За сестрата на Зигмунд Фројд: Жената која живееше со болката

„…На почетокот од мојот живот беше болката. Нешто како тивко капење на крв од скриена рана. На почетокот од мојот живот беше љубовта. Нешто како топол ветер кој се појавува да згрее тогаш кога во животот најмногу студи…“

Адолфина Фројд

Зад името на Долфи (Естер Адолфина Фројд) останати се само малку траги од нејзиниот вистински живот. Таа е лик – испуштен од историјата, затоа Смилевски решава да ѝ даде глас и да ја стави во средиштето на историскиот приказ. Фактографските записи укажуваат на тоа дека Адолфина Фројд останува немажена, бездетна и се грижи за своето семејство. Овие податоци се пронајдени во некои од записите на Мартин Фројд (синот на Зигмунд Фројд), каде меѓудругото има вметнато по некоја реченица и за неговата тетка Долфи. Тој ја жали затоа што останала како недоразвиена и многу зависна од баба му (мајка ѝ), немала фамилија и многу ја малтретирале, можеби и затоа не ѝ се случил брак, таа постојано била дома, ги чувала родителите, одела на пазар, по лекови… ја опишува како приглупа (silly). Била сметана за чудна и неприфатлива во општеството поради својот избор.
Граѓанското општество многу го детерминирало човекот во тоа време. Денес ако жена остане немажена, тоа се смета за нејзин личен избор – слобода, а во тоа време било проклетство на судбина, дури и најголем број на самоубиства од тоа време се од немажени жени. Тие се потсмев на околината, срам за семејството и трагедија за самите себе. Живее во време во кое сосем нормален е ставот дека основниот долг на секоја жена е: За својот живот да се оддолжи со раѓање на други животи.
Во овие записи, Мартин говори за зависноста на Долфи од нејзината мајка, наспрема во фиктивниот свет каде таа уште како мала е свесна дека изворот за нејзината болка е токму нејзината мајка.
„Таа не беше бистра ниту исклучителна на кој било начин, и можеби би било право да се рече дека постојаното опслужување на Амалија ја потисна нејзината личност во состојба на зависност од која никогаш не закрепна.“ (Freud, Martin. (1958), Sigmund Freud: Man and father. New York: Vanguard Press, p. 16)
Долфи е личност со потенцирана интелектуална неразвиеност (од гореизвадениот опис на внук ѝ) – која може да се смета за недолична информација која за жал останала да постои и по нејзината смрт и токму оваа информација да сведочи за нејзиниот живот. Така Смилевски најдува начин да ја израмни ваквата неправедност кон нејзиниот лик и барем овде таа да го подигне својот глас што заслужува да биде чуен.
Потпирајќи се на податоците што за неа ги изнесува внук ѝ, произлегува заклучокот дека нејзиниот лик е повеќе фикција и дека Смилевски создава нова псевдобиографија, каде таа е претставена како исклучително паметна и начитана жена од чија уста излегуваат цитати на Каспар Давид Фридрих, Ниче, па својот брат во поглед на сестрите го споредува со Каин, во епизодата со визите го споредува со Ное, со Мојсеј, со Едип и слично. Таа дури и постојано си го искажува својот став за сите теории на Фројд, ги анализира и ги цитира неговите текстови кои се вметнати како интертекст во романот.
Адолфина од перото на Смилевски, за разлика од онаа скриената од историјата, е жена исполнета со чувства, способна да ја изнесе својата душевна тежина, жена која е симбол за болка, но воедно и за издржливост.
Зад неа остануваат само неколку фотографии, писма од членовите на нејзиното семејство како и записи од нејзиниот брат Фројд, каде нејзиното име споменато е само попатно. Токму тие слики: едната која случајно испаѓа од нејзиниот куфер, а другата каде случајно некој фотограф ги сликал сите четири сестри заедно се дел од малиот број зачувани слики каде може да се види како изгледала вистинската Адолфина Фројд. На едната слика е сè уште дете, а на другата старица. Овде се мешаат фактографијата и фикцијата, а со тоа и историографијата и историската проза, што е обележје на историската метафикција.
Смилевски речиси незабележително го реконструира минатото и врши симулација на нејзината животна приказна притоа до некоја мера, придржувајќи се до вистината. Вистината за животот на Адолфина останува закопана во минатото и не е можно да се направи целосна потрага по неа, затоа што и самиот запис на историјата од писмата на Фројд, записите на Мартин, па и неколкуте реченици од неговата биографија каде е само спомнато нејзиното име, е уште еден вид пишување фикција, затоа што и во таквите текстови, може да се прикрие или додаде нешто кое отстапува од вистината. Па така, Смилевски ѝ создава цел еден живот, од најраното детство до смртта препишувајќи ѝ ја главната улога во својот роман. Фиктивната биографија на Адолфина Фројд, во неговото дело е издигната на ниво, како што вели самиот автор, романот е „алтернативна биографија на една од петте сестри на Зигмунд Фројд”.
Приказната се развива од раѓањето на Адолфина, до времето кога нацистичките сили неа и нејзините три сестри: Роза, Паулина и Марие, ги водат од нивниот виенски дом кон смртта. Помеѓу овие две точки се нижат настаните кои го исполнуваат нејзиниот живот – отуѓеноста од мајката уште од најраното детство, блискост со брат ѝ Зигмунд, љубовта со Рајнер, годините поминати во Гнездо со Клара Климт па сè до влегувањето на нацистичките трупи во Виена, деновите поминати во логор каде ја запознава Отла Кафка.

