ГЛАД

0:53

Најмалку четири порции.
Тоа беше нејзината мисла додека ја чистеше тавата со ориз над кантата за ѓубре, стругајќи ги згрутчените, преварени зрна. Упатувајќи поглед на заситен глад: поглед на месојадец. Сепак, искра среќа тлееше во нејзините гради. Бидејќи луксузот не демне во неопходноста, туку во прекумерноста. Се слушна придушен звук на дрвена лажица што собира остатоци од тавата. Не, тоа е нешто друго. Имаше задоволство во негрижата со која ја извршуваше оваа работа. Одлично, фрлање храна. Па, помисли на децата во… Не, таа ниту еднаш не помисли на децата во… Таа немаше никаква врска со тие деца…
Постоеше само едно дете за кое Аурели се сметаше за одговорна, а тоа дете во моментот лежеше горе и спиеше.
Кога тоа дете претходно вечерта јадеше, сè почесто користејќи го приборот за јадење, половина од храната ја истураше на лигавчето, на чаршафот на масата и долу на подот, сè уште несвесно за валканите грутки што по случаен избор беа залепени на неговото лице. Но не се работеше за она што ќе се истури, туку за она што ќе исчезне во устата на детето. Дали тоа дете помислува на децата од сиромашните земји? Не. Тоа невино создава неред.
Половина кокошка се истркала по оризот, како и содржината од тенџерето со сос од кикиритки и од еден сад со зачинет зелен грав. Се виде како потонаа во кесата за отпадоци и таа го промени својот првичен изглед, храната се спушти во кесата и, откако воздухот излезе од неа, се ослободи простор за другите отпадоци. „Повторно си зготвил премногу храна“, му довикна на Филип, кој седеше во дневната соба и гледаше документарен филм. Немаше намера да го укори со тој нежен тон. Всушност, неговата несмасност беше мошне шармантна: кој има поголемо око од стомакот, тој е оптимист. Но во тоа спаѓаше и таа.
Од дневната соба се слушна некакво мрморење, поради што таа помисли дека тој половично ја разбрал. Или дека не е расположен за дискусија во врска со неговите кулинарски квалитети. И тоа е можно. Фрли краток поглед кон својот телефон. Немаше никакви пораки. Недела навечер. Одмор.
Потоа ја исчисти кујната бидејќи чистачката требаше да пристигне дури следното утро. И, додека машината ги миеше садовите, поита нагоре за да ја провери Лидија, која лежеше во својот кревет.
Лидија спиеше. Имаше гушнато една играчка: кадифено ѕверче со ококорени очи. Црвено, со светлоруса коса. Тие иг¬рачката ја нарекоа Црвени Обравчиња. Додека Лидија си ја нарече по свое: Твени обавчиња.
Таа внимателно клекна до работ на детскиот кревет, држејќи ја раката врз девојчето без да го допре. Беше топло: се жареше воздухот над ќебето. Погледна во својот телефон. Имаше една порака од Алис: „Останува договорот за в среда, нели, мила?“ Порака од родителите: „Здраво, душо, дали сте добро?“ Фејсбук: четири нови допаѓања за фотографијата од тоа попладне, на која Лидија јадеше сос од јаболка – во заднината: изгрејсонце над вода и погледот од нивната дневна соба. Дали да остане и уште малку да ужива во својата среќа или да појде на направи нешто корисно? Да ги среди задоцнетите административни работи?
Стана и излезе од детската соба. Во ходникот беше темно. Опипувајќи го ѕидот со раката, почна да ја бара оградата на скалите и се сепна.

Од аголот на своето око забележа некакво движење. Нејзините прсти го пронајдоа прекинувачот за светло. Духот беше демаскиран. А таа засрамено воздивна откако виде што е тоа: чаршаф на жицата за сушење алишта, кој можеби и самата го помрднала додека минувала раздвижувајќи го воздухот.
