Лисица

1.

Навистина, како настануваат приказните? Верувам дека тоа прашање си го поставуваат многу писатели, иако повеќето го избегнуваат одговорот. Зошто? Можеби затоа што не го знаат одговорот, а можеби и затоа што се плашат да не се однесуваат како оние лекари што во разговор со пациентите користат исклучиво латински називи (навистина, таквите ги има сè помалку!), за над пациентот да остварат предност (која и онака ја имаат) и да го задржат во инфериорна положба (во која пациентот вака или онака секако се наоѓа). Затоа, писателите попрво ќе слегнат со рамената и ќе им остават на читателите да веруваат дека приказните растат како плевел, што можеби е и подобро. Имено, од книжевничките размислувања на таа тема би можело да се состави пообемна антологија на бесмислици. И, колку поочигледна е бесмислицата толку поголем број почитувачи има нејзиниот автор, како оној славен писател што упорно повторува дека епифаниски момент за него, во таа креативна смисла, бил еден безјбол-натпревар. Кога бејзбол-топката полетала во воздухот, него го погодило спознанието дека е – романописец! Штом се вратил дома по натпреварот, веднаш седнал на работната маса и оттогаш не престанува.

Рускиот писател Борис Пилњак ја започнува својата „Приказна за тоа како настануваат приказните“ (притоа текстот има едвај десет страници) со реченицата дека во Токио, при случајна средба, го запознал писателот Тагаки, за кого некој му рекол дека се прославил со романот во кој опишува „европска жена“, Русинка. Тој Тагаки би „изветреал“ од паметењето на Пилњак доколку тој во јапонскиот град К., во архивата на советскиот конзулат, не ја видел молбата од Софија Василевна Гнедих-Тагаки, која барала репатријација.

И потоа, што се случило потоа? Домаќинот земјак на Пилњак, другарот Џурба, секретар во советскиот конзулат, го води Пилњак на планината над градот за да му го покаже храмот на лисицата. „Лисицата е отелотворување на лукавоста и на измамата. Ако духот на лисицата се всели во човек, родот на тој човек е проколнат. Лисицата е тотем на писателот“, пишува Пилњак. Храмот е сместен во темнината на кедрово дрво, на карпа што се спушта во морето, а на олтарот на храмот се одмораат лисици. Оттаму пука поглед на планински венец и на океан и е необично тивко. Таму, на тоа свето место, Пилњак размислува за тоа како настануваат приказните.

Јапонскиот храм на лисицата и автобиографијата на Софија Гнедих-Тагаки (која другарот Џурба му ја дава на писателот на читање) го поттикнуваат Пилњак да напише приказна. Софија завршила гимназија во Владивосток и се вработила како учителка, но само додека „не ѝ се појавил додворувачот“ (коментар на Пилњак); таа била девојка „какви што во стара Русија имало илјадници“ (коментар на Пилњак); „приглупа како поезија, како што и ѝ прилега на некоја од осумнаесет години“ (коментар на Пилњак). Женските биографии во Русија биле слични „како јајце на јајце: првата љубов, губење на невиноста, среќа, маж, дете и многу малку од другото“. Биографијата на Софија му станува интересна на Пилњак дури во моментот „кога бродот испловил на пристаништето Цуруга – необична и кратка биографија, која ја издвоила од илјадниците биографии на провинциските руски жени“.
Како воопшто оваа млада жена од Владивосток се нашла на бродот што патува за Цуруга? Служејќи се со елементи од автобиографијата на Софија, Пилњак вешто го доловува нејзиниот живот во Владивосток, во дваесеттите години на минатиот век. Софија изнајмува собичка во куќа во која престојува и јапонскиот офицер Тагаки. За него се зборувало, пишува Софија во својата кратка автобиографија, дека „се тушира двапати дневно, носи свилена облека и навечер облекува пижами“. Тагаки зборува руски, но наместо „л“ изговара „р“, што звучи смешно, особено кога наглас чита поезија од своите омилени руски поети („Ноќта мирисара…“).

