Песни

* * *

ти живееш во ѕидот
во најголемата пукнатина,
пиеш ракија од
најголемата чашка
и јадеш тенко сечкани домати

сѐ уште доаѓам,
цимолам под прозорецот,
не ги допирам бонбоните,
те чекам немоќно
и молчам

им зборувам само на
луѓето од моите кошмари
со оние од реалноста
едвај споделувам
седиште во автобус.

пукнатините на ѕидот
ги потполнија луѓе во
валкани алишта,
ти си тука, сепак

ти живееш во ѕидот
на моето срце.

* * *

ти не ги гасеше твоите отпушоци
само ги фрлаше во дворот

мислев, куќата ќе ни се запали
трчав да ги згазнам

ти веќе не фрлаш отпушоци
куќата ми се сурива
врз глава секојдневно.

* * *

се разбудив плачејќи
и истрчав во бањата
и празно зјапав во огледалото

не знаев дали да се радувам
оти по толку време, плачам
да забрзам за да
исплачам што е можно повеќе
или да ги избришам солзите
и да им посакам на сите „Добро утро“
иако моето не е

се сетив на твојата
зелена капа
и како накривено
ти лежеше на главата
и колку се чудев
како може секогаш
идентично да стои

и ми падна уште потешко
па сакав да си ги соберам парталите,
да оставам тресок зад себе
и да појдам во потрага
по сите твои отпечатоци
неизмиени,
неизбришани,
неизгубени
од сите ветришта и бури
кои немилосрдно беснееа
по тебе

кои сурово ме доуништија
мене.