Просечен индекс на среќата

На скала од еден до десет, колку сте среќни? Даниел ја процени својата среќа на 8,0. Тоа е висока вредност, особено за човек кој е во егзистенцијална криза. Но тоа е Даниел, главиот јунак од „Просечен индекс на среќата“, профана верзија на библиски Јов, кому финансиската криза од крајот на двеилјадитите му одзема речиси сѐ, но не и надежта. Романот е хроника на финансискиот крах на еден современ човек кој успешноста на својот живот ја одредуваше според стекнатите материјални вредности. Но, „Просечен индекс на среќата“ не е депресивен роман. Тој е ода на оптимизмот, на нескршливоста на човечкиот дух, хуманизмот и меѓучовечката солидарност, љубовта и семејството, на вистинските вредности.
Даниел е типичен човечки производ на неолиберализмот, воркохолик, индивидуалист, консументалист, со прецизен план за успех… (ви звучи познато?!) Во неговиот план немаше место за отказ и глобална финансиска криза. Но, токму тоа му се случи, па Даниел ја изгуби работата како планер на висока позиција во туристичка агенција. Фирмата банкротира. Поради беспарица, неговата сопруга со децата се врати во родниот град, кај родителите. Даниел е сам во Лисабон и тврдоглаво бара работа во секторот туризам, одбивајќи да ја прифати реалноста дека кризата создаде армија невработени, особено во гранките забава, култура, луксуз… Заштедата е при крај, а неплатените рати од станбениот кредит се трупаат, па банката ја активира хипотекарната гаранција. Даниел го губи станот и останува на улица. По неколу ноќи преспани во автомобил, тој ќе се сети од канцеларијата во поранешната фирма да си направи преноќиште.
Помош не бара затоа што е горд, ами и затоа што тоа ќе значи капитулација на ставот дека кризата е привремена и од неа може да се извлече сам. Не оди да преспие ниту кај својот пријател Шавиер, агорафобичар кој дваесет години не излегол од својот стан. Меѓу четири ѕида, Шавиер е посветен на две нешта, индексот на среќа и социјалниот сајт за солидарност. Целосно е внесен во математичките операции со индикаторите на среќа кои покажуваат дека неговиот просечен индекс на среќа е 4,4 од 10. Има и теорија – ако се пресели во држава со ист индекс на национална среќа како неговиот, неговата несреќа ќе се нивелира со тамошната депресија, по што тој ќе се почувствува посреќно, а индексот на среќа ќе му порасне… Со втората преокупација, сајтот, има помалку работа. Идејниот татко на солидарниот сајт всушност е третиот член од друштвото, Алмодовар кој моментално е во затвор. Алмодовар го осмисли сајтот на кој луѓето ќе пријавуваат кога ќе им треба помош, а другите членови ќе се јавуваат бесплатно да им ја дадат. Сајтот е целосно нефункционален, никој не бара помош! Но, тоа не е единствената спасувачка мисија на Шавиер. На големи маки е како да го спаси нивниот поранешен учител по математика кој, поради својата хомосексуалност, остана без работа и сега како скитник е честа мета на физичко насилство од група млади хулигани, чиј член е синот на Алмодовар.
Со сето ова, и со многу повеќе треба да се справи Даниел. Нема крај на неговите неволи и пропаѓање! Но страдалничката тема во „Просечен индекс на среќата“ оди обратно-пропорционално со оптимизмот и нескршливоста на Даниел и со лесно-приемчивиот стил на Машадо. Романот е напишан во стил на дирекно исповедување на Даниел на Алмодовар. Нарацијата е динамична, емотивна, експлозивна, еуфорична и сликовита. Таа е толку дирекна и инволвирачка што како читател ќе бидете вовлечени и предизвикани заедно со главниот лик да се преиспитате и прашате себеси: дали сум среќен, што ме прави среќен, дали робувам на материјализмот, на замислата кој треба да бидам заборавајќи кој всушност сум, колку поради иднината ја жртвувам сегашноста, дали сум поголем кариерист од пријател, дали ова што отчукува во мене е срце или дигитрон, не без што – ами без кого не можам да го живеам животот… Давид Машадо ќе ги отвори во вас вистинските прашање. И најдобро е, што поскоро и поискрено да одговорите на сите!