3 песни

  • Песните се препеани во рамките на поетско-препејувачката работилница Триглав-Вардар/Вардар-Триглав што во организација на Здружението „Поесис“ се одржа во ноември 2017 год. во „Центарот за поезија Томаж Шаламун“ во Љубљана.
  • Не сум повеќе истиот

    Не дава повеќе отсјај
    светлото, кое го држам
    во дланките, ниту, пак, одекнува
    гласот, кој го носам
    во своите страсти.
    Не сум повеќе истиот,
    Не сум повеќе истиот,
    очите ми ги исушија
    минувачите кои се враќаат
    од своите заминувања.
    Нема повеќе светлина
    во огнот со кој го полнам
    својот дом,
    од кој го стоплувам
    своето тело.
    Не сум повеќе истиот.
    Не сум повеќе истиот,
    вас ќе ве променам.
    Си создадов сопствена тишина
    во својата црква.
    Спијам на два краја.
    Живеам меѓу нив.
    Се митарам.
    Го закопав својот глас
    во меѓуножјето
    на сопствената земја.

    Кутија

    Татко ми ми остави
    кутија со песни.
    Знам дека ќе бидам вечен,
    бидејќи сум веќе некогашен.
    Дождот ја разбива карпата.
    Крвта е океан.
    Иако се растопив
    никогаш нема да бидам уништен.
    Утре ми стана вчера
    и ноќта дојде денски.
    Играта на светлината стана
    мелодија на имагинацијата.
    Стравот нема очи
    кога заспиваш.
    Улогите се поделени.
    Светлата се изгаснати.
    Невидливите се невидливи
    патувајќи низ светот.
    Денес сум нешто повеќе од вчера.
    Еден ден ќе ти ја оставам тебе
    мојата шарена кутија.

    Под кората

    Го вртиш листот.
    Под кората има мноштво мали патеки.
    Со кривини, свијоци, рапави патишта.
    Од светло-кафени до темно-кафени.
    Од темнина до светлина.
    Од пресилен даб до изгниеност.
    Многу години
    од раѓањето до заминувањето,
    чисто полетување.

    Го вртиш листот.
    Под кората има мноштво мали патеки.
    На мекиот мов да се заспие.
    Во светлината.
    Во мемлата.
    Од силината.
    До минливоста.
    На некое друго место.
    Каде што сме тргнати од памтивек.

    Препев од словенечки: Драгана Евтимова