Швајцарскo ножe

Коста ракуваше со мистријата небаре се родил со неа. Единствено нешто што му остави татко му беше торба полна ѕидарски алат и аманет дека треба да работи за чесно да си го заработува лебот. Не дека ова беше вистински аманет што Коста по секоја цена го следеше, туку друг избор и немаше. Татко му умре кога тој беше средношколец. На две-на- три некако ја заврши годината, ја нарами торбата од татка си и тргна на градилиштето. И така од ден за ден, години се сторија. Градежната работа беше тешка, ама затоа работници немаше со лопати да се црпат, се помалку и помалку а пазарот бараше млади и здрави луѓе, токму како Коста, волни да си ја остават младоста и здравјето меѓу малтерот и циглите.
Коста не се жалеше, а и немаше кому да му се жали оти по смртта на татка си остана сам во семејната куќа. Татко му го израсна, на мајка си не се сеќаваше. Татко му беше му рекол еднаш дека умрела кога тој бил бебе. И тоа беше се што знаеше за неа, таа вест и една слика без рамка ставена меѓу стаклата на старата витрина. Го праша уште неколку пати за мајка си, но одговор повеќе не доби. Неколкупати, многу ретко ќе пријдеше, ќе ја извадеше сликата од зад стаклото и одблиску ќе ја погледнеше. Сликата беше стара, избледена, боите речиси не се препознаваа. Се гледаше жена со кратко потстрижена темна коса и црн фустан испрскан со шарени цветови, на преклоп, од едната страна врзан на колкот. Коста знаеше само дека ова е слика од мајка му, пред тој да се роди ама не знаеше ништо за оваа жена, не ја чувствуваше како блиска, не знаеше ниту дали му се допаѓа, ниту како би требало да изгледа убава жена на осумнаесетина години, колку што имаше жената на сликата. Ќе ја погледаше и ќе ја вратеше назад. Така неколку пати и веќе ја заборави.
Коста многу ретко имаше блиска средба со жени. Во нивната семејна куќа каде живееја со татка си не се сеќаваше да дошла жена, можеби само сосетката Вера од време на време ќе затропаше на старата дрвена порта, оти татко му секогаш ноќе ја затвораше со старото за’рѓано резе, ама повеќе сакаше преку ден на Коста да му подаде некое јаболко, или некое парче пита или пресен зелник што беше го месила утрото. Тој на ја одбиваше. Го препознаваше гласот на тетка Вера штом ќе го чуеше од дворот и ќе истрчаше надвор. Ќе ја земеше чинијата, ќе ѝ се заблагодареше и ќе си влезеше дома. Коста никогаш не беше се запрашал како би било кога и тој би имал мајка која би замесила ваков вкусен зелник, како би било кога би имало жена во куќата која ќе готви и ќе се грижи за нив, како кај другите. Нему му беше добро и вака. За храна се снаоѓаа некако, битно секогаш имаше леб в куќи.