Оваа куќа е премногу голема за неа. Два ката со толку многу соби што, дури и кога сите тројца се дома, во најмалку четири соби нема никого. Татко ѝ инсистираше на тоа. „Па, зарем ќе седиш и ќе се потиш во некој студентски дом? Вие заслужувате подобро од тоа, затоа земете го тоа што го заслужувате. Со деца во домот е потребен простор.“
Каде е Филип? Сè уште таму на каучот. Во меѓувреме почнаа вестите во осум часот. И таа би требало малку да седне пред телевизорот, тоа е поврзано со нејзината работа. Седна како да се сруши покрај него, ја стави раката на неговата нога, а тој со дланката ја фати за малото прсте. „…нелегалните подносители за азил“, рече спикерот, „кои веќе не може да бидат фатени во поранешниот бункер под…“ Расположена за утре. Нерасположена за утре. Расположена за утре. Нерасположена за утре. Секогаш е исто во недела навечер. Распната меѓу силната потреба да биде тука, дома, со двете личности што најмногу ги сака, а од друга страна, нагонот да биде поврзана со светот, да не дозволи да биде окована со семејниот живот. „…покрај жртвата“, рече спикерот, „е пронајдена бејзбол-палка со која веројатно ѝ биле нанесени повредите на главата…“ На крајот од работната недела, по емисијата во петокот вечерта, таа мораше набрзина да ја напушти забавата за крајот на неделата за да си оди дома, но истовремено секогаш ѝ беше многу тешко да се збогува со колегите, иако немаше да ги види само два дена.
И во недела навечер тие теми беснееја во нејзината глава, таа правеше планови, со голема желба – и истовремено без апсолутно никаква желба, не сакаше да стане рано, да ја носи Лидија во градинка и со велосипед да стигне до работа. Напуштајќи ја толку кревката оаза.
Ги помилува брадестите образи на Филип. Грлото, Адамовото јаболко. Неговиот врат, закачувајќи со ноктите на влакненцата, и тој рече: „Ау“ и: „Не греби во спротивна насока на влакната“, преместувајќи ги нејзините прсти на својата коса, која беше густа и мека. Толку долго се заедно, а сè уште учат нови нешта еден за друг.
Вестите завршија. Го намалија тонот. Дискутираа за претстојната недела. За средбите што може да се случат секаде, па дури и дома. „…Јас ќе ја земам Лидија од градинка во вторник, ако сакаш.“
Додека разговараа, таа со показалецот минуваше по екранот на својот мобилен телефон.
Реј на Фејсбук: „Може утре да земеш ДВД со филмот Ловци?“
„…в среда јадеме со Алис и можеби, исто така, ќе…“
„Сезона 3 и 4, нели?“, му напиша таа.
„Испиј си го чајот.“
„Мојот чај?“
Кога тој…? Кога таа беше горе?
„Да!“, одговори Реј. „Фала.“
Таа го пиеше чајот, а Филип го пушти погласно тонот на телевизорот. Таа програма не ја интересираше, со таков телевизиски глас што говореше за поштенските сандачиња на фирмите, со слики од Заудас, со слики од африканската земја каде што фирмите се ослободени од такви сандачиња и од данок. Сето тоа беше многу лошо, па затоа таа го зеде списанието Бренда од масичката и почна да го прелистува.
Интервју со една исклучително чувствителна жена.
