Не сум јас

Јас сум тој што не сум
40-годишен маж кој мириса на кафе
поранешен голман на „Рударот Ребра“
професорот кул по хуманистика

диверзант (песоа наопаку)

момченцето од килимчето
дебелко и воспитано
берејќи цвеќиња на работ од бездната

порно поет

вокалистот од The Toader,
Nina Coman & DDD

Дива

доближи се и додворувај ми се
прошетај ме за рака по аеродромот
покажи ме на телевизија
образувај ме
еби ме
прости ми

што било
само извади ме одовде

Стан со мебел од Икеа. Редовен секс. Книги. Среќни деца
наведнати над екраните. Пилешки копани во рерната.
Триесет вреќи со хартија испишана на рака.
Ни банкарски рати, ни несоодветен јазик. Лесни болести, сезонски.

Училиште – дома, училиште – дома
(музичка кутијка покриена со прашина
кадифено срценце
филмче со неа како мастурбира)

(што било, само извади ме одовде)

Времето е убаво во кујнава во која привршува воздухот
(крајот му е со пожолтена тантела,
со јак мирис на нафталин и прашина
кој сѐ уште осамено лебди над первазот).
Времето е убаво, професоре, не запирај. На училиште,
додека учениците решаваат тестови,
крај шпоретот, чекајќи да зоврие водата за кафе,
или во големата соба, крај компјутерот,
со едното дете на колено и со другото качено на креветот
имитирајќи ја Анџела Георгиу – не запирај.
Беспрекорно однесување, без никаков шарм, но прецизно.
Процена на растојанието (колку е веќе? неколку години? два-три месеца? утре?)

Овде-онде понекој познајник напикан на местото на реалноста,
урлајќи со очи затворени од болка.

Светлосен зрак тежок како штица ги удира мокетот,
шолјата со кафе, остареното колено.

(извади ме веднаш одовде.)

Разделба

бев на роденден кај едно куче кое наполни една година.
во ќесата за подарок ја ставив, препишана на рака, песната од Партене
за овчарскиот пес на Мајеру,
врамена црно-бела фотографија (а што друго?)
(јас и сопственичката на кучето кога бевме многу млади, речиси среќни)
и пластична коска купена во последен миг во „Пепко“.
денот беше топол.
одвреме-навреме сенката на куќата ни се спушташе врз нозете,
или иташе кон оградата врз која светкаа играчките.
седнав на еден стол, си ги наместив очилата за сонце
и се зафатив со пушење.
сопственичката на кучето трчаше со децата низ дворот,
свиреше на пијано, сето време си ја гушкаше унгарската вижла
(а што друго?) (пред домашните миленичиња
луѓето сосема го губат хуморот).
кутијата со долги Камел отиде дури стигна тортата
и сите запеавме Среќен роденден.
потоа сенката на куќата се повлече меѓу рабовите на куќата,
потоа станав и си заминав.
пораката од неа стигна веднаш што ја затворив портата:
слушам фолклорна музика, депримирана сум и размислувам за ранливоста.
запрев врз клупата на автобуската постојка. си запалив цигара.
низ долгиот осамен булевар
воздухот пукна како ветробранско стакло и беше готов секој миг да падне.

Не сум јас

никогаш не сум бил. да немаш очекувања од мене.
од 12-годишна возраст едно мало и црно маде
ми расте наместо срце – никој повеќе не може да го надомести.
хистерично детство, посрана младост,
возрасна старост 3Д, осветлена само од едната страна
и само откако во трпезаријата
ќе се соберат доволно гости.
тело пораснато био и дементен ум
кој претвора сѐ во прашина
уште пред да помисли.
не барај ми љубов. ни доверба, ни верност.
можам да стојам неподвижно крај тебе, можам да те насмеам,
можам да исчезнам без трага.
строен сум и цивилизиран. искористи ме низ град,
по училишта и во летни бавчи, прави фотографии и пари –
јас сум мечокот од Совата со кој сите имаме сеќавања,
но не и љубов.
ни задоволство ни внимание ни сигурност.
еден огромен пенис пулсира на местото од мозокот
и никој не може да го скроти.

љубов за време на протести

30.000 луѓе излезени на улица во букурешт, а ние далеку,
толку далеку од нивната моќ
(не ми е грижа: ако извикам сега, само ќе си ги исплашам децата,
ако скандирам против власта
ќе предизвикам син ти да избувне во смеа).

Секој на друга страна, секој до гуша во својот живот.

Фотографијата со тебе на планина ми го одзеде здивот.
Си запалив цигара во мојата кујна во Бистрица.
Собите се полни –
овој пат, неочекувано, гостите останаа на спиење.
(ако викам сега, кому ќе му се спротивставам? како ли ќе излезам на крај?)

40.000, а ние далеку, сѐ подалеку од нивната доверба.
Не ми е грижа:
во средината на животот сум, со срцето длабоко приковано во месинџер.
Ако излезам сега на улица, би било без да верувам во тоа.
Недостигот на храброст
било отсекогаш она што ми ги управувало движењата.
Лабав морал, просечен талент, избледена убавина
на амбициозен и самоук фудбалер.
И потоа сомнеж, постојан сомнеж дека што и да направам
нема да ми успее.

(би се поднел себеси полесно да мирисав на кафе.
на ова се надевав веднаш после пубертетот:
американо наместо мочка, двојно еспресо наместо препотени гради,
нес, а не плунка,
прекрасна сперма од кафе оставајќи дамки врз здолништата кренати набрзина).

(како е да се молиш во иглу?
што значи да сонуваш пејачи на новокомпонирани песни?
а кога сите твои познајници по совршен ред
ти влегуваат во главата и заспиваат крај твојата коса?
што всушност значи одназад? и кога?
јас сум заљубен маж:
трите додатни сантиметри ги покривам со движење на умот)

Ја изгаснав цигарата и ти пратив порака.

Пред зградата
преостанатиот снег личи на персиски килим испружен да се проветри
и на правоаголно место што го оставил во снегот
веќе свитканиот тепих. Во јануари
студот се тркала како бројаница
директно врз зглобовите.

Се сомневам дека можеш да живееш друг живот освен овој.
Не верувам дека би можел да заминам од Бистрица.
Ти ми рече:
не би можела да поднесам да знам дека зад себе сум оставила
несреќни луѓе.
Не ми е грижа.
Сакам да побегнеме еден викенд во некој хотел во Сибиу.
Да го запалиме снегот.
Знам: ова е сета иднина и брзо ќе стигнеме до нејзиниот крај.
Не ми е грижа. 60.000 и Јоханис на улица, не ми е грижа.
Дојди овде.

порно билка

овој ум е хипердисциплиниран, и затоа е
секогаш чекор пред мене,
за речиси 40 години се растегави божем печурка
над сите останати делови од телото.
ги затна шолјите за кафе, ги сплеска цигарите
во џебовите, ја контролираше во крвта
секоја појава на радоста.
голема, празна глава
исполнета само со студ и без сеќавање.
им одолеав на љубовта, на интелигенцијата и на моралот.
издржав пред сите емоции,
пред талентот и пред постојаниот притисок на мевот.
сега мојот ум е џиновска порно билка
во зрела доба
единствена што преживеала
во еден уништен организам.

Препев од романски: Лидија Димковска