Девет ноќи

1. Го пишувам ова за тебе, за кога ќе дојдеш. Треба да бидеш подготвен. Некој мора да те предупреди. Пристигнуваш во земја каде што вистината и лагата ги немаат истите значења што те доведоа дотука. Прашај ги Индијанците. Што било. Првата работа што ќе ти мине низ умот. Следниот ден, штом се разбудиш, повторно постави им го истото прашање. Денот потоа, повторно истото. Постојано истото прашање. И секојпат ќе добиеш поинаков одговор. Вистината е изгубена меѓу спротивставеностите и апсурдите. Кога ќе тргнеш во потрага по она што го погребало минатото, треба да знаеш дека си на прагот од земја во која сеќавањата остануваат засекогаш закопани, бидејќи тајната, единственото добро што се понесува в гроб, истовремено и е единственото наследство оставено на оние како мене и тебе, кои остануваат во исчекување на смислата, иако можеби воопшто нема никаква мистерија, и завршуваат умирајќи од љубопитност. Ќе се потпреш врз факти што дотогаш ти се чинеа несомнени. Дека американскиот антрополог Бјуел Квејн, мојот пријател, умре ноќта на 2 август 1939 година, на дваесет и седум години. Дека се самоуби без очигледни објаснувања, неочекувано и на застрашувачки суров начин. Дека се повреди и покрај молбите од двајцата Индијанци што го придружуваа на неговото последно патување додека се враќаше од селото кон Каролина и што престрашени побегнаа од ужасот и од крвта. Дека се испосече и се обеси. Дека зад себе остави впечатливи писма што ништо не објаснуваат. Дека во извештаите што, за несреќа, помогнав да се состават со цел да се избегне истрага, тој беше опишан како очаен и растроен. Со години те очекувам, кој и да си, надевајќи се да го дознаеш она што само јас го знаев и никој друг, но повеќе не можам да оставам на судбината и да допуштам со мене да исчезне она што му го доверив на сопственото сеќавање. Не можам да им го доверам на туѓи раце она што ти припаѓа тебе, а кое сите овие тажни и очајни години го чував заклучено зад седум порти, очекувајќи те тебе. Прости ми. Не смеам да ризикувам. Повеќе не сум доволно млад и силен за да ѝ пркосам на смртта. Утре се враќам во Каролина со брод. Но, пред да заминам, ти оставам завет за кога ќе пристигнеш и ќе се соочиш со целосна неизвесност.
Добре дојде. Ќе ти кажат дека сè се случи многу брзо и неочекувано. Дека сите останаа вчудовидени кога разбраа за самоубиството. Ќе ти кажат многу нешта. Знам што очекуваш од мене. И знам што, најверојатно, размислуваш. Но немој да бараш од мене нешта што никогаш не ми беа откриени, факти, точни времиња и датуми. Ќе можеш единствено да се потпреш на неоснованоста и неизвесноста на она што ќе ти го кажам, исто како што јас ги имав единствено зборовите на Индијанците и неповерливите преводи на професорот Песоа. Приказните, пред сè, зависат од вербата на оној што слуша и од неговата способност да ги толкува. А ти, кога ќе пристигнеш, ќе бидеш мошне подозрив. И доктор Бјуел, на свој начин, беше скептичен. Се спротивставуваше колку што можеше. Потребни ни се причини за да веруваме. Ќе ги злоупотребам ли твоето трпение и твојата добра волја, кој и да си, ако те потсетам дека сите ќе умреме? Се сеќавам на првиот пат кога го видов, во март 1939 година, дента кога пристигна во градот што во своите писма го нарекуваше мртов, еднакво недоверлив каков што си ти сега. Сите го препознаа звукот на хидропланот Кондор што, доближувајќи се до градот, го најавуваше неговото пристигнување. Повеќе никој не нè посетуваше. Толпа луѓе се втурнаа накај реката. Јас имав некоја работа, но сè уште, како низ магла, можам да ја видам на подот од куќата без покрив сенката на авионот што ги надлетуваше дрвјата манго покрај течението на реката. Завршив со работата и слегов кон пристаништето. Тој позираше за фотографот најмен од претставникот на Кондор за да го сними настанот. Со неговиот фотоапарат поставен на стативот, тој го овековечи пристигнувањето на славниот етнолог, заедно со Индијанците и пилотот, сите застанати на крилото од авионот. Неговото пристигнување предизвика сензација што пет месеци подоцна сите веќе ја заборавија, ако случајно те интересира. Мошне брзо се навикнавме на необичниот настан. Само јас сè уште го помнам. Но, тој ден никој од нас не можеше ни да замисли кој ни доаѓа. Имаше