Ниту во градежното училиште каде учеше Коста немаше многу жени. Неговиот клас броеше дваесетина ученици, сите до еден момчиња, горе-долу на негова возраст. Коста немаше обичај да се спријателува со соучениците а ниту нив пак ги интересираше Коста и неговиот самотнички живот. Кога ќе завршеа часовите, а многупати и пред тоа, група ученици редовно ќе се собереа во блиското кафуле или поточно во дворот пред него, ќе земеа по некое пиво и ќе запалеа по една цигара. Меѓу нив имаше и девојки кои беа многу гласни и постојано се кикотеа на секоја божемна шега на некој од момчињата. И Коста знаеше да запали по некоја цигара и да размени по некој збор или шега со нив ама ова прегласно кикотење на девојките секогаш го одвраќаше па ќе си го продолжеше патот не обраќајќи им внимание, божем не ги видел. Напати беше чул како некоја од девојките го довикуваше штом ќе поминеше со наведната глава и поглед прикован на земја.
„Еј Коста, што си ма толку важен?“
И потоа ќе чуеше громогласен кикот од измешани женски гласови како се разлева зад него. Само ќе го забрзаше чекорот и без да ги удостои со поглед ќе заминеше. Еден ден, беше зима, часовите му завршуваа после 18.00 часот па Коста набрзина го одмина кафулето, иако поради студот никој немаше надвор. Беше ја закопчал дебелата зимска виндјакна а капата си ја навлекол до носот. Со ранецот на грб речиси претрча по патеката покрај кафулето кога вратата се отвори и една од девојките извика колку што ја држеше гласот: „Еј видете луѓе, нинџа желка! “ И повторно се разлеа смеа што се слушаше уште некое време додека Коста не се оддалечи доволно.
Чекореше побрзо од вообичаено но и покрај тоа чу уште побрзи чекори зад него како му се приближуваат. Не се исплаши, ниту се сврти само продолжи напред.
„Коста почекај малку…“ чу зад себе познат глас.
Кога се сврти го виде Петар, кој речиси трчаше зад него. Подзастана и го почека задишаниот Петар кој седеше во клупата зад него, сам, исто како него. Коста никогаш не беше проговорил ни збор со него оти Петар, како што велеа, бил малку поинаков од другите. Тој не беше сигурен во што се состои таа различност кај Петар но не беше ни многу љубопитен за да открие. Затоа го гледаше само оддалеку без да се заинтересира што пишува тој по цели часови во тетратките а потоа често ги кине листовите на многу ситни парчиња и ги фрла како конфети во училницата. Факт беше дека пишува нешто, многу брзо со нечиток ракопис оти еднаш едно поголемо откинато парче од неговите писма долета на клупата на Коста. Тогаш го зеде и прочита неколку збора, толку можеше оти текстот беше прекинат. Тогаш сфати дека Петар пишува песни, поточно се обидува да пишува стихови што не може да ги поврзе еден со друг па затоа ги уништува. Коста не знаеше ништо за поезија, никогаш не прочитал песна ниту пак имаше желба се додека еден ден кога си ги ведеше тетратките од ранецот дома, не налета на лист хартија свиткан на половина и ставен во неговата тетратка. Го отвори и не требаше да се мисли двапати, ракописот беше на Петар, една од неговите песни што, ете, случајно преживеала и се нашла во неговата тетратка. Коста не се посомнева како е можно листот да биде внимателно превиткан на половина и да се најде токму во неговата тетратка и сето тоа да биде случајно. На Петар му се изгубил листот. Го отвори и прочита:
„Ние сме тие кои сме избрани и мораме да бидеме свои.“
Толку, само еден ред и ништо друго. Коста речиси беше сигурен дека оваа порака не му е упатена нему, дека листот на некаков нејасен начин го погрешил патот и стигнал во туѓа тетратка. Не размислуваше многу и другиот ден со листот в рака застана пред Петар и му го врати назад. Не му рече ништо, само му го подаде листот и си седна во својата клупа. Не се сврти назад да ја види реакцијата на Петар а камо ли да му прозбори нешто. И се ќе беше навистина случајно ако наредната недела уште еден ваков лист не завршеше во ранецот на Коста. Овој пат имаше повеќе текст.

„Бакни ме со бакнеж на својата усна, твојата љубов е послатка од вино,“
„Мирис на најдобрите мириси, твоето име е разлеано масло,
„Затоа те љубат девиците.“

Ова го натера Коста малку да размисли. Не, не за тоа како завршило ова хартивче во неговиот ранец туку, ракописот беше на Патар, тоа беше јасно туку и стиховите му се сторија некако познати. Тој не сакаше поезија, ама ова како да беше го видел некаде претходно. Брзо го извади учебникот по мајчин јазик и литература и почна да го листа од почеток, читаше повеќе од било кога претходно но ни еден од текстовите не одговараше на текстот во листот што го доби. Сфати дека не знаеше што бара и почна брзо да го листа учебникот од почеток и застана во делот за библиските приказни. Одеднаш налета на нешто што се нарекуваше Соломонова песна над песните, една од најпознатите библиски песни. Никогаш не беше чул за вакво нешто но сега сфати дека Петар ги препишал овие стихови, но зошто? Затоа што му се допаднале или затоа што сакал да му каже нешто? Не сфаќаше доволно но барем сега се сомневаше дека овие листови хартија не завршуваат случајно во неговиот ранец. Бидејќи не знаеше да ги толкува овие библиски стихови и да си одговори што тие би требало да значат за него, реши да постапи исто како и минатиот пат, да му го врати листот на Петар, но овој пат му забележа дека листот веројатно му се лизнал и завршил во неговиот ранец, а тој е чесен па сака да му го врати назад. Да глуми наивност, му се чинеше најдобро решение, оти како и да постапи поинаку, треба да почне разговор со Петар, со чудниот и необичен соученик Петар, кој слично како и него, половина од денот немо ги набљудуваше сите наоколу а остатокот од времето молчеше и зјапаше во листот хартија пред себе.