Висока чувствителност. Не можеше да се сети дали за време на студиите слушнала нешто за тоа, но затоа сè повеќе слушаше од медиумите во последните години. Стилот на интервјуто ја потсетуваше на нејзината работа, на серијата интервјуа што ги направи за списанието Бренда пред две и пол години, кога Лидија сè уште не беше родена. Откако ќе завршеше телевизиската сезона, таа добиваше време од неколку месеци за да им се посвети на своите проекти. Нејзината прва серија беше наречена Жените што изневеруваат. Прекрасна тема, апсолутно соодветна за Бренда. Лагата ја интригираше. Доколку некогаш во нејзиниот живот се појави некој друг – иако таа не можеше да си го замисли тоа – не би можела да го лаже Филип. Некои од жените со кои разговараше со месеци воделе двоен живот, а една од нив тоа го правела дури со години. „Лагата“, рече едната од нив, „е форма на почит. Тоа треба да се направи добро и внимателно бидејќи, ако дознае сопругот, мислам дека тоа за него би било најтешко: не поради самото неверство, туку поради идејата дека со години живеел со некого кого мислел дека го познава, додека сето тоа, всушност, било само илузија. Тоа е исто како еден ден да откриете дека не постои Господ. Доколку таа непоколеблива, исконска вистина се претвори во невистина, тогаш во каква друга вистина би можело да се верува?“
Така замислена, тргна кон бањата. Интервјуата ѝ недостигаа, па затоа воопшто не се радуваше поради долгиот летен одмор што ќе започне за неколку месеци. Тоа ќе биде трето лето по ред да немаат што друго да прават освен да се грижат за Лидија. Сето тоа почна да ѝ предизвикува здодевност, нејзиниот свет стана премал, иако таа го љубеше тој мал свет: сепак, не сакаше целосно да го занемари големиот свет. Работата во телевизијата е одлична, и покрај тоа што таму често е фокусирана на случувањата во малата Холандија. Па, затоа, би сакала повторно да патува.
Се слушна еден придушен глас од цевките на водоводната инсталација.
„Паа-сош… Паа-сош… Паа-сош.“
Тон од вториот кат повторно е зафатен со нешто. Тоа беше неговата постојана мантра. Паа-сош… Паа-сош. Често ги изговараше тие зборови. Исто така, често броеше. Во секој случај, тоа секогаш беше во ритам и секогаш доволно гласно за да може да се чуе еден кат погоре. Паа-сош. Што би правел тој со него? Или тоа можеби е само збор што му се допаѓа? Моќен збор со кој ги негира демоните во својот ум. Лудиот Тон. Цариникот на својата сопствена глава. Нејзиниот пасош наскоро истекува, ќе мора да го обнови. Да не заборави. Уште еднаш да провери што има на Фејсбук. Нема нови допаѓања, но има покана за некаков настан. Твитер: нема ништо фасцинантно. Ги прочита насловите на интернет-страницата Nu.nl. Ја провери електронската пошта. Мобилната апликација ВацЕп.
Конечно стана, тргна и, додека чекореше, го пикна мобилниот телефон во задниот џеб од панталоните.
„Одам да си ја наполнам кадата“, му довикна на Филип. „Ќе дојдеш и ти?“
Тргна по скалите нагоре. Потсетувајќи се на стравот што го претрпе пред малку. За среќа, светлото сè уште светеше во ходникот.
Ја пушти водата за да се наполни кадата. Полна када: единственото нешто што помага против агитација. Малечките свеќи беа распоредени околу работ на кадата. Една свеќа во свеќник врз машината за перење. Се слушнаа чекори по скалите: Филип се качува нагоре.
Го исклучи светлото и остана само топлата светлина од свеќите во влажниот и топол воздух. Тишина. Дури ни гласот на Тон веќе не се слушаше. Филип легна во кадата. Не го правеа тоа секоја вечер, ниту секој викенд, но го правеа колку што е можно почесто бидејќи тоа беше малтерот на нивната љубов, лекот против здодевната рутина. Таа секогаш еротски се возбудуваше кога ќе легнеше во полна када, па така и сега нејзините прсти се лизнаа помеѓу неговите бедра кон неговиот задник под водата. Потоа, додека пареата излегуваше од нивните топли тела, водеа љубов во спалната соба. Додека Лидија послушно чекаше да завршат и да дојдат до здив, пред да прсне во плач. Совршена ќерка.
