Памтење

СОН ЗА ТАТКО МИ

Во своите сништа
Мојот татко е сѐ уште жив
И по кој знае кој пат ми вели:

Кога си одамна мртов
Ништо не правиш, само пишуваш
И правиш деца по светот

Глумиш бесмртен во животот
А книгите ни сега никој не ти ги чита
Ниту децата те спомнуваат

И повторно се смее мојот татко
Над синот, пропаднат писател
И полош татко од него.

Банчиванџи, 3.4.2014

ОПАЧЕН СВЕТ

Во опачниот свет
На моите сништа мојот татко е жив
Толку жив што пожив не може да биде

Таму живите се мртви па и јас
Мојот татко одбива да појде на закоп
На својот прв сосед
Коjшто овде не сакаше да му дојде нему

Го гледам често својот прв сосед
И не прашувам зошто не му дојде на закоп
На својот комшија а дојдоа сите подалечни

Барам причина за тоа, не наоѓам
Можеби кога ќе умре мојот сосед
Ќе му ја каже тајната на комшијата, во опачниот свет.

Банчиванџи, 3.4.2014

***
Бидејќи тој е чекор, тој е ден
И нема друг правец, излез
Сите патишта, баш секој ден
Водат во лад и мрак
Замрзната е програмата
Стрелките застанале
Било каде може да се чека
Во секоја точка да се биде сам
Како што си зачекорил
Како што си овенал

13.3.2010

ЗИМСКИ ПРОЗОРИ

Невини се зимските прозори
и кога ја сокриваат зимската идила
белиот пејсаж белиот поглед
ѕидот кој нѐ штити
сами и голи
во овој ладен свет
во кој не го гледаме
она надвор она друго
во белиот свет

Чкаловскиј, 2012

ПАМТЕЊЕ

Всушност ништо не памтеше
Ни добро ни лошо
И понекогаш се прашуваше
Дали е тоа добро или лошо
Дали е добро кога ќе го заборавиш
Она што ти било лошо?
Дали е лошо кога ќе заборавиш
Она што ти било добро?

16.8.2015

РЕЧЕ МИСЛЕЈЌИ

Ќе дојдат и моите пет минути
Рече мислејќи
Дека тие ќе траат вечно

Некогаш ќе се сеќавам на овие денови
Рече мислејќи
Дека во добро брзо ќе ги заборави

А тогаш ќе бидам на коњ
Рече мислејќи
Дека бесна кола ќе вози

А пак дојдоа безнадежни дни
Кои ќе ги памти додека е жив
Тоа старо магаре

3.4.2014
Препев: Славко Ковилоски