ASL PLS?

Со Никола Илиевски алијас Нестварност, фотограф, музички продуцент и бруцош на катедра за Општа и компартивна книжевност

Која беше првата уметност со која почна да се бавиш – фотографија или музика? И зошто токму овие две нешта?

Ги проучувам и сум инвестиран во светот на овие две уметности откако знам за себеси, што на некој начин и не ми дозволува да одговорам сувопарно. Сепак, за да е одговорот поконкретен, фотографирам веќе пет години. Почнав да создавам музика пред точно шест месеци. Причината поради мојата инволвираност во овие светови е потребата да ја споделам мојата приказна и мојата личност со светот. Сметам дека јас сум еден од оние луѓе кои имаат многу да кажат за себе и за нивното опкружување. Иако секогаш сум одговарал на ова прашање со страв од тоа да не бидам сфатен погрешно, сметам дека веќе доволно сум навлезен во тоа што го правам за да си го дозволам овој луксуз од искреност преку пишаниот збор. Отсекогаш сум бил опседнат со пакетот што е аудио-визуелното. На тој начин, не само што ја слушаш пораката, туку и ја гледаш. Затоа и се бавам со тоа.

Што е она што го поттикнува еден фотограф да го скамени миг кого го засведочува?

Мислам дека тоа е нешто многу индивидуално и се разлкува кај секого. Некои луѓе сакаат да го скаменат само она што ги привлекува естетски, додека пак работата на други е поврзана со одредена порака, и творат само кога имаат потреба да излезат со одреден social-commentary.

Кои се најчестите емоции што сакаш да ги доловиш во своите музички нумери?

Во принцип работам на музика само кога чувствувам силно. Не би можел да седнам и да сработам нешто без да сум под одредена импресија или да сум во некакво посебно расположение кое ме поттикнува да чувствувам силно за тоа што ми се случува во животот. Никогаш не сум седнал да размислувам за пооделните емоции кои преовладуваат кога творам. Но сметам дека со самото слушање на одредена моја песна се доаѓа до одговорот на ова прашање. Затоа мојата музика е таква каква што е, и затоа никогаш не се ограничувам со ништо за време на нејзината продукција.

Дали честата присутност на социјалните мрежи и платформи е доволна за еден млад уметник од Балканот да биде препознаен од барем малцина посетители на огромниот глобален изложбен салон, наречен интернет?

Сметам дека секој млад човек денес е способен да изгради своја платформа на која било од понудените социјални мрежи. Иако е потребно време за тоа, после одреден период откако ќе се оформи твојата публика, таа станува група на луѓе која те разбира и будно следи се што правиш. Така е бидејќи тие не се твои обожаватели, туку твои пријатели. Имањето на интернационална публика, без разлика на нејзиниот број е една вистинска привилегија заради тоа што така ја имаме можноста да дознаеме како луѓето од различни култури, кои туку-што дознаваат што е Македонија преку твоите дела, ја примаат твојата уметност, и каква импресија им остава тоа што го работиш за местото од каде што доаѓаш.

Што е она што за тебе еден уметник го прави, едноставно кажано, добар?

За жал живееме во време каде зборот уметност не значи многу. Тоа не е бидејќи не постои добра уметност, туку бидејќи сме бомбардирани од изборот што ни е понуден на интернет. Сметам дека искреноста е една од клучните фактори кои играат улога во квалитетот на еден уметник. Творењето на одредено дело без разлика во кое поле од уметноста според мене би било добро само кога оној кој работел на истото инвестирал доволно искрени чувства. Тоа е нешто што и самите „потрошувачи“ се способни да го препознаат.

Во еден филм за Хамлет, „Анонимус“, еден од ликовите го кажува цитатот: „Секоја уметност е политичка. Во спротивно, таа би била декорација.“ Кој е твојот став по ова прашање?

Како личност чија работа комплетно се одразува на ова, можам да одговорам само од мојата перспектива и комплетно ќе се сложам со горенаведеното. Мојата фотографија, посебно делата што се поврзани со Нестварност се ништо повеќе од еден одраз на опипливата стварност на животот на младите луѓе во Скопје. Таа одредена стварност која што јас ја прикажувам е само една рефлексија од политичкиот живот во Македонија, кој уништил многу работи, за многу луѓе. Фактот дека уметноста е политичка е поврзан со потребата од искреност и автентичност во делата на творците. Искреноста им дава тежина на делата и дури во многу случаеви ја ги прави монументални.

Постои ли подреденост меѓу уметничките видови? Дали, на пример, музиката е хиерархиски повисоко од ликовната уметност, да речеме?

Би рекол дека тоа е нешто многу индивидуално бидејќи секоја личност е родена со одредена предиспозиција да се поврзува со одредена форма на уметноста повеќе од останатите. На пример, во мојот случај тоа е музиката. Јас верувам во нејзината моќ, нејзината искреност, дури и во моментите кога според мнозинството е највештачка, и сметам дека без неа светот би бил неиздржлив. Неиздржлив поради тоа што со помош на музиката се споделуваат најважните коментари за општеството. Така е бидејќи музиката лесно го привлекува нашето внимание, текстовите се пишуваат на начини кои се привлечни за слушање, и од музиката највеќе ја чувствуваме потребата да и се навратиме во споредба со останатите уметности.

https://nikolailievski.com/
http://nikolailievski.tumblr.com/
https://www.instagram.com/nestvarnost/
https://soundcloud.com/nestvarnost