За Елоиза

  • Реконструираната биографија во романот „Враќањето на зборовите“
  • Го одбрав токму овој роман затоа што е заснован на заборавена биографија. Биографијата, како жанр е опис на животот на една личност, па кога ние не би го знаеле хипотекстот, тогаш и овој роман би ни личел на вистинската биографија, затоа што Смилевски речиси незабележително го реконструира минатото и врши симулација на нивните животни приказни притоа до некоја мера, придржувајќи се до вистината.
    Сите ние сме слушнале за големиот теолог и философ од 12-от век – Пјер Абелар, но колку знаеме за Елоиза – неговата тајна жена. И дали нејзината судбина е помалку важна? Историските жени се во сенката на историски големите мажи. Како женски ликови тие сe во преден план. Нивните животи, историјата ги засенила за сметка на некои други навидум поважни, но Гоце Смилевски, со својата имагинација и малку познатите записи за нив, одлучува да им ги реконструира биографиите и на таков начин да ги исправи неправдите нанесени од минатото.
    Интересно е што историографијата опишува познати личности, кои се моќни и важни за историјата, а документираните докази секогаш содржат далеку повеќе информации за таквите ликови отколку за подзаборавените, маргинални, каква што е токму оваа жена во романот на Смилевски. Смилевски создава псевдобиографии, па помеѓу датумот на нејзиното раѓање и смрт, вметнува цел еден живот, полн со тага, болка, тегобност. Живот – симулакрум. Симулакрумот се темели на реалните податоци за нивните животи, потоа Смилевски додава “лажни“ и сликата која се создава е толку уверлива, дури е и поверна од оригиналот што го означува. Симулакрумот има толку голема моќ, што дури и не се поставува прашањето: дали сето тоа е вистина и која е вистината?
    Во записите за неа нема опширни податоци, што остава простор за многу повеќе имагинација на авторот. Како некое платно кое е бело и има само некои точки кои тој може како сака да ги поврзи а потоа и да ги обои. Смилевски тоа и го прави.
    Овој текст има за цел да покаже како Смилевски ја врши реконструкцијата на минатото, во која смисла неговиот роман „се држи“ до реалните податоци за животниот пат на Елоиза и до која мера прави псевдобиографија, како тој создава една нова реалност, нов свет кој е крпеница (patchwork) од многу ликови, чии биографии се недоволно познати, па авторот само зема референци, а просторот меѓу нив го пополнува сам.
    Со помош на книгата „Што е историјата?“ од Едвард Халет Кар, дојдов до неколку заклучоци за историските факти. Па, според него, најефикасен начин да се повлијае врз нечие мислење е да се направи добар избор и аранжман на соодветни факти. Порано се велело дека фактите зборуваат за себе, но според него ова не е точно. Фактите зборуваат само тогаш кога историчарот ќе ги повика: тој е оној што одлучува на кои факти ќе им даде збор, и по кој ред и во кој контекст. Историчарот мора да е селективен. Сликата за средновековниот човек како длабоко религиозен е неуништвлива, зашто речиси сите факти што ги знаеме за него се избор на луѓе кои верувале дека тој е токму таков, или сакале другите да веруваат во тоа, а многуте други факти, во кои можеби ќе можевме да најдеме докази за спротивното, се неповратно изгубени. Професорот Бараклаф, истакнат стручњак за средниот век рекол: „Иако е заснована врз факти, историјата што ние ја читаме, строго земено воопшто не е фактичка, туку е во суштина низа на прифатени судови“. (според Кар 2001: 16). Односот меѓу историчарот и фактите со кои располага е однос на еднаквост, на давање и земање. Како што на секој активен историчар му е познато, дека ако додека пишува за миг застане за да размисли за она што го прави, веднаш ќе биде вовлечен во еден долг процес на дотерување на фактите за да одговараат на толкувањето што го дава, но и на дотерување на толкувањето за да му одговара на фактите. Едноставно е невозможно да му се даде предност и на едното и на другото. Историчарот е дел од сегашноста, а фактите му припаѓаат на минатото. Историчарот и историските факти се во однос на заемна неопходност. Историчарот без факти е без корен и без цел; фактите без историчар се мртви и бесмислени. Затоа на прашањето – Што е историјата? Едвард Халет Кар одговара деја историјата е континуиран процес на интеракција меѓу историчарот и фактите со кои тој располага, еден бесконечен дијалот меѓу сегашноста и минатото.