Кога се обѕрна, Петар мавташе со раката дајавќи му знак да подзапри. Продолжи во чекор со него. Некое време и двајцата молчеа. Петар прв прозборе.
„Ги чув оние кози од кафулето,“ рече со глас полн презир и ова беше уште еден обид да пријде во закрила на својот соученик, да застане на негова страна и се разбира да побара да му биде пријател. „Одвратни се!“ продолжи со истиот тон во гласот надевајќи се дека сега ќе го добие гласот на Коста.
„Знам,“ многу тивко му возврати Коста и го продолжи патот. Но молчаливоста на Коста не го поколеба Петар да продолжи да чекори покрај него. Повторно следуваше молк. И двајцата со тешки чекори газеа по замрзнатите улици, под стапалата од време на време потпукнуваше мразот, онаму каде беше потанок и дозволуваше да се скрши од тежината на пешаците. Одеднаш Петар запре.
„Еј, сакам да ти покажам нешто,“ викна одеднаш „дојди со мене!“ Го гледаше со широко отворени очи, очи кои ветуваат, таат, кријат нешто и нудат можност да одгатнат парче од таа чувана тајна. Петар одмавна со главата налево давајќи му знак да тргне по него. И Коста без збор продолжи да чекори по него. Скршнаа во сокачето одлево и на околу стотина метри од патот се појави карабина, огромна, три ката висока шуплива градба од црвена цигла. Петар се поткачи на ѕидчето, се сврти зад него за да види дали Коста сеуште е тука. Коста немо стоеше пред карабината и гледаше нагоре кон недовршениот кат. „Дојди,“ тивко рече Петар веќе навлезен во внатрешноста та гласот му одекна и неколкукратно се одби од празните ѕидови. Се качи по скалите, стигна на вториот кат и тргна кон аголот на една од просториите. Коста го следеше и молчеше. Се наведна и со раката прочепка во едно купче со песок и од него извади црвено швајцарско ноже. Го исчисти песокот, дувна неколку пати во дланката и го подзабриша правот и на површината на пластичната дршка на ножето се појави типичниот швајцарски крст. Му го подаде на Коста и му рече: „твое е нели?“
„Од каде знаеш?“ одеднаш проговори Коста и зачудено го вртеше ножето во дланката уверувајќи се дека е неговото изгубено наследство.
„Забележав дека имаш исто такво, го носеше со себе некое време во џебот, нели? А потоа го снема. Пред некое време доаѓав овде и го пронајдов.“
„Што си барал ти тука?“ сериозно праша Коста.
„Моја работа. А што си правел ти овде?“ возврати Петар.
„Летото работев овде,“ продолжи да го набљудува ножето вртејќи го од сите страни, „ете каде било, зарем цело ова време останало овде?“ праша и зачудено го погледна Петар.

Петар го гледаше со насмевнато лице. Потоа гласно се закикоти. „Па да речиме дека останало овде до некое време во есента. Кога го пронајдов и сфатив дека е твоето, го сокрив, го закопав овде и барав начин да ти покажам како сам да си го пронајдеш. Но ти си многу тврдоглав и не соработуваше со мене…не ги прифати моите најкреативни обиди да ти се приближам,“ почна полека да се доближува до него гледајќи го во очи, „морав некако да те доведам овде за да знам дека сепак ова е твоето ноже…“ продолжи да зборува и полека со дланката да го допира Коста по виндијакната. Тој не обрати внимение на тоа оти сеуште заинтересирано гледаше во ножето што го имаше во раката. Голата и студена дланка на Петар полека стигна до вратот на Коста кога тој почувствува како студени морници го полазија по грбот. Ја крена главата и го погледна Петар. Во очите му се читаше студенило, но Петар не попушти, го повлече уште посилно за вратот и го приближи до себе не испуштајќи го неговиот поглед ни миг. Никој ништо не прозборе. На Патер стисокот му попушти и продолжи нежно да го милува Коста по вратот, полека со дланката стигна до образот, со показалецот помина по студените усни на Коста. Тој не се помрдна. Стоеше небаре е статуа од камен и гледаше, сега во ѕидот пред себе. Одеднаш, телото на Петар се опушти и благо се навали, се потпре на рамото на Коста кој беше неколку сантиментри повисок од него. Со показалецот полека му ги подотвори усните и навлезе во нив. Коста со раката го допре по плеќите, чиниш го прифати, го прегрна. Но тогаш како да се разбуди од сон, прво благо се стресе а потоа силно стегна со забите и го загриза прстот што му се најде во устата. Силно стегна со забите кога се чу врисок од затетеравеното тело на Патар, небаре автомобил на улица изгазил некое животинче, куче или маче, така звучеше врисокот на Петар. Вмигум го одлепи телото од Коста, се оттурна и си ја извлече раката.

„Што направи, мамичето твое…!!?“ викна со плачлив глас и почна да ја тресе раката од болка.

Показалецот му беше виснат и помодрен. Некаде, во близина на ноктот бликна локва крв и силно потече надолу по дланката. Капки крв, една по една капеа на земјата во правта на која стоеа двете момчиња. Се оддалечи уште некој чекор наназад и со прстите од другата рака си го допре вратот на местото на кое пред малку почувствува нејасен бодеж. Кога ги погледна, виде дека се крвави. Уште еднаш со неверување погледна во Коста кој сосем рамнодушно стоеше на истото место. Тогаш Коста ја крена раката погледна во крвавото сечило на ножето, го склопи и си го прибра во џебот. Потоа се сврте и замина надолу по скалите. За неполна минута престанаа да се слушаат неговите чекори во карабината и се изгуби надвор во мракот.

16.03.2017