КИБЕРИЈАДА – БАРОКОТ НА КОСМОСОТ

  • За временски и просторно многу оддалечениот денешен македонски читател приведен е и глосар на неологизмите од „Киберијада“.
  • Станислав Лем (1921-2006), мајсторот на сајанс-фикшн, за „Киберијада“ (1965) вели дека е најубавата книга што ја напишал. „Киберијада“ претставува збирка раскази (сказни, бајки) што го опишуваат Барокот на Космосот. Жанровски, како и според јазичниот израз, се надоврзуваат на тематиките карактеристични за светската барокна литература, за витезите, змејовите, кралевите и кралствата… додржувајќи го јазичниот стил, некаде повеќе, а некаде помалку, на делата карактеристични за полските и за светските стилови на пишување во периодот на Барокот. Но, временски сместени од нас десетици, стотици илјади години во иднината, во светот на машините, коишто еволуирале, според скалилата на еволуцијата и оформиле различни општествени заедници, во коишто се случуваат различни пригоди, трагични, хумористични, вџашувачки, необични. Па тука се наслојуваат проблемите од областа на напреднатите науки: кибернетика, алгебра, тригонометрија, хемија, физика, преку музикологија, до онтологија, етика итн. Низ страниците на „Киберијада“ можат да се распознаат и описи, низ силно иронизирање, на актуелните општествени збиднувања што го опкружувале Лем во времето на нејзиното пишување. Опишувајќи ги електронските жители што го населуваат Космосот, ќе познаеме критики и исмевања на одделни типови личности, професии, општествени групации, одделни карактерни црти, стравови, пороци, што ја прави „Киберијада“ вонвременска и толку многу земска.
    „Киберијада“ е необична книга, со мајсторска јазична изведба на оригиналниот полски јазик, што предизвикува чудење кај читателот, вџашување, па дури и скомраз. Постоењето, некаде помалку, некаде повеќе архаичен начин на изразување, многуте термини, изобилството на нови непостоечки зборови, во чиешто значење треба да се проникне предизвикува на моменти дури и губење на трпението кај мноштво домашни, полски читатели, на којшто јазик Лем ја напишал „Киберијада“.
    Со својата комплексност на информациите содржани во неа текстот на „Киберијада“ од Станислав Лем може да претставува предмет за обработка и опис од повеќе агли, како на пр., филозофски, социолошки, културолошки, од областа на математиката информатичката технологија, а заради спецификата и богатството на јазикот, секако и за лингвистичка анализа на различни нивоа, анализа од областа на теоријата и практиката на преводот и други дисциплини.
    Тука ние ќе се задржиме на неологизмите во „Киберијада“, како преведувачки предизвик, односно изработка на еден вид глосар, насочен кон македонскиот читател на „Киберијада“. Имено, стилското средство – создавањето нови зборови – неологизми за непознат објект, релација, настан и сл. за да се опише светот на совршените машини, жителите на Барокниот Космос, Лем што го применува во изобилство. При што раскажува и опишува појави за нас, од денешна гледна точка, непознати. Но исто така, предмет на опис сме и ние и нашиот свет, но од страна на некои други жители на Космосот, просторно и временски многу оддалечени, што нас нè опишуваат и нашите предмети и навики низ сопствената културна позадина. Овие неологизми во полскиот јазик произлегуваат од:

  • интернационализми, со што помалку или повеќе како такви со извесни адаптации се разбирливи за македонскиот читател,
  • зборови каде што може да се проследи заедничкото словенско јазично и културно минато на полскиот и на македонскиот јазик, па повторно, со мали адаптации, стануваат разбирливи и прифатливи за македонскиот читател (без да го занемариме факторот на неговата досетливост),
  • зборови тесно врзани за спецификата на изразот на полскиот јазик, каде што е потребна поголема интервенција на преведувачот на македонски јазик,
  • зборови што се многу тесно поврзани со локалните полски културни и општествени прилики, актуелни во даден момент, за коишто Лем, иако пишува за далечната иднина, со извесна доза на иронија сака да даде свој осврт. Адаптирајќи вакви примери за македонскиот читател, неопходно е да се процени дека таквата алузија за еден македонски читател е премногу далечна, па тие се оставаат во оригиналната своја форма, со извесни фонетски адаптации кон македонскиот јазик,
  • зборови што претставуваат фонетска модификација на основниот збор, со еден или повеќе изменети гласа, како и ономатопејски адаптирани зборови.
    Овој глосар, наменет пред сè за македонскиот читател на „Киберијада“, а подреден е според значењето на зборот, со извесни дообјаснувања. Од зборообразувачка гледна точка имаме илустративни примери за различни деривациски модели: сложенки, префиксални (со префикси од домашно и туѓо потекло), суфиксални (со суфикси од домашно и туѓо потекло).
  • На крајот, како преведувач, и самата справувајќи се со бројни предизвици во однос на приведените нови зборови, се надевам дека ова несекојдневно четиво за македонскиот читател од 21 век ќе биде сепак прифатливо, а во секој случај, дека нема да го остави рамнодушен.

    Библиографија

    Лем, Станислав. 2018. Киберијада. Скопје: Антолог (превод од полски Милица Миркуловска).
    Минова-Ѓуркова, Лиљана. 2003. Стилистика на современиот македонски јазик. Скопје: Магор.

    Domaciuk-Czarny, I. 2003. Nazwy własne w prozie Stanisława Lema. Lublin.
    Jarzębski, J.. 2003. Wszechświat Lema. Kraków.
    Lesz-Duk, Maria. 2015. „Neologizmy w twórczości Stanisława Lema“. Во: Prace Naukowe Akademii im. Jana Długosza w Częstochowie Językoznawstwo XI, 141–151 http://dlibra.bg.ajd.czest.pl:8080/Content/3515/11.pdf

    http://wmeritum.pl/lema-dylematy-stanislaw-lem-cyberiada-recenzja/85232
    Jerzy Jarzębski https://solaris.lem.pl/ksiazki/beletrystyka/cyberiada/61-poslowie-cyberiada

    Streszczenie
    Milica Mirkulovska
    „Cyberiada – Barok Kosmosu“

    W Lemowym opisie elektronicznych mieszkańców Kosmosu i ich doświadczeniach rozpoznajemy krytykę i kpiny z pewnych typów osobowości, zawodów, grup społecznych, pewnych cech charakteru, lęków, wad, które czynią “Cyberiadę” ponadczasową i tak ziemską. Dla bardzo odległego dziś czytelnika macedońskiego w czasoprzestrzeni proponujemy glosariusz neologizmów, istniejących w przekładzie “Cyberiady” na język macedoński.