет раскази во книгата „Невидливата жена“ Дракулиќ раскажува за меѓучовечките односи, за релациите меѓу родителите и децата, за заминувањето, исчезнувањето, заборавањето, болеста, срамот и болката, за најдлабоките чувства за кои не се осмелуваме да зборуваме. Длабоко емотивно, без задршка, раскажува за искуството при распаѓањето на животот.

Катарзична, ослободувачка книга, која удира во плексусот на современието. Секој расказ посебно му влегува на читателот под кожа, терајќи го да застане, да размисли за себе и за другите, да биде шокиран, да заплаче, да се препушти и на емоциите и на разумот. Менувањето на перспективите (прво и трето лице, машки и женски погледи, различни генерации) и прекрасно испреплетените автобиографски и фиктивни елементи во нарацијата прават читателот да се чувствува нурнат во текстот и истовремено дислоциран од него. Книга што уште еднаш докажува дека само литературата може да зборува за неизречливото!

„Невидлива жена и други раскази“ со недели е на врвот на бестселер листите во Хрватска, а наскоро излегува и преводот на македонски јазик.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Потопен во тага и во бурбон
Интелектуалецот / уметникот не навредува. Не бара виновни. Не се служи сo...
Повеќе
0 replies on “АВТОРКАТА НА ПРВАТА ФЕМИНИСТИЧКА КНИГА ВО ИСТОЧНА ЕВРОПА ДОБИТНИЧКА НА БУКСТАР”