бела шапка, како да е капетан на брод, бела кошула, јавачки панталони и чизми. Никој од нас не можеше да воочи ништо зад надмената отменост што беше толку несоодветна за местото и околноста, особено сега кога ќе се сетам. Никој не можеше да ја предвиди несреќата што за помалку од пет месеци му го одзеде животот. Се приближив накај сцената што градот молчаливо ја набљудуваше, не сфаќајќи каква мисија прифаќам, мисија што ниту една душа не би можела да ја одбие. Претставникот на Кондор нè запозна, но етнологот не ме ни забележа. Ми ја стегна шаката, како на кој било друг, и ми се насмевна, на сите им се насмевнуваше, но не го забележа моето присуство. Не ми го слушна убаво името. Да го разбереше, сигурно ќе се пошегуваше, бидејќи, пред сè, не му недостигаше добар хумор. Моето име е предмет на шега наоколу. Но, тој тукушто пристигна. Дури подоцна ќе ги разбере околностите и предностите на тоа дека во мене пронајде сојузник. Дури тогаш, во недостиг на нешто подобро, ќе го прифати моето пријателство. Можеби сум неугледен селанец, пријател на Индијанците, но одев на училиште и не сум глупав. Никому не му замерувам, најмалку на доктор Бјуел, мојот пријател, и покрај сето она што можеби го помислил или го напишал, а кон што јас имав пристап единствено со посредство на сомнителните преводи на професорот Песоа, кој во записите на мртвиот се обидуваше да пронајде објаснување, додека јас правев сè што беше во моите сили да го скријам под тепих. Важно беше никој да не воочи некаква смисла. Мртвите не треба да управуваат со оние што остануваат во светот. Уште од самиот почеток, иако не можев да ја спречам трагедијата, бев единствениот, кој во неговите очи го видов очајот што се обидуваше да го прикрие, иако не му поаѓаше секогаш од рака. Причината, која можеби ја насетував уште пред да ми биде откриена, ја игнорирав или се преправав дека ја игнорирам, надевајќи се дека така ќе му ја олеснам болката. Мислам дека на тој начин му помогнав колку што можев најдобро. Бидејќи бев присутен во ретките мигови кога не успеваше да се воздржи, јас знаев, и моето молчење за него беше доказ за моето пријателство. Такви се луѓето. Или, мислиш дека кога се гледаме, не го препознаваме во ближниот она што се обидуваме да го скриеме во себе? Не постои ништо повредно од доверливоста на еден пријател. Затоа ги почитувам Индијанците со кои сум израснат од дете, уште од времето кога дедо ми ги припитомил. Отсекогаш сум ги примал дома. Отсекогаш сум знаел што ми зборуваат зад грб, дека мислеа оти сум малку чуден, како и сите белци. Но мене единствено ми беше важно да знаат дека може да сметаат на мене. И да знаат дека не очекувам ништо за возврат. Дека можат да побараат сè што ќе посакаат од мене, а само Бог знае дека нивните барања немаа крај. Секогаш го правев за нив она што беше во моја моќ. Исто како и за доктор Бјуел. Му дадов сè што им имав дадено на Индијанците. Истото пријателство. Бидејќи и тој, како и Индијанците, беше изгубен. А, и покрај тоа што го имаше помислено или напишано, тој не беше ништо повеќе од едно дете. Можеше да ми биде син. Ништо не ме потресе толку многу. Ниту кога три години по трагедијата, господинот Силдо Мејрелес, инспектор на Службата за заштита на Индијанците, не ме отпушти од позицијата надлежен во индијанската населба Маноел да Нобрега, и ми препорача оттогаш па натаму да си го држам срцето подалеку од населбата и така засекогаш ме оттргна од Индијанците – не сакаше да ме гледа пред очи. Дури ни понижувањето што бев сменет од функцијата, која ја имав малку повеќе од една година за да им помагам на Индијанците, а која ја добив со помош на доктор Бјуел и благодарејќи на препораките што ги прати во Рио де Жанеиро. Дури ни масакрот врз Индијанците во населбата Голема глава, кој можеби доктор Бјуел ќе можеше да го спречи да беше уште жив и меѓу нив кога нивните земјопоседници, една година по неговото самоубиство, им подготвија заседа. Ништо не ме натажи толку колку смртта на мојот пријател, чие сеќавање решив да го славам. Јас го прифатив кога пристигна. Ништо од тоа што го помислил или што го напишал не може да ме разгневи, никогаш не очекував нешто за возврат, бидејќи знам дека на крајот јас бев последната личност на која тој можеше да се потпре.