Уште како дете, Долфи во имагинацијата на Смилевски ја следат болката и љубовта, најмногу болка ѝ нанесува омразата на мајка ѝ а и никој не ја сака како што ја сака таа. Израсната е со зборовите на мајка ѝ „подобро никогаш да не те родев“. Таа отсекогаш се разликувала од останатите деца:
„…Моите сестри излегуваа во дворот зад зградата, а јас останував близу до мама. Кога завршија моите боледувања и мама престана да ми повторува дека ќе било подобро да не ме родела. Оттогаш почна да ме споредува со другите девојчиња, да ми кажува дека никогаш нема да бидам како нив, да ми вели дека мојот живот секогаш ќе биде мачна празнина…“ (Смилевски, 2011: 53)
Долфи од перото на Смилевски се разликува и по тоа што сака да учи, да чита философски дела, да црта и да копнее еден ден да живее во Венеција. Како што расте, таа запознава нови пријатели, кои имаат слични судбини со нејзината. Во годините на неискуството, кога сè уште се мисли со срцето, таа повторно го среќава нејзиниот Рајнер, момчето со поглед полн празнина и солзи кои течат навнатре, момчето со чија сенка си играше нејзината, момчето кому му го даде црвеното џепче од своето фустанче уште како дете. Тоа момче, сега веќе маж со кого ја губи невиноста и со кого сонува да изгради свој дом, сè додека истиот тој маж, кој ѝ е единствена надеж за нов живот, не ѝ нанесе нови болки, доведувајќи ја до себепонижување и себеизмачување. Така таа ја искусува и болката на оставената жена поради друга, но поголема е болката кога Рајнер ја остава уште еднаш, скокнувајќи во водата пред нејзините очи, оставајќи ја на брегот сама со плодот кој го носи во својата утроба. Во тоа време девојките кои немажени останувале бремени, се самоубивале за да го сочуваат семејството од срам или отфрлени од семејствата заминувале од дома и заработувале како проститутки, некои пак, тајно абортирале. Токму таа одлука ја носи и Адолфина па од тоа дете останува само трагата од крв на ѕидот во нејзината соба, за да ја потсеќа цел живот дека не станала мајка. Истоштеноста ја повлекува подалеку од болката а поблиску до бессознанието. Па така таа сама решава да замине во психијатриската клиника Гнездо каде заедно со Клара Климт ги поминуваат деновите, годините…
„…Не бев плачела со години, од моите очи ниту солза не беше излегла од денот кога од мојата утроба го извадија моето дете, и сега плачев, неутешно. Клара легна на креветот до мене и ме прегрна. Чувствував како се губам во болка и во сон или тоа беше бессознание, и слушав како ме крепи гласот на Клара: Ќе помине… ќе помине… тоа, животот те боли…“ (Смилевски, 2011: 226)
За неа е познато дека никогаш не ја напуштила Виена, додека Смилевски еднаш ѝ дозволува да ја посети Венеција, која за неа станува симбол за љубов, среќа и дом.
Адолфина, покрај постојаната приврзаност со брат ѝ Зигмунд, станува т.н. мајка на мајка си, грижејќи се за неа до самата смрт, менувајќи ги улогите, сега таа е во улога на мајка: „Тогаш за прв пат некој во мене гледаше мајка. Мамо – ми рече…“ (Смилевски, 2011: 282) Со студенило во погледот и отров во зборовите, мајката, без дилема, е вистински убиец за надежните соништа на својата непожелна ќерка. На тој начин, чувствувајќи ја ранливоста на Адолфина, таа одзема еден дел од нејзиното „Јас“, во замена за она што нејзе ѝ било одземено. Меѓутоа, кога во претсмртно бунило Амалија ќе ја здогледа белината од тунелот како полека се приближува кон неа, токму во ликот на она суштество, кое го мрази затоа што го сака, ќе го пронајде изгубеното делче кое недостасувало за животниот мозаик да ја оформи конечната слика – ликот на својата мајка.
Адолфина Фројд и покрај тоа што чувствува дека е интелектуално дефинирана жена, сепак, останува занемена пред желбата да се спротивстави на сликата за жената со дефиниран идентитет исклучиво во сексуалноста и мајчинството т.е. на сликата на жената дефинирана единствено преку своите телесни функции, пишува Мојсова-Чепишевска во „Телото меѓу текстуализирањето и молкот“.
На крајот од романот, кога Долфи стои исправено пред својата смрт „се сеќава за да ги заборави“ сите свои патешествиа низ кои заедно поминавме, таа живеејќи, јас читајќи. Влегува во смртта ветувајќи си дека смртта не е ништо друго освен заборав и повторувајќи во себе, што сè треба да заборави, почнувајќи од почетокот на нејзиниот живот каде се наоѓа болката. И љубовта.
Читајќи како целoто семејство ја сметало Адолфина како да е „silly” и „ridiculous“, Смилевски сметал дека не биле во право да ја осудуваат поради својот избор, па решил да ја (пре)создаде, да ја роди одново. Во едно писмо од Фројд до Марија Бонапарте, меѓу параграфите каде пишува за своите пациенти, има еден параграф каде само ги спомнува четирите сестри, во стилот на она што би им правел тој нив во Лондон и каде бара од неа ако може таа некако да ги префрли. И толку. Ништо повеќе не е зачувано околу тој факт.
Во едно интервју Смилевски кажува дека изборот да пишува за Адолфина бил личен. Тој пишува за погрешно разбраните жени од тоа време, оние кои се чувствителни, оние на кои се гледа како „нешто погрешно“. Токму затоа меѓу своите страници ја става и Клара Климт. И двете се дадени низ призмата на патријархалната и машка логика која го репресира женскиот пол. Двете се отфрлени од својата мајка и никогаш не станале мајки, двете немале свое семејство, туку биле како товар на нивните славни и големи браќа, дури и во записите од Фројд и Климт тие две се токму тоа: жените кои се зависни од нив. А почетната инспирација да ѝ создаде нов живот на Долфи ја добил кога дошол до податок дека кога Фројд заминал од Виена, им овозможил на уште шеснаесет луѓе да добијат излезна виза од Австрија која во тоа време била под нацистичка окупација, но меѓу тие луѓе не биле неговите четири сестри. Тие остануваат во Виена, а четири години подоцна се одведени во логорот Терезин.