* * *
Семафорите и силните ветришта го подзабавија возењето со велосипед до градинката на Лидија. Втората фаза, патот докај неа на работа, претставуваше вистинско проклетство. Аурели почна да ги пцуе налетите на ветер што го нишаа настрана нејзиниот велосипед, ја пцуеше улицата Пит Хајнкаде, која беше премногу долга и недоволно безбедна. Го пцуеше часовникот зашто не го запрел времето во девет и пол. Ги пцуеше своите колеги, кои, се разбира, одамна седеа во Пентагон, и го пцуеше нивниот прекорен поглед, кој уште сега го гледаше пред себе.
Конечно, стигна до магацинот. Го заклучи велосипедот и испотена се затрча внатре. Во дворот, како што се очекуваше, немаше никого. Ја пикна јакната во торбата и, немајќи веќе време ниту за едно кафе, поита влегувајќи во Пентагон. „Аурели, конечно пристигна“, рече Клара. Со – така ѝ звучеше на Аурели – благо навестување на иритација и презир во нејзиниот глас, бидејќи така е секогаш со оние жени што треба, доколку е потребно, да го комбинираат мајчинството со сериозната работа.
Дури и уредничката водеше нескротлив медиумски живот: со секојдневни пијалаци, вечери, кафулиња и ноќни клубови. Со излитено клише дека е постојано – во потрага – по актери и секогаш – во откривање – на музичари, со коктели и со кокаин, поради што нејзината кожа како пергамент и пурпурно-кафените подочници претставуваа тешкозаслужени трофеи. Клара Квилт беше трајно уморна и настината, па затоа плукаше по буржоаскиот живот што може да стави крај на овие болести. И најчесто Аурели како коментар само ќе ги кренеше рамената, но не и сега, не сега, сега таа знаеше дека потсмешливиот поглед на главната уредничка е насочен токму кон неа, додека таа се приближуваше кон своето постојано место кај петоаголникот.

Имаше благ мирис на изгорено од греењето, кое беше пуштено на максимум. Задушени, дваесет луѓе дишеа и се потеа на масата, додека се креваше пареа од нивните топли пијалаци. Во воздухот висеше поттик на недоверба кон државниот секретар за финансии. Беше направен цел список на вообичаените политички коментатори. Да, веќе ги навеле. Клара сакаше и некој финансиски експерт да гостува до дебатата. Тоа е здодевно, рече Реј, сега постоеше закана некој од неговите гости да исчезне од списокот. Но не ако го прашаме Тео Бунинк, рече Кларенс. Кого? Бунинк, берзанскиот брокер. Тој е елоквентен и едноставен. О, да, тој.
Аурели сè уште чувствуваше суптилно задушување, како да не може целосно да дојде до здив. Имаше суво грло, кафе би ѝ годело: но во тој случај ќе мора повторно да го прекине состанокот. Нервоза. Клара со одвај скриената сугестија дека таа треба да си замине бидејќи има дете, има живот надвор од оваа програма. Иако работи можеби дури и најмногу од сите што седат на оваа маса. По правило, таа уживаше во ваквите состаноци, но во понеделниците за неа беше тешко да се ослободи од викенд-дремката, од пријатната опиеност на семејниот живот, од тоа мирно море во кое чамчето на нејзината свест најчесто спокојно се лулаше на брановите, со повремено бавно повлекување на кормилото – Лидија, немој – дури и плачењето на малечкото ѝ носеше задоволство, утешително задоволство, влажно – топлите образи потпрени на нејзиното рамо, брзото закрепнување, тага што за миг минува, дали таа, како мајка, ќе може да се сети на сето ова и по десет години? Што? О, прашањето е дали би било убаво да се поканат неколку холандски актери што ќе зборуваат за новата сезона на американската ТВ-серија. Кои? Бокма? Схолтен ван Асхат? Тешко е да се добијат и двајцата.
И се обиде да влезе во модус за извршување повеќе задачи истовремено.