Во приквечерината излегов од куќата без покрив токму кога облак лилјаци излетаа од шупливото стебло на едно манго и, во јуриш, слепо се впуштија низ улиците, без да обрнат внимание на велосипедистите и пешаците, кои исто така ги игнорираа во тој мртов град, како што го опиша тој, ако можеме да им веруваме на преводите на професорот Песоа. Иако сум неук, никогаш не сум бил суеверен. Инаку, во облакот мали вампири што го пречекаа можев да препознам лош предзнак. Но, сè што видов кога стигнав покрај реката беше изразот на неговите очи, расеани и уморни, помеѓу една фотографија и друга, кога изумуваше дека го набљудуваат. Сакаше да тргне кон населбата. Беше истоштен. Сакаше да се оддалечи од љубопитните погледи. Само ти можеш да ми кажеш зошто дојде тука, дали навистина дојде да умре, како што се посомневав кога до мене стигна веста за неговото самоубиство. Со години те чекам, залудно.
На 9 август истата година, пет месеци откако пристигна во Каролина, група од дваесетина Индијанци стигнаа во градот доцна навечер. Носеа тажна вест и, во куфер, личните работи на доктор Бјуел што лично јас ги примив и ги пребројав, со солзи во очите: две книги за музика, Библија, пар чевли, пар папучи, три пижами, шест кошули, две вратоврски, црна кабаница, пешкир, четири шамичиња, два пара чорапи, трегери, два памучни костуми, два костуми од кашмир, два пара долна облека и плик со фотографии. Немаше ниту една фотографија од него. Имаше фотографија од една колиба на плажа; фотографии од црнците од Јужен Пацифик, кои му раскажале легенди и песни; имаше фотографии од Индијанците Трумаи од горен Шингу, но немаше ниту една фамилијарна фотографија, ниту од таткото, ниту од мајката, ниту од сестрата, од ниедна жена. Можеби ги запалил тие фотографии заедно со другите писма што ги добил пред да се убие. Индијанците немаа допрено ништо. Дојдоа кај мене дома без да застануваат ниту да проговорат со некого – беа исплашени, се плашеа дека ќе ги обвинат – но и тоа не спречи да се прошири веста и, набрзо, мала група љубопитни ја опкружија мојата скромна куќа. Веднаш го повикав професорот Песоа и, откако прочита едно од писмата што ги беше оставил несреќникот, на англиски, ги смири Индијанците и ги увери дека тие немаат никаква одговорност за трагичната случка. Остави писма за Соединетите Американски Држави, за Рио де Жанеиро, за Мато Гросо и две за Каролина, едно за капетанот Анжело Сампајо, полициски началник, и едно за мене.
