ПАРИЧНИК

– Зошто толку сладоледи се купуваат и се трошат во лето, кога тоа не е мојата сезона?- помисли Снегот, и веднаш си одговори: – Затоа што сум бесплатен!

Понекогаш (би сакал не толку често), помислува како некои негови познати од светот на книжевноста, го искористиле својот занает многу поумешно од него, а при тоа, без лажна скромност, се послаби писатели. Можно е дека ваквите самосожалувачки согледби ги чувствува секој писател кој се убедил дека неговото творештво недоволно се цени, а, на пример, облечен во својот излитен Дизел џемпер од пред 15 години, чека безуспешно да му дојде инспирација. А неа ја нема веќе подолго време, па самодовербата му се клати како запуштена зграда при земјотрес.
Неговата збирка раскази „Уште еден домат“, напишана пред триесетина или повеќе години, ја фалеа и преведуваа, но тој се уште беше жртва на нотарите поради заостанатите долгови за парно и струја. Еднаш кога сиот зараснат отиде на шишање, претходниот муштерија, со убаво средена фризура, цврсто го стисна за раката нарекувајќи го „најредок писател“, па откако си замина, берберинот, за миг согледувајќи го во ново светло, го праша дали има пари од пишувањето. Веќе беше седнат на берберската столица, со бела крпа околу вратот, па некако стаса да промрмори дека хонорарите добро му доаѓаат, една од оние мали лаги со кои божем ја стивнуваше депресијата.
Во неговата улица, синовите умираа многу порано од мајките. Петнаесет, некогаш и дваесет и повеќе години. Во речиси секоја куќа живеја старици, осамени или со своите внуци и снаи, на кои, пред жилавоста на старите жени во црно, не им остануваше друго освен да ги повторуваат низ комшилукот, надевајќи се на сопствена долговечност, приказните за сто и петнаесет годишните баби во нивниот дом. Иако тие ожолчено го осеќаа „нивниот“ како „нејзин“.
Таму некаде, на крајот на улицата, во монтажна куќа, за разлика од другите недоизградена, туку останата иста како по земјотресот, живееше тој со една од тие старици, со својата мајка, или поточно, живееше од нејзината пензија. Таа беше од оние легендарни скопски гимназиски професорки по која го препознаваа, како нејзин син, почесто отколку по самиот него.
Тогаш, го зема Алфред. Можеби и поради инат на мајка му која никако не поднесуваше кучиња. Демек, биле преносници на најгнасни болести, меѓу нив и на грозното глистиште ехинококус што се гнезди по човечките црева, бели дробови, мозок. Но кога снаата на баба-Митре му понуди едно малечко од нивната висока кучка со долгнавеста муцка и рашрафени нозе, едната нога ваму, другата таму, па кога седеше личеше на невешта, падната лизгачка на мраз, не се премислуваше ни за миг. Веднаш го посвои.

Кутрето многу брзо порасна (тука се покажа како вистински наследник на мајка си, големата кучка со мили очи), му се издолжија муцката и шармот, а како што растеше, се повеќе бараше да јаде. Мајка му се нервираше, викаше „целата пензија ми ја потроши“, ама нему и на Алфред не им беше гајле, си спиеја заедно во неговата спална чија таваница ја обои во сино, да им биде пријатно наутро кога прворазбудениот Алфред ќе му се вовлечеше во постелата и го буткаше своето неспретно и топло тело до неговото.
– Како е можно? Да имаат толку ист поглед? – секогаш сме одново заинтригирани кога по улиците ќе сретнеме двојка – куче со неговиот сопственик/сопственичка. Првиот избор е на човекот: газдата го бира кучето. Потоа, со време, песот го поприма карактерот и ликот на својот газда. Но во случајот на Алфред и Најден разликите беа многу поочигледни од сличностите. Самиот Најден на кого, како што беше кажано, кучето му прирасна за срце и не еднаш почуствува дека Алфред му е неопходен, кога во огледало или излог ќе се здогледаше со кучето, не можеше а да не се соочи со фактот дека изгледаат прилично, прилично различно. Најден штрклест, исушен, со побелена, ретка коса собрана во опавче и со вдлабнати образи, се движеше како хипи-мумија. На Алфред пак, иако ги наследи долгнавестата муцка и апетитот од мајка си, нозете не му пораснаа. Татко му изгледа беше јазовичар, оти откаде тогаш телото толку да му наликува на дебела кобасица? Но сепак, и покрај разликите, се засакаа уште од почетокот кога, додека Алфред не научи да оди по надвор, Најден, на ужас на мајка си, му купуваше бебешки гаќи-пелени и со ножица му отвори дупка, за да му ја извади опашката.