    Историографска метафикција

    „Историографската метафикција е вистинскиот избор за оние што трагаат по интелектуална тежина, која ќе ги доведе нивните романи на универзитетските листи на дела за читање или на листата потенцијални добитници на книжевни награди.“
    Марк Кари, „Постмодерни наративни теории“

    Терминот историографска метафикција е жанровска кованица промовирана во студијата „Поетика на постмодернизмот: историја, теорија, фикција“ (1988) од канадската компаратистка Линда Хачион. Историогафската метафикција создава основи за преиспитување и за преработка на формите и содржините од минатото. Историографската метафикција произлегува од клучните промислувања на постмодернизмот и претставува пресек од фикцијата, историографијата и теоријата на книжевноста, па еднакво го засегнува вниманието на писателот, на читателот и на теоретичарот, затоа што како своевиден постмодернистички континуитет на историската проза, тензично сопоставувајќи ги фактичкото и фикциското – произлезено од „онтолошкиот судир помеѓу фикционалниот свет на романот и историскиот факт на реалниот свет“ (Ѓорѓиева, 2008: 43) – овој тип романи покажува дека да се мисли историски, значи да се мисли критички и контекстуално.
    Патриша Во во нејзиниот текст „Што е мета-фикција и зошто за неа велат ужасни нешта“ преземен од книгата „Metafiction (The Theory and Practise of Self-Conscious Fiction)“ (London and New York: Routledge, 1984) кажува дека мета-фикцијата е термин со кој се означува прозното творештво кое самосвесно и систематски го свртува вниманието кон својот статус на артефакт, со цел да постави прашања за врската меѓу прозата и стварноста. Остварувајќи критика на сопствените методи на конструкцијата, таквите творби не само што ги испитуваат темелните структури на наративната проза, туку исто така ја истражуваат можноста „фикционалност“ на светот надвор од читературниот прозен текст. Треба да се испита врската меѓу светот на прозата и светот надвор од прозата или врската меѓу животот и фикцијата како и фактите. Ваквите романи се трудат да создадат алтернативни лингвистички структури или фикции кои само би ги имплицирале старите форми, поттикнувајќи го читателот да ги искористи своите знаења за традиционалните литературни конвенции при битката за создавање значење на новиот текст. (Андоновски, 2007: 176)
    Постмодернистичката фикција сугерира дека одново да се напише минатото во фикција или во историја, значи тоа да се отвори спрема сегашноста; всушност, обид да се реисторизираат – а не да се деисторизираат – уметноста и теоријата, при што воедно се употребуваат и се злоупотребуваат модусите на историографијата. (Хачион, 1996: 370)