Оттогаш те чекам, кој и да си. Знаев дека ќе дојдеш во потрага по она што е твое, по писмото што ти го напиша пред да се убие, а кое, поради сигурност, прости ми, го зачував кај себе, сомневајќи се, и бездруго не разбирав што пишува – иако насетував – ниту, пак, ризикував да побарам од професорот Песоа да ми ги преведе тие редови. Единствено тоа писмо не го пратив во Рио де Жанеиро. Денес, неполни шест години по смртта на доктор Бјуел, самиот професор се продава како етнолог и самонаречен познавач на Индијанците Крахо, како во Каролина никогаш да не поминал ниту еден етнолог, како да е доволна неговата одлука да се изедначи со човекот што ниту не го познавал и велеше дека не се сеќава на него, бидејќи и самото сеќавање би го фрлило во сенка и би му ги дала мерилата што ми недостигаа за да го воочи своето лицемерие и незнаење. Можеби сум неугледен селанец, но не сум глупав. Од сите затворени пликоа, тоа беше единственото што не беше упатено кон некој од фамилијата на доктор Бјуел, ниту, пак, на некој антрополог или мисионер. Обиди се да ме разбереш. Тоа беа тешки времиња. Сè што направив беше поради пријателство, за да го заштитам. Не можеш ни да замислиш, кој и да си. Писмата беа пратени во Рио де Жанеиро пред да отидат за Соединетите Американски Држави. Не можев да гарантирам дека нема да бидат изгубени или отворени и прочитани, како што направија надлежните органи во Марањау кога ги предадоа на професорот Песоа во потрага по објаснување. Да отвореа истрага, ризикот ќе беше уште поголем. Во себе го сочував единствено ова писмо за да ги заштитам него и Индијанците. Се заколнав дека нема никој да го види освен ти. Наместо писмото, ти пратив порака, шифрирана, навистина, што професорот Песоа ми помогна да ја составам на англиски, без да знае кому е упатена и со која цел, мислејќи дека се работи за роднина на починатиот. И претходно ми имаше помогнато да напишам писмо со сочувство што го пратив на мајката на доктор Бјуел. Никогаш не можев да бидам сигурен дали си ја примил или си ја разбрал пораката, бидејќи не дојде по она што ти припаѓа. Те чекам со години, но повеќе не смеам да ризикувам или да ѝ пркосам на смртта. Месецов почнуваат дождовите. Утре фаќам брод за Каролина, но пред тоа ти го оставам овој завет тебе, за кога ќе дојдеш.

2. Никој никогаш не ме праша. Токму затоа никогаш не морав да одговорам. Не можам да кажам дека никогаш немав чуено за него, но, за волја на вистината, немав идеја кој е тој сè додека не го прочитав името Бјуел Квејн првпат во една статија од весник во едно саботно утро на 12 мај 2001 година, речиси шеесет години по неговата смрт, пред почетокот на Втората светска војна. Статијата излезе шест месеци пред да избие новата војна. Се чини дека денес војните се точни до минута, но, во суштина, се постојани. Го прочитав истиот пасус неколку пати и го повторив гласно името за да се убедам дека не сонувам, сè додека не сфатив – или помислив, веќе ни самиот не знам – дека сум го слушнал претходно. Во статијата стануваше збор за писмата на еден друг антрополог, кој исто така починал меѓу Индијанците во Бразил, под околности за кои сè уште се дебатира во академските кругови и, единствено во еден цитат, се спомнуваше сличниот случај на „Бјуел Квејн, кој извршил самоубиство меѓу Индијанците Крахо во август 1939 година“.
Ја побарав авторката-антрополог што ја имаше напишано статијата. Отпрвин, беше мошне воздржана на телефон. Сигурно ѝ беше чудно што некој ја бара за детали од текстот, но не спомна ништо. Разменивме неколку електронски пораки што послужија како вовед. Претпочиташе да не се сретнеме лично. Сакаше да се увери дека моите намери не беа за академски цели. Но, иако на почетокот се посомнева во мојот интерес за тој човек, не ме праша за моите вистински намери. Или, барем не инсистираше да ги дознае моите причини. Претпоставуваше дека сакам да напишам роман, дека мојот интерес е исклучиво книжевен – претпоставка на која не се спротивставив. Приказната беше навистина неверојатна. Колку подлабоко навлегував во случајот со своите прашања, толку поприродна ѝ се чинеше мојата љубопитност за етнологот самоубиец. Можеби од дискретност и дека почувствува оти и јас, поаѓајќи од некое за неа непоимливо искуство, насетив нешто во таа приказна за кое и таа, како што ми откри подоцна, кога најпосле се сретнавме и ми го постави прашањето, отсекогаш се сомневала. Таа ми ги даде првите насоки.
Документите се расеани низ бразилските и американските архиви. Остварив неколку патувања, стапив во контакт со некои луѓе, ја составував дел по дел сложувалката и создавав слика за човекот по кого трагав. Многу личности ми помогнаа. Ништо не зависеше од мене, туку од низа случајности и напори што започнаа оној ден кога, на сопствено чудење, ја прочитав статијата за антропологот во списанието и кога го изговорив гласно името и првпат го слушнав како излегува од мојата уста.