Порано имаше момче што беше басист во рок-група. Се викаше Иан. Тој дома имаше направено студио, во чиј центар се наоѓаше старомоден магнетофон со две големи ленти. Го нарекуваше „Господин Осум Песни“ и едно попладне ѝ објасни како работи магнетофонот: дека самата лента е поделена на колони, патеки и дека секој инструмент има своја колона. Тој процес се нарекува „Метод за снимање повеќе звуци истовремено“. „Во професионалните студија често работат со дваесет и четири вакви машини, кои поврзуваат неколку различни примероци и ги синхронизираат. А потоа, секој дел од тапанот може да се постави во посебна колона, може да се снимаат различни гитари со поубав, полн звук, исто така може еден пејач да пее десет различни партитури, така што се создаваат хорови…“ Да, Иан лирски ја опишуваше својата звучна опрема. „Но, во ред, во денешно време повеќето студија работат дигитално. Со професионални и логички алатки и слични работи. Што значи дека во теорија голем број песни стануваат бесконечни и ограничени само од големината на харддискот и од степенот на вашите амбиции.“
Карис и Халина? Ќе биде убаво доколку барем една жена учествува во дискусијата. Зарем не треба да се вклучи и некој режисер или сценарист? Дик, кој зборуваше за филмовите и за телевизиските серии, со едната рака помина низ својата црвеникава коса, чешлајќи ја со прстите.
Промислени воздишки ја исполнија просторијата. Луксузни проблеми за аутсајдерот, живот и смрт за оние што имаат одреден краен рок, еден милион гледачи вечерва ги поставија своите очекувања пред малите екрани, па овие тука во Пентагон, во воениот суд, не само што мораа да одговорат на тие очекувања туку требаше и да ги надминат. Изненадувањето е половина од работата. Изненадување завиткано во позната декоративна хартија за подароци. Рециклираа многумина од своите гости, но секогаш на оригинален начин.
Иан веќе одамна беше исчезнал од нејзиниот живот и, за среќа, техниката на снимање за која зборуваше тој лежеше во рацете на Сервирано в скут, но принципот на извршување повеќе задачи истовремено отсекогаш постоеше кај неа: нејзината совест беше како музичката лента. По правило, нејзиниот активен мозок беше поделен на најмалку три песни – дома, работа и дигиталниот свет. Повремено се појавуваше и дополнителен дел: книга, филм и, на моменти, нејзините родители. Потоа, тука беше и минатото, категорија „општо“, која редовно евоцираше некоја песна. Иан: доколку во денешно време сè уште се занимава со музика, најверојатно работи со некој напреден софтвер за снимање на лаптоп. Господин Осум Песни стои на таванот полн прав. Тој е во некое големо студио, за кое отсекогаш зборуваше со толкава почит, а најверојатно магнетофонот го донирал во некој музеј. Иако постојат и луѓе што сè уште ја купуваат својата музика на винил наместо на mp3. Всушност, што е тоа mp3? Таа ја отвори интернет-страницата на Википедија: „Mpeg-1 слој 3 е начин за компресија на звук и затоа претставува изворна кодирана техника. Најчесто користената кратенка е mp3. Mpeg (Moving Picture Experts Group) претставува стандард од 1992 година, кој започнува да се применува од 1994 година. Музичката датотека во тој формат се нарекува mp3.“
Следна точка. Музика. Прстето на Клара кон Анабел. Дали тој кантри-хипхоп дует сега конечно ќе може да излезе накрај со сè што двете направиле една за друга? Анабел направи гримаса како да треба да најави нечија смрт. Пејачката имаше проблеми со гласот. По ѓаволите! (Клара.) Што да правиме? Да организираме замена? Дали ќе успееме за толку кратко време? Анабел однапред кимна со главата, ќе се обидам, знам некои луѓе што можам да ги повикам.
