СКИЦИ ОД МОИТЕ БЕЛГРАДСКИ ГОДИНИ, 3

Анте Поповски беше токму спротивното од ваквиот божемен оратор. Имаше благороден дух што изнедрува знаење и спокој.

Во осмата деценија од минатиот век, од патувачките возила убедливо најмногу користев воз, а релација што најчесто ја минував беше Скопје-Белград, и обратно. Дење, патував со деловниот воз, најбрзиот во она време, ноќе пак користев ткн. „туристичка класа“, нешто поефтино од спална, а малку поскапо од кушет, со три легла во купето, што со оглед на студентскиот попуст нудеше комфорно патување. Особено во вторничните ноќи кога поради намален број патници само едно легло во купето беше окупирано, и тоа „за мене“.
Така еден вторник резервирав за „туристичка“, па задоволен вечерта се качив во вагонот, сигурен дека и овој пат ќе уживам во патувањето. Што испадна уште поинтересно од она на кое што се надевав. Имено, истиот вагон, до половина со „туристичката“, во другата половина беше спална кола, но со заеднички ходник каде, додека возот забрзано се тркалаше, патниците пушејќи, тераа ноќни муабети. Во ходникот, таа вечер, го сретнав тетин ми Сашо Спасов во друштво со висок, џонвејновски тип маж. Веднаш го препознав. Славко Јаневски. Се враќаа од новосадските „Змаеви игри“ каде Јаневски ја доби годишната награда. Беше една од најпрепознатливите фигури на македонската литературна и културна јавност. Се знаеше дека неговата политичка моќ е голема. Но мене Јаневски не ме привлекуваше поради својата импозантна физичка и политичка моќ, туку поради „Улица“, „Скици од преданието Каинавелиско“ и „Тврдоглави“, што изродија три впечатливи доживувања во моето детство, гимназиски денови и за време на студиите.
Кога ја читав „Улица“, со другарите ги пренесувавме сцените од книгите во нашите маалски игри. Така, ликовите на Славе, Баждар, Кузман, Црните браќа речиси рамноправно провлекувајќи се меѓу Винету и Олд Шетерхенд, пан Заглоба и пан Володиовски и четирите мускетари, станаа дел од нашите улични „филмчиња“. Можеби затоа што приказната беше скопска, можеби затоа што маалските другарства и соперништва беа успешно доловени и препознаени, „Улица“ ми беше најомилената македонска книга во детството.
Вториот настан поврзан со Јаневски се случи во преполнетата аула на стариот монтажен МНТ, каде театарската група „Кај Св. Никита Голтарот“ одигра, според две негови стихозбирки, за она време во Скопје мошне необична представа. Тогаш „Голтарите“ за нас, скопските гимназијалци, со нивното заедничко живеење и работење во конаците на манастирот „Св. Никита“, со манифестот за алтернативен театар и ослободените ритуални перформанси во изведбите, беа жива манифестација на слободоумниот долгокос хипи-дух, кој од Вудсток и студентските демонстрации во 68-та, се вовлече и во нашите размислувања.
Поседнати збиени на дрвени клупи околу сцената без здив ги одгледавме „Скиците од преданиетто Каинавелиско“, што наскоро доби култен статус во македонскиот културен, но и политички живот. Особено после ткн. скандал, на Охридско лето, кога во актерски транс, голиот Ненад Стојановски го изведе чинот на оплодувањето. Притисокот на конзервативната политичката јавност се засили, со остри напади во весниците за „анархолиберализам“ и конечно, Голтарите беа укинати (по десетина години, под истата формулација, бев избркан од работа од МРТВ).

