ГОЛЕМИОТ РАСЧЕКОР

ЗАМРЗНАТ СОН

ако и да е на Шелинг
под прекрасна елка
во комор ми лае
бесен ко мечта
на афионово поле
безткајна разлика на меѓу и немта…
особеност на панаѓурен роб во сон
ита слика по намрштен мост
околност и глава на тема
болка на теме во виор
плишан порој на гради
премачкан низ затворен агол
буди основа на полистен дожд
менгеме на стварност
во бројчан синопсис
отровен кралски збор…
набраздена појава на безописен молк
во разурнатини од гроб
огледува одгледува
треперење во лик
сред отсјај на временски сноп


ГОЛЕМИОТ РАСЧЕКОР

НЕМАМ МИСЛИ САМО СМИСЛИ
внатре чисти ако сив си
нит црн нит бел вечно смел
пред оган ветер пред студот врел
во врелиот студ не биди блуд
слики во око око во ум
Сега… низ ходници чекориш
воден од шум
шумот излегува од душевниот ZOOM
SUMMA SUMMARUM донесете барут!
кревајте го мостот пред првиот поскок
внатре тврдината да згрми BOOM
в предворјето хаос од слики и звуци
трчаат паничат како материја и глувци
еден по еден! нема во нив ниеден вреден
истуркај ги надолу по времениот гребен
АЈДЕ НАПРЕД воздишките в џеб
одиме нагоре низ крв и низ мед
одлево Фридрих десно Барух
правете место за апсолутниот дух
Тух тух тух тух се одгласи Ниче
без туѓинци в подрум!
исцртај го патот со сопствен ум
издиши го времето од твоето СУМ!
за твоите цели да не станат бледи
Спиноза секогаш мирен и умен
го пресече образот мазен и румен
го зедов в дланка запрепастен и чуден
образот стана леќа со натпис БУДЕН!
ДУР ТРЕПНАВ се најдов на кочија качен
во јуриш безглаво низ простор мрачен
во раката држев наострен меч
од допири на облаци и налудничав цвет
главата ми тежи во шилестиот скут
со страв ја испуцав со гневен
шут високо летна со насмевка од жалост
и извика во цел глас исполнет со радост:
СЛУШНИ ГО СЕГА О СЕГАШНОСТ МОЈА!
СМЕЕЊЕТО НА ЛИВАДИ СО ВИОЛЕТОВА БОЈА
ПОЧВА РОВКА И КАМЕН ЛАДЕН
ЛЕБДАМ МИРНО СО МИНАТО ВСАДЕН
НЕКА ИЗБЛЕДИ ВО ЦЕЛОСТ ОВОЈ НЕСТВАРЕН СОЈ
ПРАШИНАТА НА ДЕНОТ СО НЕОДРЕДЕН СТРОЈ
ЛИШЕН ОД КОПНЕЖ И ТАТНЕЖИ РОЈ
ОД СОМНЕЖ И МЕЧТИ – ТОЈ ЛИЗГАВ ПОД
СО СГОРЕНИ ОЧИ ВО МЕТАПРОСТОРЕН СВОД
БЕЗ РАСТРОЈ БЕЗ ЧУВСТВА БЕЗ МОЖНОСТ ЗА СОН
ОСТАВИ МЕ САМ … СО ЕДЕН ЕДИНСТВЕН ТОН…….

ИНИЦИЈАЦИЈА

тонам
бавно…бавно…бавно
малечок чун сред позлатена вода
отпор подавен под крикот на замрзнатиот кип
ескалатори
гргори водопоадот врз сентименталниот камен
мутација
јавач смел на крокодил со глава од лав
картите се делат во најладната пештера
…одејќи наназад
одблесок во челото на таванскиот ход
се тресам
разурни го последниот паметник
повиј ме со црвени завеси од свила
да станам капка крв
во твоите фантомски канџи
во чии очи се крие наредната порта

тонам
бавно…бавно… скоро потполно
центриран меч во срцевината на срцето
бестелесен замав од 1000 тони
птичјо перјо по кружницата на аналниот отвор
како елегантен дијалог пред ѕидините на ноќниот вулкан…


ЦИРКУЗАНТОТ ТРКАЛОТО И ОПТЕГНАТОТО ЈАЖЕ

прошетка низ времето по границите на просторот
кружноста на определеното
единствениот начин да се патува
патувањето – интуитивна манифестација на логосната механика

ПРЕД-СТАВ-А

навиката е поистоветување со однесувањето на нешто надвор од она што си
деструктивна појава
коренот на вечното враќање на истото
овој свет е една амебовидна животинка
постојано оближувана
од големиот лигав јазик
повремено воспалена од случајна кивавица

ПО-ЈАВ(Е)-А

од збор си обликуван со тишина се разобликуваш
секое совпаѓање е крај на двојноста
во животот словото е закон, мислата е судбина
одзумирање е перспектива на темнина
за одрази на себе си распрснати низ простор
кој самиот излива од себе
тонот е архитект на сопствениот волумен
повремено се згуснува повремено се разредува
од точката бескрај од бескрајот точка
вдишување и издишување
материјата е религија за умот, умот религија за материјата
етиката е проѕирност со форма
естетиката е првото после ништото

(+-1) -1 0 +1 (-+1)

овој свет можеби не е најдобар од сите можни
можеби не е ни наједноставен од сите можни
овој свет не е ни овој свет
овој свет е мојот свет
Киркегор согледал 3 фази на животот
естетската, етичката и религиската
тогаш трите фази на смртта се
религиската, етичката, естетската

ОД НИШТОТО – ПРВОТО
ВО ПРВОТО – ЕСТЕТИКА
ОД ЕСТЕТИКАТА – МЕМОРИЈА
ВО МЕМОРИЈАТА – СЛОВОТО
ОД СЛОВОТО – ЕТИКАТА
ВО ЕТИКАТА – МАТЕРИЈАТА

ВО МАТЕРИЈАТА – КРАЈОТ
ОД КРАЈОТ – ПОЧЕТОКОТ
ВО ПОЧЕТОКОТ – НИШТОТО

за просторот е последно она што вон него е прво.