Сакам денес да ми биде прекрасно

Последно во распоредот на Мирослав Масин, македонски сликар е отворање нова самостојна изложба на 19ти ноември во Љубљана. Веќе неколку децении држи внимание кај публиката со своите оригинални дела. Непосреден, забавен човек кој сака нештата да се случуваат природно. Многу го сака животот, а и тој него.

Во студентските денови, формирањето како уметник што сакавте да извлечете од своите професори?
Јас ништо не сакав да извлечам од нив, сакав да учам, имав добра комбинација од професори. Првите две години професор ми беше Душан Перчинков, па потоа Кондовски две години и една година, трета, паднав од марксизам и останав кај Конде уште една и кај Родољуб Анастасов завршив четврта година. Така што имав прекрасна комбинација од професори и тие се маестрални, а сите различни како автори и како професори. Врска ми беше и Мазев, така што од сите учев, а и купив нешто од нив.
Не знаев дека купувам, но бидејќи и јас сум „џамбаз“ и ги сублимирав најубавите работи. И тие како професори зборуваат многу, меѓутоа маестрално. Да речеме Перчинков не зборуваше многу како што си е графичар, со Конде си потпивнувавме и ракии и штокови и вискија, кој што има, Анастасов исто не зборуваше многу, меѓутоа тој ме научи на белината. Сите ме учеа и јас земав од нив. Многу е битно и отпосле, кога ќе ти каже професорот или татко ти, мајка ти, абе ова не треба вака, ова не треба да го правиш, ти си викаш „е како да не ти ќе ми кажеш“ и после 5 или 10 или 15 години ќе видиш дека бил во право. Така што. Па некој после 5, после 50 години, а некој никогаш нема да сфати некои работи. Така што имав прекрасна комбинација на професори. Анѓелко Миловиќ ме спремаше пред Академија, така што кон сите имам должно почитување.

Како се паѓа година на ликовна академија?
Од марксизам. Тоа беше предмет кој се учеше во бивша Југославија, сеге веќе не се учи. И на марксизам паднавме 12 души од цела генерација од ликовна академија, што беше задолжителен предмет во тоа време. И јас го искористив тоа, баш ми беше драго што останав кај Кондовски уште една година. Па една година, сега има педесет и кусур, така што прекрасно било. Тогаш на 24-5-6 една година многу ти се чини, сега ми е… Јас не лажам, затоа треба да ми верувате.

На кои легенди-сликари се угледувате денес?
Многу ги сакам, скоро сите ги сакам.

Кои одговори ги барате во нив, што пронаоѓате во нив?
Секое цвеќенце, секоја легенда, секое животно и кога и да ме прашаат, ако морам некој да одберам некој тоа е Рембрант ван Рејн. Меѓутоа низ историјата ги има многу, многу. Еве јас кога бев на академија, имаше две струи, една модерна и една класична. Јас бев од класичната, од застарените, јас ги сакам Дали и Рембрант. Другиве беа по перформанси, таков арт имаше во ’80 години. Меѓутоа ако морам да одберам еден, тоа е Рембрант ван Рејн. А инаку ги сакам и Пикасо и Дали’ и еве Барили во Србија. Многу маестрални, не можеш да ги ставиш на кантар кој е подобар, дали е Дали или Пикасо. Ако мене ми одговара надреализмот, е ова е тоа и другите не важат ништо. Јас кога бев млад и кога учев, прво беше Дали и јас и никој друг. После сфатив дека има и други величини. Многу ги има.

Кога прв пат заработивте на ваше дело?
Прв пат за време на студии на Академија, но не се сеќавам на човекот. Тој имаше неколку галерии и тогаш продадов неколку во различни галерии, сега имам слаба меморија, меѓутоа и добро проаѓав.

Дали тој момент, да речеме продажба на прво дело или петнаесетто се совпаѓа со моментот кога си рековте ’Па јас стварно вредам нешто. Јас имам нешто посебно во мене’?