Јаневски, односно уште едно негово дело, неколку години подоцна, силно ме привлече. Во гимназија како лектира, умерено заинтересиран, ги читав неговите „Две Марии“, но кога во Белград, во својата студентска соба, го отворив романот „Тврдоглави“, ме зарази од прва. Веднаш се вклучив во дејствието. За јазичното богатство и раскашувачка вештина на Јаневски знаев од порано, но овој роман поседуваше една привлечна смеса на митолошкото со реалното, на драмата со хрониката, што во мојата занесена глава лесно се преобразуваа во филмски слики. Можеби тогаш бев (и се уште сум) под воодушевена импресија од ремек-делото „Андреј Рубљов“ на Тарковски, но и од „Покој, р’тци, јад“ впечатливиот обид за авторска филмска фреска на Кирил Ценевски.
Со Јаневски во возот бргу се опуштив. Разговорот се тркалаше на различни теми – патување, возови, градини, книги… Се сеќавам дека долг дел му посветивме на Маркес. Бев, тогаш, читателски обземен со Јужноамериканците, а и тој за нив зборуваше со нескриен интерес. Дали оттаму подоцна се изроди книжевната поврзаност на Кукулино со Макондо?
Пред станицата, вообичаено, ме чекаше мајка ми со „фолксвагенот“. Ги превезовме Јаневски и тетин ми до нивните куќи на Водно. Кога се симнувавме накај дома, мајка ми, како и обично возејќи всредсредено и гледајќи пред себе, откако ги сослуша моите затрчани импресии, и натаму загледана во сообраќајот пред себе, ми рече: – Да, тој е навистина писател. И тоа работлив писател. Мислам дека намерно го нагласи „работлив“, за да ме потсети на доблеста што мора да ја поседувам ако и самиот сакам да станам писател.
Мојата средба со Јаневски во ноќниот воз остана единствената подолга, иако го среќавав по групни манифестации и книжевни собири и тој секогаш ме отпоздравуваше со насмевка и по некој збор. Говорев за одделни книги од неговиот кукулински циклус, за неговата сценаристичка адаптација на „Македонската крвава свадба“, чув дека му се допаднале некои мои раскази, но не ми се даде шанса да составиме асален муабет.
Се уште, и ден денес, мислам дека од „Тврдоглави“ може да се направи многу добар филм.
Со Анте Поповски, пак, среќавањата беа почести. Во тоа време, се запишав на постдипломски студии на факултетот во Белград и се уште се опробував во разни жанрови – песни во проза, визуелна поезија, куси и подолги раскази, есеи… одвреме на време објавувајќи во белградските и скопски весници и списанија. Татко ми уредно ги собираше објавените текстови и ги складираше, лепејќи ги во една жолта тетратка и под секој од нив со уреден ракопис ги запишуваше датумот и местото на објавувањето. Се уште ја чувам таа жолта тетратка за да ме потсеќа на тоа каков тој беше татко! А направи уште нешто повеќе: моите дотогашни песни и песни во проза ги исчука на машина, ги закефта во формат А5 и му ја прати „збирката“ на Анте Поповски, замолувајќи го да ја прегледа и оцени.
Преку мајка ми, гимназијски професор по литература, со углед и големо влијание влијание врз своите ученици, ги познавав од раната детска возраст Гане Тодоровски, Милан Ѓурчинов, Анте Поповски. Од друга страна, со татко ми, познат библиофил и љубител на книжевноста и уметноста, со почит се дружеа Петар Мазев, Чинго, Благој Иванов… Жал ми е што сите овие значајни автори кои тукуречи ми беа на дофат, како луѓе не ги запознав подлабоко, туку онака патемно, низ љубезност, досетка или насмевка. Можеби затоа што вдолж мојата белградска деценија, во Скопје доаѓав ретко, а кога ќе дојдев, го минував времето со другарите и семејството.
Сепак, благодарение на моите родители, се најдов со Анте Поповски и тие наши неколкучасовни разговори, кај него дома или во зградата на „Вардар филм“, ми беа навистина многу корисни и интересни. Тој сосем објективно ги оддели моите творби на „успешни“, „помалку успешни“ и „неуспешни“ и потоа трпеливо ги анализираше една по една, потврдувајќи го ненасилно, но убедливо она што јас го знаев, но не сакав да си го кажам – дека во моето натамошно пишување прозата е многу понадежна од поезијата. На некој начин ме насочи да ја доработувам дебитантската книга куси прози. Кај Поповски импонираше неговото говорење: со топол, речиси душевен тон, тој беседеше за теми од најширок опсег – книжевни, историски, патриотски, патувачки – доживеано, без напор. Колку беше различен од намножените самобендисани поединци, политичари – актери, јавни интелектуалци и уметници, кои не ретко во приватниот живот играат различна улога од онаа пред јавноста, микрофоните и камерите. Некогаш, не само речникот, изразот и темпото на зборувањето, туку се менува и бојата на гласот. Го познавате тој и тој со децении, мислите дека му го знаете стасот и гласот, кога ене го на малиот екран, гостин на емисија, го гледате и не ви е јасно – тој ли е, не ли е тој? Станал некако поинаков, некои можеби би кажале – попреставителен, но за мене прилично непрепознатлив. Сака човекот да остави впечаток дека е авторитетен и интелектуално успешен, а освен тоа, таков е докажан во својата професија, ама додека го гледам, нешто ми фали – познаникот мој очигледно е во хистрионски исчекор!
(Само)уживањето во јавниот настап е несомнено поттикнат од развојот на демократијата. Еве што за тоа пишува Теодор Зелдин во својата читлива, комуникативна и зналечка книга „Интимна историја на човештвото“: „Иако некои веруваа дека речитиот говорник мора да биде запознаен со сите области на знаењето, мнозинството беше премногу нестрпливо, па пронајдена е покусата патека до успехот: програмата е сведена на проста обука за успешно расправање и техника за зборување на било која тема, дури и кога говорникот не знае ништо за неа. Вештината на убедливо говорење стана нова возбуда, нова интелектуална игра, што политичките собири и судови ги претворија во места за забава…“.
Анте Поповски беше токму спротивното од ваквиот божемен оратор. Имаше благороден дух што изнедрува знаење и спокој.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Бајац / Пиштало
Во животот ми се случуваат интересни средби и личности, во различни временски...
Повеќе
0 replies on “СКИЦИ ОД МОИТЕ БЕЛГРАДСКИ ГОДИНИ, 3”