Беседа на Лидија Танушевска за добитникот на „Златниот венец“ на СВП за 2018 година

Не сум поет и не сум величина за да зборувам за една таква поетска величина каква што е Адам Загајевски, но ми претставува особена чест и задоволство што Организаторите на овогодинешните Струшки поетски вечери ме поканија и ме вклучија во овој, за мене, исклучителен и важен настан.
Поезијата е национално богатство на Полска. Заедно со слободарските идеи и борбеноста таа е една од работите кои ги прават Полјаците горди. Полската поезија го пречекорува локалниот културен хоризонт и оди во чекор со развојниот ритам на светот, притоа не занемарувајќи ја сопствената поетска традиција. Почнувајќи од најстарите развојни етапи на полската поезија, од Јан Кохановски, како втемелувач на полскиот литературен јазик и најголемиот словенски поет до XIX век, преку големиот Адам Мицкевич, романтичарскиот словенски и полски бард, преку Норвид, Тетмаер, Лешмјан , па сѐ до нобеловците Чеслав Милош и Вислава Шимборска, како и претходниот полски лауреат на Струшките вечери на поезијата Тадеуш Ружевич, и уште многумина други, Полска дава огромен придонес во збогатувањето на светската поезија и отворањето нови перспективи во нејзините меандри. И има со што да се гордее, како што се гордее и со ова признание на извонредниот поет Адам Загајевски.
Адам Загајевски пишува поезија и есеистика во духот на филозофската и културната ерудиција, а неговата лирика со сигурност може да се опише со категориите на современиот класицизам. Наместо јазични игри се служи со т.н. „семантичка прозрачност“, бидејќи самиот смета дека најважната одлика на поезијата е смислата, а не обликувањето на јазикот. Затоа кај него нема ни неологизми, ни јазични каламбури. Восхитува како бранител на високиот стил, како поет на културата и сеќавањето, како континуатор на полската школа на поезија, односно нејзиното „десничарско“ крило, чии патрони се Милош и Херберт. Неговите стихови се одликуваат со заокруженост, чистота и спокојност. Адам Загајевски, со сигурност е еден од најистакнатите полски современи поети, признаен есеист, романописец и преведувач, лауреат на многу престижни награди. Неговата поезија одамна се чита во најразлични краеви на светот. А сепак, тој е поет кој никогаш и никаде не се почувствувал дома, секогаш се чувствувал туѓо во секое место, во секој град, како што вели во песната „Во туѓите градови“: „радоста непозната,… сонцето… не постојат за мене,… дури ни страдањето не е до толку многу мое…“.

Поетот знае дека каде и да се пресели, ќе живее во извесна внатрешност, во јазикот на детството, во детските спомени. Пишувајќи за различни места, ќе рече: „градовите се видливи модели на човечкиот колектив, кој има две димензии: она што е видливо и она што е невидливо. Архитектурата на градовите секогаш останува во врска со духовноста на луѓето што живеат во нив“. Многу важна улога во неговата поезија игра тајната впишана во доживувањето на современиот свет, како што вели Загајевски „…само духовните работи се навистина интересни. Но речиси е невозможно за нив да се зборува – бидејќи се проѕирни како муслин. Може само да се зборува за луѓе и за предмети – и тоа така што ќе фрлат сенка“. Она што навистина е интерес на поетот Загаевски е: „сплотувањето на историскиот со космичкиот свет, оној неподвижниот, односно подвижен, но со сосема поинаков ритам. Никогаш нема да знам како успеваат да постојат еден покрај друг. Тие се во конфликт и се надополнуваат – е, дури тоа е нешто за што вреди да се размислува“. А за пишувањето и што тоа нему му значи има кажано: „Во најдобрите денови пишувањето, полно енергија и радост е речиси создавање на на самиот себе, дава необично чувство на владение над сопствениот живот, редефинирање на самиот себеси… Во нешто послабите денови пишувањето е борба со депресијата. Во сосема тешките денови тоа е веќе само обид да се спасиш себеси“.
Добро е што полската поезија го има Адам Загајевски. Неговиот бел стих, длабок и рафиниран, насочен кон читателот, допира до многу луѓе ширум светот. Тој е амбасадор на полската поезија и тоа онаа, како што велат Полјаците, од „највисоката полица“. Денес Загајевски е, пред сѐ, поет на убавиот, импресионистички и симболичен израз, преку кој сака да ги дофати различните аспекти на човековиот бит. Самиот ќе рече: „да се замислиме зошто некои стихови не ги прифаќаме? Во тоа има еден чисто ирационален елемент. Едноставно – некои стихови не нѐ погодуваат и не можеме тоа да го објасниме на научен начин. Јас се обидувам да разговарам со современоста, но сепак, не се согласувам со нејзиниот диктат, бидејќи знам дека таа е тиранин. Еден благ тиранин, кој не убива, туку успива“. Загаевски, поетот, денес не е веќе бунтовникот на „Новиот бран“, туку портретист на големината и на ништожноста на светот, свесен за човечката кршливост во него. Но, Загајевски, човекот, во овие бурни времиња сѐ уште има волја и сила да ги брани либералните вредности.
Како што реков на почетокот дека не сум поет и моите зборови за големиот поет се мали и ништожни, впрочем, тој самиот сѐ кажал и многу поголеми личности од мене кажале за него, така на крајот би сакала да завршам со тоа што сум – преведувач и би сакала да кажам два-три збора за преводот на поезијата на Адам Загајевски кај нас. Поезијата, воопшто, се смета за непреводлив елемент. Потешка е за преведување од прозата, бидејќи има специфична форма и начин на кој се пренесува смислата. Кога се вели непреводлив, не се мисли на тоа дека не може да се пренесе, вака или онака, на кој било друг јазик, туку на тоа дека секој препев е одново создавање поезија, одново творење, одново читање на веќе познатото. Затоа, поезијата на Загајевски на полски и поезијата на Загајевски на македонски можат да бидат две сосема различни работи, но и двете убави.

Како што беше кажано, стилот на Загајевски е конкретен, чист, проѕирен, нема јазични игри, двосмислености, неологизми, но има замки во кои препејувачот може да се ничкоса. Па, затоа му честитам на препејувачот на Загајевски на македонски јазик, Звонко Димоски, бидејќи тоа е исклучително макотрпна работа и воедно, им честитам и на сите други кои се обиделе да го препејуваат на македонски. Меѓу најмладите се и моите студенти на втора година полонистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, па со нивниот препев и би го заокружила ова излагање, бидејќи со најмладите поезијата на Загајевски истовремено останува млада, но и уште постара. Ќе прочитам неколку стиха од „Кинеската песна“ на Загајевски, кои се однесуваат токму на наградите, како оваа за која станува збор вечерва:
Поетите им придаваат големо значење
на успесите и наградите,
но секоја следна есен
ги соголува гордите дрвја
и ако нешто остане,
тоа е нежниот шум на дождот
во песните кои не се
ни радосни, ни тажни.
Само чистотата е невидлива
и ноќта, кога сенката и светлината
нѐ забораваат за миг,
зафатени со мешање на шпилот тајни.

Препевот е на Томи Кариќ и Никола Коцев.