Иако, според законите на јапонската армија, јапонските офицери не смееле да се женат со странки, Софија и Тагаки набргу се свршуваат, „на тургеневски начин“.
Пред да отпатува во Јапонија – зашто во Владивосток наскоро ќе се натрупаат Руси – Тагаки ѝ остава на Софија инструкции и пари за да може да отпатува по него.
Софија патува од Владивосток во Цуруга, каде што јапонската погранична полиција ја задржува и ја испрашува за нејзината врска со Тагаки. Таа признава дека се свршени. Полицијата го приведува и Тагаки, му предлага да ја раскине свршувачката и да ја врати Софија во Владивосток, но Тагаки го одбива тоа. Наместо тоа, тој ја качува Софија на воз за Осака, каде што ќе ја пречека неговиот брат и ќе ја одведе на село, во куќата на неговите родители, а самиот се става на располагање на воената полиција. Случајот набргу ќе биде разрешен во корист на Тагаки: додуша, тој засекогаш ќе биде исфрлен од војската и осуден на две години прогонство, но ќе добие дозвола да ја издржува казната на село, во куќата на неговите родители, „потоната во зеленило и во цвеќиња“.

Младенците го поминуваат времето во слатка осаменост. Нивните ноќи се исполнети со бурни телесни страсти, а деновите со мирно секојдневје што не е нарушено од ништо. Тагаки е љубезен, но молчалив, деновите ги поминува затворен во својата работна соба.
„Таа го сакала и го почитувала својот маж и се плашела од него: го почитувала затоа што бил семоќен, благороден, молчалив и образован; го сакала и се плашела од него поради страста што ја пустоши душата, ја потчинува и слабата волја, нејзината, не неговата“, пишува Пилњак. Па, сепак, иако за својот маж не знаела многу, Софија била целосно исполнета со среќа во заедничкиот живот. Кога прогонството на Тагаки официјално завршило, младиот пар останал да живее на село. А потоа во осаменоста на нивниот живот се натрупуваат новинари, фотографи, луѓе… Така Софија ја открива тајната за секојдневното повлекување во работната соба на нејзиниот маж: Тагаки во тие две или три години напишал роман.

Романот на Тагаки не била во состојба да го прочита, иако во тоа време веќе знаела понешто на јапонски. Го молела да ѝ каже нешто за романот, но тој го избегнувал одговорот. Благодарение на големиот успех на романот, нивниот живот се променил; сега имале слуги што го приготвувале оризот и приватен шофер, кој Софија често ја возел до блискиот град на купување. Таткото на Тагаки „ѝ се поклонувал на жената на синот со поголема почит отколку таа нему“. Софија почнала да ужива во славата на својот маж.

Содржината на романот ја открила кога ги посетил „новинар од престолнината“, кој зборувал руски. Тагаки целиот роман ѝ го посветил нејзе, опишувајќи го секој момент што го поминале заедно. Испаднало дека тој новинар ја довел пред огледало на кое „се огледала самата себеси оживеана на хартија, и не е важно што во романот со клиничка прецизност било опишано како се грчела во страста и во метежот на животот; стравот, нејзиниот страв, започнал по тоа. Сознала дека сè, целиот нејзин живот бил материјал за набљудување, дека маж ѝ ја демнел во секој момент од нејзиниот живот: тука започнал нејзиниот ужас, било тоа сурово предавство на сè што имала.“

Пилњак тврди, а наше е дали ќе му веруваме, дека оние делови од автобиографијата на таа „приглупа жена“ што се однесуваат на детството, на гимназијата и на Владивосток се сосема неинтересни, додека за опишување на деновите поминати со мажот таа успеала да најде „вистински, големи и едноставни зборови“. Сè на сè, Софија „ги напуштила звањето ’жена на познат писател‘, љубовта и возбудливоста на јасписните времиња“ и побарала да се врати во татковината, во Владивосток.

И, што се случило потоа? Тоа е сè.
„Таа ја изживеала својата автобиографија; нејзината биографија – за тоа дека е потешко да се помине низ смртта отколку да се убие човек – ја напишав јас. Тој напишал прекрасен роман.
Не е мое да судам за луѓето, моја работа е да размислувам, најмногу за тоа како настануваат приказните.
Лисицата е отелотворување на духот на лукавоста и на измамата. Ако духот на лисица се всели во човек, родот на тој човек е проколнат. Лисицата е тотем на писателот.“
Дали Тагаки навистина постоел, дали Софија постоела – тешко дека можеме да знаеме. Во секој случај, при читањето на оваа мајсторски напишана приказна, на читателот ниту во една секунда не му паѓа на памет дека приказната би можело да биде исконструирана; дека и рускиот конзулат во градот К., и приказната за Софија, и нејзината молба за репатријација и писателот Тагаки – се измислени. Читателот останува погоден од стопроцентната вистинитост на приказната, од силата на кратката биографија, која се состои од две предавства: едното што кон Софија го направил писателот Тагаки; и другото, кое, повлечен од истиот создавачки импулс, го направил писателот Пилњак.