ОД ШТО СЕ ПРАВИ ПОЕЗИЈАТА

  • N.B. Пред употреба, треба внимателно да се прочита упатството и особено да се обрне внимание на несаканите ефекти. Доколку некои се алергични на болна искреност и вдахновена возвишеност, се препорачува да најдат некоја поинаква кич алтернатива.
  • Рецепт: поезија

    Поезијата е слатко-горок опијат што се консумира аудитивно или безгласно, најчесто пред спиење или во исклучителни романтични расположенија, во неограничени дози, како лек, дрога, од навика или од задоволство. Се чува на хартија, но веднаш по консумирањето испарува во воздухот и протекува низ коморите на срцето. Може да се вдишува, може да се пишува, може да се потпее, може да онемее, но не може да се одбегне или од неа да се побегне. Нејзината комплексна граѓа се состои од неколку слоеви лингвистичност, поетичност, чувственост и умешност.

    Потребни намирници:

    1. За лингвистичкиот пандишпан:

  • архаични, современи зборови и кованици – Поезијата треба еднакво да ги користи сите лексички ентитети, вклучувајќи ги и слоговите и буквите, да ги комбинира и (ре)организира на стандардни и поинакви начини; од значење да стори незначење, но звучност или смисла, а од смислата да произведе нова смисла.
  • излитени и новокомпонирани метафори и стилски фигури – Стилските фигури воопшто, особено метафората, претставуваат една од костурните поетски одлики. Пишувачите и пишувачките на поезија, но не и достојните со титулата poet, се залажуваат со неумерената употреба на метафори, со што ја доведуваат песната на дереџе на каталог на излитени метафори бесфункционално разврзани едни со други.
  • синтаксички игри и отстапки – Намерното отскокнување од традиционалната синтакса не само што ја одвојува поезијата од прозата туку придонесува и за звучноста, но и за формата. Испрекинатата синтакса, синтаксичките инверзии и слично се како белези судбински предодредени за поезијата, до тој степен што секоја синтаксичка нелогичност не само што е лекторски простлива туку е и пожелна.
  • добро ферментиран идиолект – Идиолектот, односно говорот на индивидуата карактеристичен само за неа, е од особена важност за авторите/ките на поезија. Поезијата не допушта евтини имитации, па дури ни парафрази, таа се служи само со вешто срочени алузии, цитати, псевдо цитати, иронии, пародии и сл. Идиолектот не е нешто така зададено, напротив, тој се развива, негува и надоградува, еволуира и видоизменува, но секако, во своите рамки на уникатната препознатливост.
  • 2. За поетичниот фил:

  • ненаметлив и умерен ритам – Ритамот, иако не секогаш пресуден, сепак е важен во поезијата. Притоа треба да се има предвид дека поезијата не е музика (и покрај тоа што во музиката се корените на поезијата) и иако е пожелно да звучи мелодично, не е пожелно да звучи „музично“. Од тие причини, ритамот во поезијата треба да е ненаметлив и неагресивен; да е во функција на делото, а не да му биде примарна и/или единствена функција, и никогаш не треба да ги засенува другите поетски аспекти. Впрочем, естетски е убаво песната да звучи, но и да не звучи, не значи дека поради тоа претставува помалку поезија. Всушност, сето тоа зависи од степенот на слободата на стихот и прозаичноста на кој се одлучуваат самите автори/ки.
  • рима – Употребата на римата е по потреба, но не и по желба. Ова значи дека римите во квалитетната поезија се несвесност „наметната“ сама по себе, а не свесност намерно и силум постигната. Доколку римувањето е присутно, пожелно е да се избегнуваат наивните рими. Прекумерната и безмерната употреба на римите е одлика на аматерите и самопрогласените поети и поетеси, кои поезијата ја сведуваат на наивен „учебник-лексикон за рими“.
  • зачинска доза на музичност – Зашто звучноста на поезијата самата по себе е музика (со извесно лизгање на примарното значење на зборот), па освен ако не е наменета за текст на компонирана музика, нејзиното интегрирање со ноти кај неа создава антитела против дисонанца.
  • 3. За чувствениот шлаг:

  • искреност – Искреноста во поезијата е многу битна. По дефиниција, поезијата е искреност, а искреноста – поезија. Поетите треба да се искрени кон себе, кон читателите/ките, кон вистината, па и кон лагата, кон она што го милуваат и она што им создава вознемир… Списокот е долг до недоглед. Поетската искреност е потсвесно длабока, интуитивно сензитивна и будалесто наивна, ама толку слатко привлечна и многу, многу – сериозна!
  • интима – Поетот Трајче Кацаров на Рациновите средби во Велес една година ме предупреди: „Поетите немаат интима, тие својата интима ја пишуваат во песните“. Само заборави да ми напомене дека поетовата интима не е само реална; таа е истовремено и надреална и нереална. Всушност, она што најаве не се случува, а се посакува, се случува во песната, а она што најаве се случува, а не се посакува, добива поинаква, алтернативна „реалност“ во песните. Следствено, инспиративната интима не произлегува од исполнетиот (приватен) живот, туку од богатата фантазија и креативната кадарност за создавање, обликување и смислување нови светови.
  • чувствена чувствителност – Иако звучи како тавтологија, поетите и поетесите мора да бидат на чисто со своите емоции, особено при творечкиот процес, кога чувствата се најзбркани, но истовремено и најискристализирани, а и со најголем интензитет. Сите поети и поетеси знаат дека за да се биде добар/а поет/поетеса потребно е да се биде универзален/а во пишувањето (а уникатен/а во писмото), а универзалноста, која со себе го привлекува препознавањето на читателите/ките во туѓото дело, произлегува од свеста и (хипер)сензитивноста за емоциите. Со други зборови, поетите и поетесите, како личности, потребно е да се (себе)препознаваат, а како карактери да се осознаваат и постојано интроспекциски да се навраќаат кон себеси, своите најдлабоки личностни слоеви, продирајќи и до колективното несвесно – цивилизацискиот товар што сите креативци/ки го носат во себе за да го изнесат од себе.
  • 4. За умешната декорација:

  • одговорност – И за одговорноста ме предупредија. Писателот Ранко Младеновски, мојот прв рецензент и промотор, уште на почетокот, со објавата на мојата прва книга, ме предупреди дека секоја објава под која стои пот- пишано моето име, макар и да ја заборавам, ќе ме следи и потсетува за мојата тогашна Јас и од тоа нема ни криење ни бегање. Значи, во поезијата, одговорноста е примарна, иако како лава надоаѓа по објавата, една од крајните процеси во процесот на создавање поезија: инспирација, вознемир, обид за песна, конечна верзија на песната, објава, читатели/ки и согледби/критика. Сепак, како автори/ки на дело, имаме одговорност кон она што сме го напишале и објавиле, но не и кон она што другите ни го извадиле од контекст и му придале субјективно значење и разбирање!
  • талент – Првиот чекор до поезијата. Без него само – бламажа за потсмев! Самосвеста за сопствените способности, умешности и можности е предуслов за да биде една личност успешна во изборот на професија, хоби, уметност или како и поинаку да љубиме да ги етикетираме можностите на пазарот на трудот. Во поново време се намножија многу „поети“ и „поетеси“, нереализирани „очајни домаќинки“ од двата пола, кои ја користат поезијата како мевлем за душичката и издишка од стресот и депресиите т.е. како последица од животните маки. Да не бидам погрешно разбрана, немам ништо против пишување споменарки, ама не е баш згодно сите кои знаат да сложат неколку рими да се нарекуваат поети/поетеси, исто како што не подразбира дека сите кои знаат да подготват јајца на неколку начини, се професионални готвачи/ки.
  • Напомена: За подготовка на овој рецепт е потребно многу време исполнето со посветеност, упорност, учење и безусловна љубов.

    Совет: За да излезе крајниот производ „совршен“, потребно е приготвувачите/чките да не се водат по рецептов, затоа што овој рецепт е крајно индивидуален, а со тоа и несмасно произволен. Напротив, треба да се обидат да создадат сопствен рецепт, оти поезијата не се прави, не се кали, ами едноставно ја има, постои, се случува, се чувствува…

    Нека е на здравје поезијата!

    Извадок од збирката есеи: МИНИ ПРИРАЧНИК ЗА ПОЕЗИЈА, 2017 год.