Секое утро и секоја вечер, го шеташе Алфред по населбата. Некогаш ќе се загледаа во полноќното небо, броејќи ги ѕвездите што се беа фатиле на пајажината од Месечината. Некогаш, особено во март и април, надвор ќе ги изненадеше ненадеен дожд. „Лук и дожд, лук и вода“, му пееше на Алфред додека покиснати трчеа накај дома. Таму го сушеше со фен, малку него, малку себе, додека и двајцата, загреани, не им се препуштеа на домашните задоволства – Најден на топлиот чај од нане, Алфред на тркалезните парченца „Purina“ или „Snoopy“ во неговото метално чанче. Секогаш порцијата здрава храна, и покрај лутиот мрмор на бабата, беше спремна за него.
Таа доцна мајска вечер, кога им се случи паричникот, небото беше неутрално, без премногу ѕвезди и без молњи и грмотевици. По обичај, појдоа кон крајот на улицата, за да свртат на десно, кон дворот и зградата на основното училиште. Од осветлениот прозорец на заклучената монтажна куќа ги испрати намуртениот поглед на старицата мајка.
Полуотчкринатата порта на училишниот двор ги пропушти во препознатливиот ноќен амбиент со сопственици на кучиња по клупите и со по некоја гушната млада двојка во позатскриениот дел од дворот каде сведнатите гранки на дабовите уште повеќе ги штитеа од љубопитните погледи. Го пушти Алфред од каишот и овој веднаш се обиде да се отркала, колку што можеше од ниските нозе, кон групата џагорливи четвороношци. Сите кучиња рамнодушно го дочекаа неговото несмасно пристигнување, освен една ретриверка која замафта со опашката и му дозволи да ја продушка. Во однос на Алфред, таа беше вистинска долгодлака филмска убавица, но нејзината муцка, речиси секогаш полуотворена зашто дишеше на уста, како да се насмевнуваше кога ќе го здогледаше Алфред. Можеби Најден сакаше така да си замислува, но додека си играа пред него во училишниот двор, Алфред и ретриварката му изгледаа навистина како среќни кучиња.
Најден задоволно ја набљудуваше другарската закачка меѓу двете кучиња, заедно со сопственичката на ретриверката, една постара госпоѓа која седеше две клупи одалечена од него. – Слатки се како деца, нели? – почна жената. – Да, така е – потврди. – Е, брат ми Петар да беше тука, да ја видеше Фреја колку е порасната… – ? – Лани, за една години, пет Петревци од Детроит умреа.- Како? – Па сите се викаа Петар, Петре или Перо. Сите Македонци заминати во Америка по печалба во младоста. И сите се преселија на оној свет за една година. А пред тоа, сите изградија куќи, купија станови, некој во село, некој во град. Демек ќе се вратат во родниот крај, а преку летото ќе им доаѓаат децата и внуците од Америка. Брат ми купи конфорен, трисобен стан во Капиштец. Му купи и автомобил на син му Џорџ, за да го чека на аеродром кога ќе дојде со семејството и потоа да се возат по земјава наша. – И? – успеа да промрмори. – Ами ништо. Фрлање пари за џабе. На децата не им е гајле. За автомобилот, мерцедес- бенц, морав под стари години возачки да положам, да не седи така неискористен.
На Најден приказната му зазвучи морничава, во никаква согласност со веселата глетка на двета заиграни кучиња пред нив. Тој, кој инаку воопшто не ги сакаше приказните за смртта, не можеше а да не забележи извесна нота уживање во гласот на госпоѓата. „За смрт на роден брат така да зборува?! Како не и е срам! Безобразно дрдорливо бабиште, сигурно долгогодишна вдовица и пензионерка, која во своето живеалиште се иживува врз својот неженет син или немажена ќерка“, се жестеше во себе, „Како е можно ваква жена да има толку убаво куче?“. Во знак на протест намерно ја сврти главата од жената и се загледа во спротивната страна.
И тогаш, го забележа паричникот. Во полутемницата, меѓу тревките, до еден полжав, заскитан по синоќешниот дожд, погледот му се слизна кон кожниот паричник на преклоп, што прилично спастрен лежеше таму, достапен на ракофат. Најден реагираше нагло, претерано нагло, помисли подоцна, и го собра паричникот.
Жената ништо не забележа. Иако дланките му се навлажија од пот. Сега би запалил едно цигарче да се смири. Наместо тоа – Алфред, одиме! – го повика кучето. Но гласот на жената повторно го сепна: – Оставете ги, нека си поиграат. Фреја очигледно нема ништо против вашето куче. А ние во меѓувреме уште малку ќе си помуабетиме – продолжи жената со својот монолог. – Мораме да одиме! – ја прекина. – Но зошто? Толку ни е убаво – инсистираше таа. – Ќе ме чекаат. Треба да ми дојде еден другар – излажа.
Изгубениот паричник, со она што беше внатре, сега го исполнуваше левиот џеб од панталоните. „Што да правам?“, се испрашуваше додека го влечеше мрзливиот Алфред кон дома. „Веројатно не е женски, ќе имаше патент“, се обидуваше да размислува, но додека не стигна не го извади паричникот од џебот. – Пак ли губеше време со песот- го пречека мајката од осветлениот прозорец.

