Деветто издание на МакеДокс

Бројот девет е бројот на мудроста, универзалната љубов, на судбината, вечноста, ангелите, универзалнните духовни закони, вистината, стрелците, се смета за магичен број, женски и интровертен. Вибрира со креативност, сензибилност, мистицизам и внатрешна мудрост, високи идеали, ексцентричност, визионерство, генијалност, неконформизам. Тоа е свет број на Питагорејците, број на исполнување и број на Брама, креаторот на сè,… сè саде убаини. И сè тоа ние треба да понудиме, и да се знае – на деветтото издание на МакеДокс, имаме од сè тоа по нешто.
Девет години беа потребни една наковална да падне од небото насред Куршумли ан и да донесе небесни ѕвезди на платното.
Во деветиот циклус се учи да се каже не, и да се следи внатрешниот глас, интуицијата, разбирањето и сочувството.
А годинава имаме слабост кон музика и песна, тоа е нашиот полски грев. Иднината почнува денес, не утре. Бидејќи заокружуваме циклус од едноцифрени изданија, имам разноразни делиции, од избор на филмови, работилници, единствена фотографска изложба, каде се прикажуваме себеси, во едно бескрајно интимно светло, до магичните муабети под смоква, и секако, музика. Ве каниме, да ни се придружите уште на загревањето, на излетот до Полска во нашето срце, па преку отворањето, до крај на ова магично, јубилејно издание.