Те сакам

  • Од збирката „Ги затвораш своите очи“, 2003

  • Ги затвораш своите очи

    Ги затвораш своите очи и моите прсти се река од ѕвезди,
    кои те галат. Ветерот заспива во ноќта, во која
    се спушта нашата едрилица на безгрижното море.
    Безвремено диши по солената роса на кожата.
    Двајцата бегаме во себе, твоето тело е сончев оган, кој танцува.
    Воздухот на твоите усни е ранет од допирите.
    Паѓаш во мене: долгото патување започнува.
    Водопадот од неизговорените зборови добија
    тежина на белите крилја од гугутките, сокриени во твојата темна коса.
    Не постојат јазици на земјата, кои би можеле да го изговорат името на твојата убавина.
    Нашите тела ги зборуваат зборовите на птиците и таласите
    во облиците на трепетливи житни полиња по долгите
    летни светлини. Ги затвораш своите очи
    на шумската чистинка среде собата и те испивам
    како река со извор во широка гора.
    Така дојде ти во моите соништа таа ноќ.



    Те сакам

    Подари ми го твојот мов. Твоите заби.
    Твоите коски. Твојот здив. Твоето сонце. Твојот воздух.
    Твоите мисли. Твоите прсти. Твојата сенка.
    Твојата крв. Те сакам. Го сакам твоето море.
    Ги сакам твоите дрва. Ги сакам твоите бои. Ги сакам твоите зборови.
    Го сакам твоето крајбрежје. Ги сакам твоите привиденија. Ја сакам твојата светлина.
    Ја сакам твојата страст. Го сакам твоето молчење. Ја сакам твојата бездна.
    Сето тоа го сакам. Уште повеќе те сакам. Твојот оган го сакам.
    Неподвижноста на воздухот. Жарењето на ледот. Цветот на праската.
    Спокојот на земјата. Јанѕата на коњот. Мирисот на твојата девојка.

    Далечината, која никогаш не ја преминуваш, а секогаш
    сонуваш за неа. Рибите од коралите, кои те милуваат.
    Водопадите на ноќта, кои те затвораат во јазикот на осаменоста.
    Треперејќи те сакам. Жестоко те сакам. Разголено те сакам.
    Меѓу бамбуси и тополи, во пејзажот на црните птици.

    Допрени се моите очи. Моите патеки и
    секундите, кои ја претставуваат вечноста на природата.
    Тоа се лисјата. Тоа се децата. Тоа се твоите подморски
    светови. Тоа е крвта на буквите, тоа се гладните усти за сол
    на твојот грб. Зграпчи ги, додека уште горат.
    Пиј ги долго време. Бидејќи времето не е важно,
    ниту годините, ниту местата, ниту начините,
    како ќе го направиш тоа. Ветерот се оддалечува,
    се бара и се пронаоѓа во опустошениот пејзаж
    како што јас, кој останувам и пишувам,
    кој можеш да ме посетиш во било кое време.
    Доцната осаменост. Знае за боите. Го чувствува студенилото.
    Ги слуша брановите. Го кине утринскиот весник.
    Дува во облаците и во тревата. Ги вее семињата
    на габровите. Останува и заминува. Пее и чека.

    Подари ми ја својата прошетка. Подари ми го твоето дишење.
    Подари ми ги твоите ноќи. Темните џепчиња на радоста.
    Вителот на недостижните усни. Тетратките, во кои
    никој не го запишува моето име. Онаа воздишка.
    Онаа надеж. Оној мрак, каде што се губиш и никој
    не може да те најде, ниту во книгите, ниту под ќебињата, никаде.


    Препев: Драгана Евтимова