Бјуел Квејн се убил ноќта на 2 август 1939 година – истиот ден кога Алберт Ајнштајн му го пратил на претседателот Рузвелт историското писмо во кое го упатувал на можноста за атомска бомба, три недели пред потпишувањето на пактот за меѓусебно ненапаѓање меѓу Хитлер и Сталин, што било зелено светло за почеток на Втората светска војна и, за многумина, едно од најголемите политички разочарувања на дваесеттиот век. Тукушто почнав да претурувам низ смртта на Квејн, по чиста случајност наидов на едно спомнување на писмото на Ајнштајн. Тој не стигнал да посведочи ништо од тоа. Не ја видел војната, не ја видел бомбата – иако во своите последни налудничави забелешки за Индијанците Крахо, повикувајќи се на сеќавањата на она што го имал прочитано во својата младост низ научните списанија, се обидувал врз општествените феномени да ги примени „истите математички принципи што управуваат со атомските феномени“, бидејќи кај Индијанците забележал „синдроми на културно однесување“ аналогни на законите на физиката. Уште како момче бил фасциниран од природните науки и од технологијата. Незамисливо му било како е можно човекот, колку повеќе се труди да ја избегне смртта, толку повеќе се доближува до сопственото самоуништување. Не му паднало на ум дека можеби токму тоа е скриената и подла суштина на науката, нејзината одмазда, иако можеби многу од она што го забележал кај Индијанците, а интуитивно го препишал како сопствено искуство, го довело до мошне сличен заклучок. Кога се убил, се обидувал пеш да се врати од резерватот на Големата Глава во Каролина, на границата на државата Марањау и она што некогаш му припаѓало на државата Гојас, а денес му припаѓа на државата Токантинс. Имал дваесет и седум години. Зад себе оставил барем седум писма, напишани низ солзи во последните неколку часа пред самоубиството. Судејќи според содржината на четирите писма до кои имав пристап, упатени до неговата менторка, Рут Бенедикт од Универзитетот Колумбија во Њујорк; госпоѓата Елоиза Алберто Торес, директорка на Националниот музеј во Рио де Жанеиро; Маноел Перна, инженер од Каролина со кого се спријателил; и капетанот Анжело Сампајо, началник на градската полиција, се чини дека сакал светот што го опкружувал да го остави во ред. Сакал да ги ослободи Индијанците од секаква вина, да ги одреди наследниците на неговиот тестамент и да ги упати како да го распределат неговиот имот. Во тие писма им дава упатства на живите како да постапуваат по неговата смрт. Но, меѓу писмата до кои не успеав да дојдам се наоѓаше едно упатено до неговиот татко, доктор Ерик П. Квејн, кој тукушто се развел и живеел во хотелот Анекс, во Бизмарк, Северна Дакота; второто беше упатено до пречесниот Томас Јанг, американски мисионер, кој со својата сопруга живееше во Таунај, во бразилската држава Мато Гросо, и третото до зетот Чарлс К. Кајзер, сопруг на сестра му, Марион. А мошне веројатно е дека во овие писма не оставил само упатства.
Квејн стигнал во Бразил во февруари 1938 година. Слегол во Рио де Жанеиро, непосредно пред почетокот на Карневалот. Отседнал во еден пансион во боемското соседство Лапа, уточиште на сите пороци, од ситни крадци до проститутки. Умре по една година и пет месеци. Кога ја добија веста за неговата смрт, некои од неговите колеги на Универзитетот Колумбија во Њујорк помислиле дека неговото заминување во Бразил само по себе било самоубиствен чин, додека, пак, други се посомневале дека станува збор за убиство. Неговото доаѓање било со цел да ги проучува Индијанците Каража, во склоп на истата експедиција што на крај ја остварил еден друг антрополог од Колумбија, Вилијам Липкајнд, заедно со неговата сопруга. Откако стигнал во Рио, Квејн го променил своето мислење. Непристапните Индијанци Трумаи, населени покрај реката Колизеу, во горен Шингу, кои биле на работ на исчезнување, претставувале многу поголем предизвик од веќе проучените и припитомени Индијанци Кража, предизвик за чии последици младиот етнолог, храбар и амбициозен, не можел ни да сонува, а не, пак, да ги предвиди, во миговите кога во нив ја препознал целта на својата слепа тврдоглавост. Неговата осамничка експедиција кај Индијанците Трумаи во текот на 1938 година, проткаена со незгоди, непредвидени случки, фрустрации и неуспеси, резултираше со прекин на неговото теренско истражување, како реакција на незадоволството на владините органи на диктаторската Нова Држава, и присилно враќање во Рио де Жанеиро, во февруари 1939 година. Удар што го докрајчи неговиот и бездруго вознемирен дух.
