(. . .)

  • Кон делото „Снег за двајца“ од Лилјана Дирјан
  • Најголемиот дел од времето додека се подготвував да го пишувам овој текст, прв за Лилјана Дирјан и за која било нејзина книга воопшто, го поминав речиси во гласна размисла каков наслов да му ставам. Како да не можев да пишувам без наслов, како да не можев да го започнам текстот на чиешто пишување двете чекавме толку многу години. Јас дури и 6 месеци подолго, откако таа почина. Сакав да најдам наслов во кој совршено ќе се слеат и „Снег за двајца“ и целиот наш приватен и книжевен однос. Но сето ова има и опачина. Учествувајќи во подготовката на неколку нејзини книги, ѝ се бев соочила со исклучителниот творечки однос кон насловувањето. Таа долго трагаше по вистинскиот наслов, понекогаш дури и сосем подготвените книги за печат чекаа и чекаа, пробивајќи ги сите можни рокови… Ставаше-менуваше, ставаше-менуваше…, нејзе никогаш ништо не ѝ беше доволно добро. Понекогаш бараше помош, бараше предлог од пријателите…, на крајот само требаше да ѝ посочиме фраза од книгата од која таа првин ќе се одушевеше или ќе се згрозеше (шансите секогаш беа подеднакви и за едното и за другото), а дури отпосле ќе сфатеше дека фразата, всушност, е „нејзина“, извадена од стих од поезијата или од реченица од прозата. Впрочем, на задната корица на првото издание на книгава стои писмо до дизајнерот (Денис Тенев) во кое авторката (Лилјана Дирјан) многу прецизно објаснува што сака да има на корица и како „тоа“ треба да кореспондира со самиот наслов, очигледно сè уште недефиниран, зашто го пишува „тенок снег“, „снег за двајца“, „снег без двајца“ и става три точки… Значи, следуваат, постојат и други варијанти.
    Помислив дека „Разделбата вреска, разделбата пишти“ е добар наслов за поговорот. Ја содржи и лирската поетика на книгава, ја содржи и стварноста во која таа се раздели од нас. Набрзо, ова ми се виде пренагласено, дури и малку патетично. Потоа ми текна на „Она што ти недостига е самиот недостиг“ , но и од ова се откажав брзо-брзо, зашто ми беше предефинициско, преавтореференцијално за нејзиниот (творечки?) профил воопшто. „Сè е толку далеку кога некој си заминува“ подеднакво ја содржи и суровата вистина дека авторката ја нема, но и меланхоличната констатација за далечината како скриена порака за приближување… Во последен момент се откажав и од овој наслов, потсетувајќи се дека Лилјана Дирјан имаше еден посебен, потсмешлив и ироничен однос кон бомбастичните дескриптивни наслови, ги доизмислуваше, ги варираше и ги карикираше сè додека сите не падневме од смеа. „Ноќна шира“ ми се виде како совршен наслов, ги содржеше и ноќта како нејзино време и подмолното пијанство и благоста на нарацијата, црвенилото на чувствата… На крајот решив дека текстот ќе го пишувам без наслов. Но не беснасловност испишана со букви, туку со ништо, со тишина лекторски прецизно означена токму вака: (. . .) Впрочем, во книгава има и расказ „Мојата приказна“, кој се состои од 25 празни редови, 25 подвлечени линии без ниту една буква на нив. Нашиот приватен и книжевен однос, „нашата приказна“, совршено прилега на три шпационирани точки во заграда.