Најден ништо не и одговори. Влезе внатре и заедно со Алфред се затвори во својата соба.
Собата на Најден не личеше на соба на возрасен ерген само по расфрланоста на книгите и алиштата, туку и по збрканоста на севкупната атмосфера што, како и кај оние претерано педантни ергени од другата крајност, мириса на конфузен ум. Тој можеби беше единствена машка глава во куќата, но очигледно без никаква почит кон него, освен од страна на верниот Алфред.
Го извади паричникот од џебот. И тогаш, додека го држеше меѓу дланките, шлапкајќи по собата со се уште несвлечените чевли, му се придвижи мислата „Кој го загубил новчаникот?“. Не можеше да се отргне од проклетата мисла дека тоа е некоја возрасна, многу возрасна особа, постара дури и од пензионерката која го тормозеше во паркчето. Која со тешки маки решила малку да се прошета до паркот откако ја извадила својата пензиичка од банката. Можеби стара како мајка му. Но во неговата измачувачка имагинација, таа старица имаше сосем поинаков карактер од мајка му – половина (или можеби две третини?) од парите ги даваше на своето дете, неспокоен млад човек, со образование и талент, но со години невработен.
Облиен со ладна пот, влезе шлапкајќи во купатилото за да се измие. Го остави паричникот на на крајот од полицата, меѓу четкичката за заби и пастата за бричење, каде што ги избркала мајка му. Збунето и долго ги триеше рацете со жолтиот ефтин сапун, додека во главата му дуваше виор, ама не да ја прочисти, туку за да го зашемети уште повеќе.
Алфред, кој заедно со него се протна низ полуотворената врата од купатилото (која веднаш ја заклучи два пати), му се вовлече меѓу нозете да го утеши.
– Знаеш ли, Алфи, што сум јас?
Кучето оддолу го гледаше жално и прашално.
– Знаеш ли што сум? – повтори погласно – Крадец.
Алфред и натаму вулнерабилно го гледаше.
– Крадец!
– Кој е таму во клозетот?! – го сепна гласот на мајка му. – Што правите таму? – викна таа, за секој случај уште неколку пати чукнувајќи по вратата.
– Јас сум. Ги мијам рацете.
– Отвори. Ми се оди во ВЦ.
– Уште не сум завршил.
– Баш ми е гајле. Се пикаш внатре со твојот гнасен пес. Кој знае што правите таму.
– А ти, ме прислушуваш?
– Отвори бе. Ми се моча.
– Ќе мораш да причекаш малку. Уште минута.
– Не може. Отварај.
Го зграпчи паричникот и пак го пикна во џебот.
Ја отклуча вратата. Алфред се шмугна меѓу нозете и се завлече под креветот во неговата соба. Најден, колку што можеше погордо, помина покрај својот деспотски родител. Mајка му ја тресна вратата, а тој растревожен се упати кон Алфред кој, заедно со своите куси нозе, се беше завлекол под креветот. Додека од купатилото се слушаше долготрајниот звук од мочањето на мајка му, а тој го стискаше паричникот во џебот, му текна на една од тие големи неправди што му се случи пред триесетина, поточно 33 години (каква симболика!), на промоцијата на неговиот првенец „Уште еден домат“, кога во МКЦ се собраа, како сложно насмеано семејство, роднините од сите генерации, и салата се исполни со колонија посетители. На масата крај бината се редеа подароци – шишиња виски, вина, бонбоњери…
По завршетокот на промоцијата што мошне успешно се заокружи со пофалбите на младата критичарка и стариот професор кој го нарече „велемајстор на младата македонска проза“, Најден возбудено ги потпишуваше примероците од „Уште еден домат“, примајќи честитки и гушки, потоа, поткренат од гордост, ги испраќаше посетителите до влезот на МКЦ. Победнички се враќаше кон салата, кога…
Масата беше празна. Испразнета!
Му ги украдоа сите подароци!
Одтогаш, во последниве 33 години, роднините прилично се проретчија. Никој, фала му на Господа, не загина од бомба или од сообраќајка, но на бојното поле на смртноста, времето ги косеше безмилосно. А можеби, токму еден од тие, веќе неживи роднини му ги украл подароците! Во овој криминален свет се случуваат перверзни работи! „Колку пати сум бил онеправден, и ми украле и подароци, и пари, и талентот, и животот ми го украле, се ми земале“.
Мајка му, конечно, си ги изми рацете и излезе од купатилото. Помина крај него и растроениот Алфред, не удостојувајќи ги со поглед.
Најден ја затвори вратата од собата, седна. Ја запали последната цигара од кутијата „Карелија лајт“ (иако дома беше дозволено да се пуши само на терасата). Длабоко повлече од цигарата и полека и звучно го испушти чадот. Ги крена нозете на маса и го повика Алфред од под креветот: – Ајде Алфи, дојди да видиме што има во оној наш паричник.