    Многумина противници на современата размисла на историското проучување согледуваат и нешто што го сметаат за исчезнување, па и за смрт на историјата, а тоа според Фуко, всушност, претставува исчезнување на оној облик на историјата, кој потајно, но целосно упатувал на синтетичкото дејствување на субјектот; тоа што се оплакува е „онаа идеолошка употреба на историјата со помош на која човекот се обидува да го врати сето она што веќе над еден век непрестано му се измолкнува“ (Фуко, 1998: 20). Историјата што се сметала за цврста и што била сакрализирана, претставувала последно засолниште на антрополошката мисла, но историчарите веќе „одамна ја напуштија таа стара тврдина и отидоа да работат на друго место“ (Фуко, 1998: 20).
    Во 19 век, непосредно пред подемот на научната „историја“ на Ранк, книжевноста и историјата се сметале како гранки на исто научно стебло. Подоцна доаѓа до нивно раздвојување и сега постојат како посебни дисциплини на книжевно и историско учење. Меѓутоа, токму таква раздвоеност помеѓу книжевното и историското, сега е предизвикана во постмодерната теорија. Неодамнешните критички читања на историјата и фикцијата, се фокусирани на она што е заедничко помеѓу овие два начина на пишување, наместо на разликите. Се смета дека тие, својата сила ја изведуваат повеќе од веројатноста, отколку од некаква објективна вистина. Како и поновите теории врзани за историјата и фикцијата, овој тип романи бара од нас да се потсетиме дека историјата и фикцијата самите по себе се историски поими и дека нивните дефиниции и меѓуодноси се историски одредени и временски променливи. (Хачион, 1996: 178-179)
    Интеграцијата на историското и фантастичното, особено во склоп на еден лик, ја зголемува онтолошката колебливост, овојпат помеѓу натприродното и историски реалното. Многу од историските фантазии имаат натприродни ликови или настани (кои го менуваат вистинскиот облик на оној што што ни е познат или што сме го искусиле) – во овој случај во иста мера се видоизменува реалноста во романите.
    Историјата се фикционализира од страна на постмодернистите и за да се имплицира дека можеби самата историја е облик на фикција. Мекхејл смета дека фикцијата (фантастична, апокрифна или анахрона) може да конкурира за доаѓање до историската вистина заедно со официјалниот запис. Во овие ревизионистички романи, историјата и фикцијата си ги менуваат местата, историјата станува фиктивна, а фикцијата станува вистинска историја. (Стојановски, 2015: 36)
    Да се чита книжевен текст како вистина, според Хачион значи „да се чита како нелитературен текст“ (Hutcheon, 1981b: 95), па следствено на тоа, секој литературен текст е невистина, зашто поинаку не би бил литература. Таа додава дека во фикцијата не смее да се мешаат фикцискиот референт и означеното, затоа што фикцискиот референт „лежи надвор од лингвистичкиот знак и во имагинацијата на читателот“ (Hutcheon, 1981b: 95) (цитирано од Стојановски, 2015: 56). Давор Стојановски во својот магистерски труд заклучува дека романот нема одговорност за реалноста. (Стојановски, 2015: 56)
    Хачион кажува дека односот помеѓу историографското и метафикционалното, во прв план го поставува отфрлањето на барањата за „автентично“ претставување и „неавтентично“ имитирање. Но вистинската смисла на уметничката оригиналност е поттикната исто така силно, како и снажната проѕирност на историската референцијалност.
    Постмодерната фикција сугерира дека пре – испишувањето или претставувањето на минатото во фикцијата или во историјата, во двата случаи, значи истата да биде отворена кон сегашноста. Минатите настани можат да бидат изменети. Историјата – повторно напишана. Тукушто откривме дека тоа, исто така, важи и за вистинскиот свет. За стварноста. А можеби вистинската историја на светот постојано се менува? А зошто? Затоа што историјата е фикција. Тоа е сон на човековиот ум, вечен стремеж кон совршенството.
    Книжевноста не е дискурс којшто мора или може да биде точен, таа е дискурс, којшто, всушност, не дозволува да биде проверуван од вистинитоста; Таа не е ниту вистинита, ниту лажна и нема смисла да се поставува тоа прашање: тоа е она што го одредува самиот нејзин статус како „фикција“. (Тодоров, 1981a: 18 цитиран од Хачион, 1996: 185)
    Јулија Крстева покажува амбивалентен однос кон постоењето на субјектот. Таа верува дека писателот „како пишувачки субјект“ се вметнува во својот текст откривајќи го на тој начин своето постоење како некој Друг и различен, чиј идентитет едноставно преминал од некој претходен корпус. Тоа покажува дека писателот е најпрв читател на текстови, дека пишувањето е секогаш само повторно пишување, безгранично враќање кон постапката со која се пронаоѓаат туѓу зборови во зборот, туѓи текстови во текстот, едно бескрајно плетење на испресечените текстуални нишки. Така, Смилевски пред да ги напише овие романи, мора прво да ги прочита сите зачувани факти поврзани со темите за кои пишува и пред да влезе во улогатана писател, прво да биде истражувач и читател.
    Мета-романите ја отфрлаат традиционалната фигура на авторот како транцедентна имагинација која преку крајно монолошки дискурс фабрикува структури на поредокот кои ќе го заземат местото на заборавениот материјален текст на светот. Тие не само што покажуваат дека „авторот“ е поим произведен со помош на претходни и постоечки литературни и социјални текстови, туку и дека она општоземено се смета за „реалност“ исто така е конструирано и посредувано по сличен модел. „Реалноста“ во таа смисла е „фикционална“ и може да биде сфатена низ адекватен процес на „читање“. Дејвид Лоџ покажува дека „историјата, во философска смисла може да биде фикција“. Како читатели на романи, очекуваме од фикцијата да ни понуди когнитивни функции, да нè лоцира во секојдневието по ист начин како што нè лоцира во философски парадигми, да го објасни историоскиот свет по ист начин како што треба да ни понуди извесна формална удобност и сигурност. (Андоновски, 2007: 191)
    Историјата е моќен мит, можеби последниот мит покрај несвесното. Тоа е мит врз кој истовремено се зановаше можноста за едно „објективно“ поврзување на настаните и на причините и можноста за едно наративно поврзување на дискурсот. Времето на историјата, ако можеме да кажеме е и времето на романот (Бодријар, 2001: 67). Стварноста е само прикриена. Симулацијата го поставува прашањето на разликата помеѓу „вистинското“ и „лажното“, меѓу „стварното“ и „имагинарното“.
    Ангелина Бановиќ-Марковска во својата книга „Хипертекстуални дијалози“, пишува дека ако нашето знаење на светот го стекнуваме, со посредството на јазикот кој реферира на некој друг јазик, тогаш фикцијата – светот целосно конструиран од јазик – се претвора во урнек за конструирање на стварноста. И само ако сме во состојба да го сфатиме тоа, ќе бидеме подготвени да прифатиме дека не можеме да ја опишуваме стварноста, оти таа е непреставлива: сешто може „да биде претставено“ е само нашиот дискурс за светот кој нè окружува. (Бановиќ-Марковска, 2004: 118) Сè е веќе фантазма, автентичноста и оригиналот не постојат. Симулакрумот стана оригинал. (Бановиќ-Марковска, 2004: 120.) Оперирајќи со буквите како најапстрактен просторен елемент, пишувањето ја претворило мимесата во највисоко совршенство, „совршенство“ кое веќе ништо не имитира, кое е специфичен „самороден симулакрум“? Тогаш, дали би допуштиле некому, па макар станувало збор и за Платон, да го потцени она што денес, во најрадикална смисла на зборот, се нарекува пишување? (Бановиќ-Марковска, 2004: 127)