Јас и ден денес не мислам дека имам нешто посебно. Јас гледам да дочекам утре и да одам во петок за Словенија и да направам изложба и не очекувам дека ќе продадам. Ако се случи е прекрасно. Јас сум од оние, за денес да го истераме денот. Не би рекол дека сум скромен, меѓутоа денес сакам да ми биде прекрасно, па утре ј.г. Сакам денеска да ми е прекрасно и да не се секирам, а утре ако дојде, ако има Господ од Господ нека биде.

Верувате?
Од попска фамилија сум. Но јас се дружам и со муслимани и хиндуси… Битно ми е да го истераме денот и да се дружиме дали кај мене, во кафана или кај вас дома, да истераме убаво, позитивно, ако има некој Бог, да помогне да го истераме и денеска денот.

Што е за вас убавината?
Може кратко? Најубава работа. Да откриеш убавина во сè и во грдотијата. И јас се трудам, бар мислам дека се трудам, некаде ми шепнале, ’абе ти и во грдото наоѓаш убаво’. Тоа е позитивно и во грдото да пронајдеш убаво. Сега ако три пати е грдо тогаш ќе му ставиш крст, ќе го шиканираш. Но за она што некој мисли дека е грдо да најдеш убавина и таму.

Што е уметникот за вас? Гоја вели дека уметникот е маскирано, сомнително лице, патник со лажен пасош.
Тоа Нушиќ го има кажано, но Гоја мојот колега, да го поздравите кога ќе го видите.
А тој може да има 30 или 100 лица. Еве вчера бев во Битола, сабајле се вратив и беше една екипа и еден дечко господин, моја генерација што не го знаев и тој пепељара, чаши, ова она, не ме занима два посто, а после едно време ми вели, абе јас ве знам вас од телевизија. Значи наеднаш пораснав во неговите очи. Не, не сте пеач вие, па јас ве гледав со жена ми и тој почна веднаш менува пепељари. Абе јас ве знам, а пред тоа дур не му текна, абе викам дечко, гледам дека работи, опслужува, тој не реагира… Некогаш убави, некогаш чудни.

Како дете, дали се гледавте себеси како сликар, уметник?
Ма јок, прво бев на градежен запишан, сакав да станам директор. И после го запознав Анѓелко Миловиќ и видов како ѝ прави портрет на девојка ми и како од бела хартија излезе човек… А и во средно бев во математичка гимназија во Корчагин, не ми идеше математика, моиве со професор, да не ги брукам и ова пробав и после ме учеа. Значи поима немав јас, до крај, до после војска, после 18 години јас се фатив со оваа најпрекрасна работа. Можеби музиката е најпрекрасна, меѓутоа и ова е… некој ќе рече изгледа како олош, еве овој пие, но сепак е сериозна и мојава работа. ’А што ти две шкртки, потписот и гајле ти е’.

Уметникот има или нема повисок ранг во кое и да е општество, затоа што создава еден свет од повисок ранг, свет каде владеат други закони и правила од она што ние го гледаме тука. Дали мислите дека тој го ремети тој друг свет или создава некој свој друг ред?
Абе ранг… јас сè сфаќам дека е лефтерно и природно и без силување. Значи да си оди така лефтерно и не сакам да се замарам кој е подобар или кој има поскап џеб. Мислам дека бар јас не се трудам, еве и некои мои драги блиски луѓе кои што сме блиски, па вика ’ти така, е па така викам’… колку е ова разбирливо, значи да си течат работите како што течат да нема силување. Понекогаш треба малку лев жмигавец, да подбутнеш. Ако е природна, тогаш е врвна. Тогаш не треба ни жмигавци, ни долги светла… не знам колку одговорив на ова прашање.