    „Снег за двајца“ е дводелна (двособна, двокрилна…) прозна стихозбирка или збирка поетски раскази. Таа има два гласа: Отсутниот и Присутната; Тој и Таа дополнително усложнети со „тука“ и „таму“. „Снег за двајца“ е концептуална збирка со прецизна идејна арматура/конструкција, која, доколку не би била „преполна“, бездруго според занимливоста на концептот би била веднаш покрај прозата „Мојата роднина Емилија“ од 1994 на Влада Урошевиќ, за која сметам дека е „еден од најзначајните eксперименти во современата македонска книжевност последниве децении“ . Отсутниот е првиот машки циклус во „Снег за двајца“. Не знаеме кој раскажува, гледаме дека родот и перспективата се машки. Тонот е љубовен, горчлив, очаен; тонот е некако сомнителен во временска смисла, некакво нејасно минато испомешaно со сегашност…, некаква имплицитна некогашност, оживеана во точно одбрани мигови. За време на читањето на сите раскази од Отсутниот, одвај да можеме да ја претпоставиме наративната конструкција на книгата. Кога во вториот дел (Присутната) ќе се појави женскиот глас, кој напати бегло ќе се допре до машкиот од првиот циклус, почнуваме да сфаќаме дека треба да ги „составиме“. Се појавува исто женско име и во двата дела – Рина (првпат ја среќаваме во наслов на раскасчето „Што имам јас со Рина“) и полека почнуваме да се освестуваме дека Отсутниот е мажот на Рина – Лазар, раскажувачот од првиот дел, кој се самоубил. (Првпат Лазар, т.е. неговото име, го среќаваме во „Три диви оради“, а потоа и сосем појасно во „Чевлите на Рина“.) Целиот циклус Отсутниот е приказна на некого што веќе го нема, приказна од времето на неговата последна присутност или од последното време на неговата присутност. Времето непосредно пред самоубиството. Оттаму веројатно тој необичен раскажувачки тон, боја… Ваквата релација помеѓу првиот и вториот циклус, согледана во дополнителна корелација со насловот во кој се посочува само и исклучиво на двајца, нè води во помислата за евентуална циклична проза за двајца, нужно упатени еден кон друг, во подеднаква смисла на присуство и на отсуство, во подеднаква смисла на заедништво и на одвоеност. Во вториот дел го сфаќаме и првиот и одеднаш практично ги отвораме и ги затвораме двете приказни на книгава, двата лика што, доколку останеле да бидат единствени, доколку збиркава не е преполна и со други раскажувачки медалјони, би можеле да се осоколиме да ја именуваме како деконструиран, распарчен роман. Но ваквиот одлично смислен раскажувачки концепт, оваа зададена арматура на два лика, две страни, две состојби, две приказни, две вистини… не е остварен доследно и прецизно и „Снег за двајца“ е една значајна збирка раскази што за жал, или за среќа, не успеала да оствари уште еден значаен прозен експеримент во современата книжевност, 17 години по „Мојата роднина Емилија“.
    Во „Снег за двајца“ има одлични, самостојни раскази, куси прозни цртички, врвна микропроза, песни развлечени во долги редови, цитати од значајни извори, дури последниот расказ/целина во збиркава е преземен од „Неименливото“ на Самјуел Бекет во превод на Божидар Настев и јазична редакција на Тодор Димитровски; издание на „Нова Македонија“ од 1970 година, кое „спие“ во македонскиот јазик. Да не биле поместени овде класичните антологиски раскази како „Сараево, август 1963 година“, „Мојот дедо гледа во ѕвездите“ (овој расказ фасцинантно потсетува, на некој начин го антиципира епскиот роман „Род“ на Миљенко Јерговиќ); кусите лирски антологиски раскази како „Препознавање“ и „Сендвич“, ненадминатите етиди за скопските таксисти…, „Снег за двајца“ ќе била стилски и естетски посиромашна збирка, но затоа, пак, би била необичен раздробен роман, впечатлив книжевен експеримент. Сосе овие антологиски раскази, минијатури, лични мемоари и досетки…, „Снег за двајца“ е преполнета, но богата и штедра збирка. На раскажувачката арматура/конструкција се нафрлувани/долепувани различни малтери, замислата не испаднала каква што начелно била или каква што можела да биде, но крајната градба е сепак мошне, мошне впечатлива. И некако „Снег за двајца“ сосем им прилега на Лилјана Дирјан и на другите нејзини книги, зашто стегнатоста и строгоста на формата сигурна сум дека творечки би ја инхибирале. Не би го сакала тоа. Таа беше немирен автор што замина со огромен долг кон македонската книжевност. Остави значајни дела, посебен стил, засебно место…, сепак, требаше да напише уште многу.

    Ова е мој прв текст за книга на Лилјана Дирјан, иако одлично ги знам сите нејзини книги. Ги сакам. На неколку сум соработувала, сум учествувала во нивното подготвување во секоја смисла, ама никогаш не сум пишувала за нив отпосле, откако ќе излезеле. Совршено знам зошто. Затоа што јас за/со Лилјана Дирјан пишував и пишувам раскази. Ја бев поткренала на фикционално ниво одамна (првиот расказ за неа го напишав пред десетина години – „Мојата пријателка Лиле Богомилова“) и не можев да ја симнам на ниво на реален автор/конкретен текст што треба да го интерпретирам. Кога сме и писатели и критичари, авторите што ги знаеме имаат само по еден жанровски простор во нас; не можеме да ги населиме во повеќе жанрови, јас не можам да ги населам дури ни во два. Истово ми се има случено и со други македонски автори. Долго, редовно и ревносно пишував критика за книгите на Оливера Николова, потоа почнав да пишувам раскази за/со неа, и веќе не напишав ниту ред за ниедна нејзина книга. Пишував и за книгите на Јадранка Владова, но само додека не го напишав првиот расказ и за/со неа… За романите на Петар Андоновски, пак, кои особено ги сакам, не успеав да напишам ни ред, зашто пребрзо напишав расказ и другото стана невозможно. Или непотребно.
    Ова е мој прв текст за книга на Лилјана Дирјан со кој направив промена во жанровскиот простор. Го удвоив, специјално за неа, населувајќи ја оваа ретка авторка и во критиката и есеистиката, без да ја иселам од својата проза.