Истовремено, со неговото неволно враќање во тогашната престолнина, Чарлс Вегли, негов колега од Универзитетот Колумбија, стигнал со брод од Соединетите Американски Држави во Бразил за да ги проучува Индијанците Тапирапе, а младата истражувачка Рут Лендс, антрополог од Њујорк, која веќе неколку месеци се наоѓала во Бразил за да ги проучува црнците и кандомбле од Баија, исто така се наоѓала во градот. Тројцата биле омилени студенти на Рут Бенедикт, една од најзначајните претставнички на движењето што остана познато во антропологијата по тоа што се обидува да ја поврзе Културата со Личноста, во обид да го објасни однесувањето во општествен контекст и така да ги релативизира концептите на нормалност и абнормалност во однос на индивидуата. Кон средината на триесеттите години, како последица на New Deal , Катедрата за антропологија на Универзитетот Колумбија, предводена од Франц Боас, собира студенти привлечени од една либерална идеја што од научна позиција предложува искоренување на општествените предрасуди. Сведоштва од студенти и професори велат дека Рут Бенедикт е понаклонета кон студенти, кои не се вклопуваат во светот на кој му припаѓаат и кои, на некој начин, се неприспособени на стандардите на американската култура. Можно е во нив да се препознава себеси, па затоа ги зеде под своја закрила.

Кога ја добила веста за самоубиството на својот студент, изолирана на границата со Канада, во областа на Карпестите Планини, каде што се повлекла со цел една година да се оддалечи од своите академски активности, Бенедикт ѝ напишала писмо на мајката на Квејн: „Мојата секретарка тукушто ми прати телеграма, а јас, потоната во сопствената болка, сите мисли ги упатувам кон Вас. Тој отсекогаш Ви задаваше грижи. Премногу тажно. Од сите свои студенти, Бјуел има посебно место во моето срце, но во овој миг успевам да мислам единствено на личната загуба и да го оплакувам вашето страдање, чии вистински причини сè уште не ги знаеме. Никогаш нема да ја заборавам неговата предаденост во работата и се радувам што ќе можам, објавувајќи ги неговите дела, да му обезбедам место во современата авангарда на полето на научните истражувања во областа. Постигна многу, и верувам дека во срцето посакуваше уште многу да оствари. Уништена сум од болка. Бог да Ве утешува во вашите страдања“.
Бјуел Квејн се запишал на постдипломски студии на Катедрата за антропологија на Колумбија, откако во 1934 година дипломирал на зоологија на Универзитетот Висконсин, во Медисон. За време на своите студии имал интерес и во многу други области, од книжевност до музика. Во книгата The flight of the chiefs младиот етнолог од Колумбија ги раскажал легендите и песните собрани за време на неговата прва теренска работа, во населбата Вануа Леву, на островите Фиџи во Јужниот Пацифик, кога имал само дваесет и четири години. Во предговорот на книгата, која е објавена постхумно во 1942 година, неговиот поранешен професор по англиски јазик од Медисон, Вилијам Елери Леонард, автор на англискиот превод на вавилонскиот Еп за Гилгамеш, каде што темите за пријателството, смртта и потрагата по бесмртноста особено го привлекле вниманието на Бјуел во неговите студентски денови, го велича авантуристичкиот дух на книгата, до подробности ги наведува патувањата на својот поранешен студент по светот и истовремено жали за неговата прерана смрт во внатрешноста на Бразил. До времето кога завршил гимназија, на шеснаесет години, Бјуел веќе ги имал поминато Соединетите Држави со автомобил. Пред да се запише на факултет, во 1929 година, поминал шест месеци во Европа и на Блискиот Исток, обиколувајќи ги Египет, Сирија и Палестина. Следната година, за време на својот распуст, заминал во Русија. Откако ги положил испитите, во февруари 1931 година заминал на шестмесечен пат во Шангај, работејќи како морнар на еден пароброд. 1935 година ја поминува во Њујорк, додека, пак, следната година е на Фиџи. Неколку месеци по смртта на етнологот, Елоиза Алберто Торес ѝ пишува на мајка му дека била изненадена од толку многу резултати за толку кратко време: „Беше толку млад, а толку многу проживеа! Неверојатен живот!“