Од каде мислите дека потекнува уметноста?
Од кога постои човекот. Од праисторија, а и пред тоа веројатно. Уметноста е сепак една божествена работа. Тоа е ретка и затоа божествена. Уметноста не е „потребна“ во наводници, но неопходна е за некое друго ниво. Кога ќе постигнеш нешто, кога ќе направиш, тогаш ти треба. Не ти треба да ставиш слика или скулптура дома… Треба да имаш фотелја, регал, кревет, ТВ, LCD, меѓутоа слика не ти треба. Слика не е неопходна. Тогаш кога ќе дојде човекот на едно ниво…
Кога беше пред 15тина години, кога почнаа 20тина бизнисмени, тие купуваа сè и сешто од слики важно е да бидат слики… Прво купува џип и има пари и тогаш купува сè и сешто. Тогаш почнаа да ги купуваат Личеновски, Мартиновски, Мазев и ги искупија тие, па тогаш дојдовме ние на ред и нас нè купуваа.
Значи тоа е еден процес кој трае и тој трае од праисторија. Значи и нив им требаме ние како уметници, уметник е тежок збор, а и они ни требаат нас за да живееме.
Знаеш, ако правиш некоја работа и ако ја силуваш работата, педесет отсто и повеќе од педесет отсто нема да ја биде. Ако си е природно, бар ја мислам така, природно си е природно, како Вива сокови. Јас им викам и на младиве колеги и колешки, ’јас ќе станам богат и славен, јас ќе бидам голем’, чекај викам опушти се малку, прво научи некои работи, па оди излези, отспиј, не може со сила да биде ништо. Тие што создавале не мислеле дека после два века ќе бидат изложени во музеј. Тие си ткаеле, влечеле, правеле. Нит Пикасо, добро Пикасо е друго, тој било чудо, тој на 12-3 години правел чуда. Али некои, со умисла не можеш да го направиш тоа, еве јас ќе станам сега богат и славен и ќе имам 15 кучиња. Обично и тие што ткаеле килими, еве зборуваме за килими нели или оние на ѕид што се ставаат, ние имавме во Охрид, некои елени фантасични ствари и ги дадовме во музеј. Тие што ги правеле тогаш народните ракотворби или умотворби, тие не мислеле дека еден ден ние ќе зборуваме, денеска во недела, за нив. Тоа е врхунско, маестрално. Тие го правеле тоа затоа што им требало, ние гледаме сега од мала дистанца. Јас викам дека не сум уметник, ’е како бе вика Масин, не си уметник?’ Викам за уметник треба да поминат еден век-два па да ме прогласат, инаку сега сум сликарче.

Милчо Манчевски вели дека е ’Тажно за уметникот да се повторува себеси’.
Да се повторува… еден историчар на уметност рекол на едно предавање што јас го памтам, сега ќе се автоцитирам… Значи, тоа е величина, нема да му го спомнам името, тој ќе се автоцитира. Да се повторуваш, може. Но да кажеш дека само ти постоиш и на предавање кај студенти дека јас ќе се автоцитирам, значи има толку генијалци на светов, има стотици, ијладници, она на почеток што го зборувавме, кој, иако Рембрант го одбирам постојано. Не е видео, ама се насмевнав.

Што барате да доловите во портретите, кога бараат да изработите?
Портрети правам многу долго и сега последниве години правам портрети на некои драги особи, кога ќе ми текне нешто. Еве на Шурбановски, се бави со археологија, јас му ставив Милоска Венера над глава, на Пјер јас му ставив шише, тој е капетан, плови по регати и јас му ставив шише со едрилица. Портретот е многу зафвална работа, правам и за пари нормално. Нарачка, да личи, треба да личи. Меѓутоа еве последниве години, не само што ќе личи, него сакам нешто повеќе, па им кажувам, видете… ’ма знаеме дека вие, ама немојте многу да не направите’. Мислам… сега некој ако е тaжен, ќе го насмеам, но тоа не е карикатура.
Јас велам дека со години сум и имам едно џуџе, една скулптуричка и јас викам јас сум џуџе овде. Од Снежана и седумте џуџиња, приказната. И си била Снежана и седумте џуџуња и едно од џуџињата спиело контра во креветчето со нозете на перница и Снежана дошла да го буди. Ѝ рекло, кажи бре Жано, што е. Па мали, спиеш контра. Џуџето ѝ вика, па дома сум, п…м… ќе спијам како сакам.
Така што и јас можам, ќе го направам јас портретот ама како ќе излезе…