Стаклената градина

Точно е дека не секогаш секој ќе се сети што сè направил, па, кога ќе се разбуди и ќе види глава со костенлива кадрава коса на другиот крај од креветот, треба да провери кој е под јорганот. Не дека сакам да дадам до знаење дека често се наоѓам во ситуација да заборавам кој лежи под покривката до мене. Во случајов со мојата другарка од детството, јасно се сеќавам на сè што се случи претходната вечер. Таа сè уште спие, па успевам да се префрлам преку неа и да станам од креветот без да ја разбудам. Чувствувам блага зашеметеност, но успевам да си ги навлечам панталоните. Потоа, се симнувам долу, до пекарницата, да купам појадок за Доргун. Чувствувам потреба да ѝ се заблагодарам, па купувам и букет розови цвеќиња. По сето ова, навистина ќе морам да тргнам на пат.
Кога се качив горе, таа веќе е станата и ѕирка од кујната да види кој влегува. Преку фармерките има облечено долг фустан и палто, како да се подготвува да излезе. Си ги става очилата, а јас повторно се чувствувам безбеден. Морам да признаам дека сум малку изненаден од тоа што таа ќе си заминеше без да се поздрави. И ги подавам кесата од пекарницата, како и букетот цвеќе. Букет од далии.
– Купив нешто за јадење додека го пиеме кафето – ѝ велам.
– Благодарам – ми вели, мирисајќи ги цвеќињата.
Тие се речиси без мирис. Можеби требаше да одберам нешто со појака арома.
– Би требало да издржи неколку дена такво какво што е – велам – додека ги ископуваш гробовите.
– Како ти е раната? – ме прашува.
– Многу подобро, речиси е заздравена – одговорив.
Ѝ ја кажувам вистината, иако сè уште сум внимателен при закопчувањето на патентот од панталоните. Мојата школска другарка вели дека мора да замине. Сепак, ѕирка во кесата од пекарницата и си одбира глазирана крофна, и покрај тоа што вели дека нема време за појадок.

– Треба да одам на предавање – вели, сè уште држејќи го филџанот со кафе. – Значи, сега треба да се поздравиме и да ти посакам среќен пат кон ветената градина со твоите осумвенечни ружи.
– Ти благодарам многу што ме прими – велам. Го земам букетот од нејзините раце и го ставам на масата. Потоа, ја прегрнувам и два-трипати ја галам по грбот нагоре-надолу. На крајот, ѝ го местам шалот околу вратот.
– Ти благодарам уште еднаш – повторувам.
– Не сакам да те задржувам – додава, набрзинка собирајќи си ги работите што ѝ се потребни, става неколку книги во торбата и зема нешто од бањата. Потоа, ме бакнува во лет и полека се движи покрај ѕидот кон надворешната врата. Застанува пред огледалото да провери како изгледа и ја поднаместува шнолата во густата кадрава коса. Ова значи дека таа заминува, но сè уште има нешто да каже. Застанува на прагот од вратата, држејќи ја глазираната крофна, која планира да ја изеде на пат кон археолошкиот музеј. – Можеби не си по жените?
Прашањето навистина ме изненади. Како да ѝ одговорам? Да ѝ кажам дека сум, но не по секоја жена на планетава Земја? Дали другарка ми би се навредила од такво нешто? Или пак да ѝ дадам искрен одговор? Дека сè до ова утро немам собрано некое посебно искуство за да имам свој суд за тоа? Или да го искористам фактот дека имам рането тело, за да се оправдам, покажувајќи ги црните конци провлечени низ кожава. Па, така и одговорив:
– Аха, ама не и со конциве.
– Не ме сфаќај погрешно – додава другарка ми со едната нога од другата страна на прагот. Студенткава по археологија носи високи кожени чизми со потпетици.
Погледнувам кон будилникот на комодата додека си ги пакувам работите. Забележувам дека ми се потребни само четири минути.