Според фактографијата во врска со смртта на Адолфина Фројд, познато е дека таа е транспортирана во Терезин, каде и починува на 5 февруари 1943. Иако постојат некои разлики во документираните извори за неа, речиси во сите е наведено дека починува од внатрешно крварење. Во врска со овој податок, Смилевски прави отстапка во неговиот роман, каде Адолфина умира во логорот загушена во комора, заедно со своите три сестри. И Долфи и Отла се поврзани во крвно сродство со големите и познати личности од официјалната историја, кои заедно се среќаваат и завршуваат на еден трагичен начин во концентрационите логори.
Денес, куќата во која живеела Адолфина Фројд во Виена, за жал е куќа на „Pink” и „City records“ без никакви ознаки дека некогаш таму живеела заборавената сестра на таткото на психоанализата, Зигмунд Фројд.
Истражувајќи и пишувајќи за Долфи чувствувам како и јас се приврзав за нејзиниот лик, како читајќи и јас соживував со неа, па се запрашувам, дали таа, вистинската, некогаш би можела да замисли дека еден ден ќе биде книжевен лик, ќе живее меѓу две корици и ќе оживува одново и одново секој пат кога некој ќе ја отвори книгата „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Никојпат нема да дознаам каков бил нејзиниот вистински живот, но името ќе ѝ живее вечно, а многумина ќе веруваат токму во оваа псевдобиографија што многу вешто е испишана од перото на Смилевски, затоа што е и единственото нешто што е поврзано со нејзиното име.