Песок во косите

Месечината нафрлила сребрен вел над морскиот предел, извиткан во песочен срп и леко издаден кон далечината. Ветрецот ги повива трските што растат наблизу, во рамномерни, благи удари според ритамот што им го дава тивкиот шум на брановите. Морето те милува по стопалата додека влажниот песок тивко крцка под твоите чекори. Дишеш со рамномерните ритми на стивнатиот предел. Ги одминуваш трските и запираш. Месечината има удвоен лик. Еден на летното небо и друг што полека, исчекувајќи, чекори покрај тебе. Не зборуваш. Чувствуваш, претворен во сетило. Ја чувствуваш нејзината рака спуштена на твоето бедро, и не знаеш стежнува врз него опуштеноста или нејзиниот прв стисок. Прстите ти се лизнуваат по нејзината кожа, топла од сончевината и од солта впиена со денови, примена во ритуалот на летното враќање назад, кон морето. Топло испарува летната ноќ низ нејзината кожа.
Не издржуваш повеќе, застануваш и ја припиваш кон себе, додека таа ѕури, исчекувајќи, кон тебе, подавајќи ти се со погледот во кој отсјајува една чудна врела месечина. Се нурнуваш во неа и наскоро снемува сѐ. Губиш сетило за стивнатите минувачи, двојки дојдени тука, на прикрајокот од стивнатата плажа, да го побараат истото што ете конечно го наоѓаш и ти.

Се прпелкаш по песокот, еден занес, еден здив, едно тело. Измачено од зрнцата што се збодинаат по топлите стемнети кожи послани по песокта. Ја чувствуваш топлината впиена од сонцето на одамна одминатиот ден. Просторот губи димензии. Не ги слушаш брановите. Само сопствените дамари што шумолат во големи, сѐ посилни напливи. Се отвора ноќта. Месечината се ничкосува. Ве снемува еден во друг. Надоаѓа морето и те преплавува. Солта и сладоста се измешуваат. Влегуваш во топли длабочини. Зашеметен лулееш во длабоките топли води. Потоа се повлекува, ненадејно и страстно како и што нарасна. Месечината полека се враќа на своето место, само што сега пламти со топол сјај. На нејзината светлина едвај забележуваш: набрекнато тело што се прпелка по песокта, завлегуваш во игра што има почеток и крај, но тече одново и одново, во магијата на ноќта која не престанува да посипува топло сребо по светнатите кожи. Твојата и нејзината. По кожите „на сите љубовници на таа иста плажа распрпелкани во истата страст како риби на суво, во ритуалот на опсипувањето од врелото ѕупкаво сребро на страста. “
Се будиш, како од еден сон. Години подоцна. Неспокоен среде ноќта ја преоткриваш месечината. Но таа што светеше и тогаш. Во себе одново чувствуваш море. Она истото што шумоли во тебе со своите рамномерни, навестувачки, далги на неспокојот кој никогаш нема да биде ист. Како во огромна школа на времето, ги слушаш далгите што бијат со истиот возбудлив екот. Во тебе одново топло дише една ноќ. Ѕуриш во ноќта. Го гледаш пределот. Далечни скудни светла. Морето е повлечено. Месечината повторно е иста. Се присилуваш да заспиеш. Можеби ќе смогнеш.
Преминуваш со раката по косата, а под прстите, чувствуваш ли, сепак – зрнца од топол посребрен песок.