Еден студент на уметничка академија, во групата за цртање акти, би можел тука во редакцијата да си ја задоволи страста кон големиот број различни пози што човечкото тело може да ги изведе во седечка положба. Реј седеше наведнат нанапред, со лактите на маса; Мауриц почна да ги проширува до крајност можностите на ногалките на столот, симболично држејќи се за масата со палецот и показалецот; Валерија стоеше од десната страна во стилот на Менсендик, навалена нанапред; а Анабел беше задлабочена во својот телефон во потрага по замена, со очигледно спокоен став штом ги извадила чевлите и ги кренала нозете на столот. Нејзиниот сосед Кларенс зјапаше кон своите раце, кои исчезнаа под масата и со кои веројатно го користеше телефонот, седејќи со своето долго закривено торзо. Фреди, кој во меѓувреме сфати дека разговорот денеска нема да има никаков спортски елемент, се постави во речиси лежечка положба, ставајќи ги нозете врз некаков изгубен пивски сандак веднаш до својот стол.
Доколку преку разговор целосно го разгледаат она што ќе се емитува вечерва, секако ќе следува понеделнички распоред на инвентарот за наредниот период. Кој каде седи? Левиот показалец на Клара правеше кружни движења околу масата, се задржа на лицето што зборуваше, со десната рака запиша нешто во бележникот и со показалецот на другата рака покажа кон следниот говорник. „Добро, Кларенс, кажи што имаш?“
Кларенс. Правни вести. Го прелистуваше мобилниот телефон и се почеша по блескавата брада. Само да погледне… Точка за законот за приватност. Нешто со министерот за правда. И да, за следниот петок се планира пресуда за случајот Нико С. „Штиклирано.“ Клара пречкрта нешто во својот бележник. „Тоа е важно. Ќе мора да сториме нешто во врска со тоа.“
„Во секој случај, јас размислував за адвокатите на осомничените и на О. М.“
„Добро ми звучи тоа да не го правиме чисто правно“, сугерираше Моник (вести од државата). „Сакам да кажам, адвокатите во тој случај не се некои видни типови. Може да биде многу суво.“
Кларенс воздивна. „Тоа е многу сериозен предмет.“
„Можеби да викнеме неколку експерти на дискусија? Аурели, што мислиш? Некој психијатар или нешто такво? Форензички психолог?“
„Да, може“, рече Аурели и во својот ум веќе ја разгледуваше базата на податоци за психолози и психијатри.
„Или некој вистински педофил?“, рече Клара, без да погледне во својот бележник. „Некој од таа група, како се викаше…“
„Мартајн“, рече Кларенс.
„Мартајн, да.“
„Видов дека нешто ќе се случува овој викенд во… како се викаше тој весник, чекај…“ Реј зеде едно купче со весници и почна да ги прелистува.
Показалецот на десната рака на Аурели брзо се движеше по екранот на телефонот. Контакти: сексолог – премногу општ. Еден форензички психолог – хм, главно се занимава со случаи на убиства, колку што знае таа… кој друг? што всушност бара таа? Сè уште не заврши со кликањето, сепак таа не е на состанокот, субјектите се врткаат низ неа, околу неа, надвор од неа. Кафе, мора да се напие кафе. Имаше едно нејасно чувство на непријатност од кое цело утро не можеше да се ослободи, уште од моментот кога стоеше под тушот и кога одненадеж беше апсолутно убедена дека има и некој друг во бањата, некакво присуство од другата страна на завесата во кадата. Не е Филип, не е Лидија. Неколку секунди се двоумеше: да ја повлече завесата или не? Четката со која си го миеше грбот ја држеше во едната рака, а со другата рака ја повлече завесата. Немаше никого. Се слушна смеење со самообвинување. Идиотка. Требаше да се видиш како изгледаш. Гола и вооружена со четка. „Еве, го најдов.“ Реј со дланката удри по весникот Фолкскрант што лежеше пред него. „Мора да слушнете.“