Utopia revisited pt. 2

None of the abstract concepts comes closer to fulfilled utopia than that of eternal peace.
Theodor Adorno

Во претходното издание на тематот Utopia revisited, посветен на утопијата, посочивме на нејзиниот потенцијал како литерарен жанр, но и како филозофски потентна критика, насочена кон моменталната социјална состојба. Ја потенциравме нејзината генеза и го вивисециравме клучното дело за овој жанр Утиопја на Томас Мор. Доколку го следиме овој тек, во второто издание треба да продолжиме каде што застанавме, и ќе се осврнеме на уште еден од клучните автори за утопијата, кој еднакво дава потполна слика за совршеното општество, но и издржана критика на социјалната стварност во тоа време.
Ставовите на Мор се во комплетна спротивност со општествената реалност и дирекно ја критикуваа сколастиката, која со својата догматичност и стерилност го оневозможуваат слободното научно мислење. Моровите сфаќања, иако потекнуваат од едно по сé, духовно закоравено и мрачно време, и покрај тоа што во нив преовладува антисколастички дух и борба против средновековието, се мисли од кој блика ренесансен оптимизам и претставуваат величенствено смели сфаќања за своето време. Со еднаква смелост кон осамостојувањето на филозофската мисла од религиозната догматика, која понатака ќе овозможи слободен мисловен и културен напредок, се надоврзува и Томазо Кампанела.

Кампанела е уште еден од клучните мислители на утописката мисла. Неговото дело „Градот на сонцето“, напишано на италијански 1602-та година, претставува едно од најсмелите, најпотполните и најубави утопии кој се некогаш напишани. Во политичко-социјална смисла втемелено е на многу слични принципи како и делото на Томас Мор Утопија, во смисла на уредувањето на непостоечкиот замислен остров – држава. Политичките и социјалните околности во XIV век во Калабрија (Јужна Италија), каде е роден Кампанела, и долгогодишниот Шпански јарем под кој таа се наоѓала во тоа време, само ја покажуваат лошата ситуација која владеела тогаш не само во Италија, туку и во цела Европа. Оттука произлегуваат неговите нови идеи и планови за ослободување на Италија, а отишол и толку далеку, што сакал да ја реформира државата, создаде нови закони и нови системи за владеење со општеството. Како и многу други еретици, кои своите реформи во религијата ги дополнуваат со социјални промени во општеството, настојувал, неговото политичко востание истовремено да биде социјална револуција. Без сомнение ваквата ситуација, резигнацијата која ја имал против неа и системот, и долгогодишниот компликуван затворенички живот кој го живеел поради својата слободоумност, кај него ја зачнале идејата за „Градот на Сонцето“ (Civitas Solis), која подоцна и ќе ја напише.
Градот на Сонцето лежи на остров поделен меѓу четири непријателски кралства, изграден на рид како тврдина и обезбеден со бедеми по примерот на средновековните градови. За разлика од Платоновата (Политеиа), каде само една класа се занимава со одбраната на државата, во Кампанелината утопија целото население без разлика на пол и возраст, мора да учествува во нејзината одбрана, така креирајќи воинствена држава, во која тие сепак не живеат во логори како кај Платон (на кој поконкретно ќе се осврнеме во следното издание на тематот). Врховната власт на државниот поглавар Хох (Сонце), не подлежи на никаква контрола и не е наследна, туку изборна, а неговата главна одлика и предуслов за избор треба да биде знаењето. За избор на владетелот Сонце не може да учествува никој помлад од триесет и шест години, а оваа должност трае сè додека не се најде човек попаметен и способен за управување од претходникот. Овде не се изучува логиката на празната сколастика и науката не се изучува од книги, туку преку изучување на природата, што е битна карактеристика на ренесансата, идеја која подоцна наоѓа поддржувачи кај емпиристот Бекон и рационалистот Декарт.
Во оваа држава нема затвори, бидејќи слободните и еднакви граѓани не треба да се затвораат, сé се решава по кратка судска постапка, а казните се решаваат по пат на одмазда или каменување на осудениот. Децата припаѓаат на заедницата и се одгледуваат за одржување на видот, за расплодување се бираат најубавите жени, а родителите се бираат според филозофски правила, а не според љубов. Воспитанието почнува од најмала возраст, комбинирајќи предавања и црпење знаење од природата поради поврзување на теоријата со праксата. Сите се занимаваат со занаети, бидејќи се смета дека секоја работа е корисна, а производството е така организирано што нема потреба да се работи повеќе од четири часа дневно. Останатото време е посветено, слично како и кај Мор, на учење, одмор и разонода. Сличен е ставот и кон уште една клучна одлика – приватната сопственост, која не постои, туку сé е заедничко. Сите добиваат според потребите, а чиновниците се грижат за распределбата и за тоа некој да не добие повеќе од потребното. И останатите аспекти на заедничкиот живот помеѓу луѓето наликува на животот во Моровата Утопија, како меѓусебниот однос, исхраната, земјоделството, воспитанието, облекувањето, хигиената, задоволувањето на потебите…

Значи, и Кампанела, борејќи се за препород на човечкиот дух, а против тиранијата и софистиката, дава сосема слична критика на моменталната социјална и духовна беда на средниот век, и преку набљудувањето на природата и искуството, бара ослободување на раумот од филозофкската и теолошката догматика и празните сколастички дискусии.
По двете клучни середновековни утопии, во следното издание ќе разгледаме уште една замисла за совршена организација на општеството, која оди уште подлабоко во историјата, а бележи дури и (обид за) своја практична реалзиација!

“It’s wrong to deprive someone else of a pleasure so that you can enjoy one yourself, but to deprive yourself of a pleasure so that you can add to someone else’s enjoyment is an act of humanity by which you always gain more than you lose.” – Thomas More

Кон првиот дел на Utopia revisited