(Еден) фројдовски клуч

„Зашчо, сестро, мила Ангелино,
Дворје метиш, дробни с’лѕи рониш?
Ели ти се веќе здодеало
Мене болен, сестро, гледаеќи,
Или дворје, сестро, метееќи“
(Миладиновци 2011:232)

„Ангелино, прва љубов!“
Дали ти се додеало
Зашто лежам три години,
Три години на постеља?“
(Миладиновци 2011:234)

Стиховите што ги избрав како најава на темата на овој есеј се „позајмени“ од Зборникот на Миладиновци. И двете се поместени во делот јуначки песни, првата под реден број 154, а втората- 155. Песните за јунакот Болен Дојчин се мошне присутни во македонската народна поезија. Мотивот пак, продолжил да се провлекува од фолклорот кон современото, индивидуално, уметничко творештво така што Болен Дојчин станал лик или субјект во повеќе македонски песни, драми и сл. Фреквентноста на овој мотив во фолклорот резултира и со негова варијабилност, што би значело дека ниту самиот Болен Дојчин, ниту пак, неговите јунаштва, не се потполно исти во сите песни и кажувања за овој јунак. Покрај централниот лик Болен Дојчин, често се појавува и ликот Ангелина. Стиховите што ги избрав се од две различни песни од Зборникот на Миладиновци и стојат како илустрација за варирањето на улогата на ликот Ангелина. Во првата песна со број 154 (како впрочем и во повеќето песни за Болен Дојчин), Ангелина е негова сестра. Тоа јасно се исчитува од постојаните обраќања со „брате“ и „сестро“ помеѓу нив двајца, но и од самиот тек на песната. Од овој тип песни дознаваме дека Ангелина е таа што го негува и лекува Болен Дојчин, таа што му ги олеснува претсмртните маки. Тој пак, е јунакот што ја спасува својата сестра од заканата олицетворена во негативецот Црна Арапина, а дури откако ја спасува сестра си, може мирно да умре. Во песната со број 155, Ангелина се јавува во улога на жена на Болен Дојчин. Покрај Ангелина, таа е именувана и како Дојчиница, а обраќањето меѓу неа и Дојчин е со зборовите „прва љубов“. Притоа ги извршува истите функции како и сестрата Ангелина во останатите песни.
Зошто е сето ова важно? Важно е поради тоа што драмата која е предмет на анализа во овој есеј се вика Лепа Ангелина, а во неа како драмски ликови се јавуваат не само Болен Дојчин и неговата сестра Ангелина, туку и други ликови од македонската народна поезија (Павле Плетикоса, Митре Поморјанче, Жолта Евреина, Света Недела итн.). Драмското дејство, во кратки црти, тече вака: за да го спаси градот Солун од нападот на Либијците, Болен Дојчин решава да го пронајде оружјето на громовникот Перун, кое според пророштвото на кутмичевичкиот проток Ефтимиј, треба да е скриено во црквата „Света Недела“ во Солун. Болен Дојчин насилно влегува и ја претресува црквата, која била затворена преку 300 години и никој не можел да ја отвори. И покрај тоа што пред него се појавува самата Света Недела и му кажува дека ќе си навлече несреќа доколку продолжи да му пркоси на Бога, да ја сквернави црквата и да верува во словенските пагански божества, Дојчин не престанува да пребарува, но не останува ни имун на убавината на светицата. Откако се нафрла на неа и се обидува да ја бакне, светицата го проколнува и така настапува болеста на Дојчин чија причина никој не ја знае. Покрај почетокот на војната со Либијците, кои сакаат да го освојат градот Солун и потресите на кралскиот престол при кои по предавничкиот заговор, од престолот е симнат кралот Јован Ангел, на Солун му се заканува уште едно зло. Штом луѓето го здогледуваат немоќното тело на Дојчин, заштитникот на Солун, сфаќаат дека нема веќе кој да го брани градот. Покрај Дојчиновото тело се појавуваат три старици кои изрекуваат уште едно пророштво: „Часов страшен сѐ ќе смени, ние жени доодени, дородени, ние знаеме: од денеска, денов проклет, не е светот свет што беше, ни луѓето не се исти: Побратимот брат ќе мрази, а таткото сина гази. Црвот лигав ќе пролета, сокле диво по дно лази. На сред лето снег ќе паѓа, ништо нема да ботее, да се раѓа: По полето пепелница, а пченица ниту зрно, на породот срце црно не зачука барем еднаш. Глад ќе стаса, чума грозна, од поморот слугинката, ќе наваса. Ѕверињата ќе се скротат, ниту мртви, ниту живи, добитокот по пондили, по унгари ќе подиви. Така ќе е низ години долги, дури солзи не ни скипнат, а грла од офкање ни зарипнат. Дури Дојчин болен во постела ледна, со удови голи не обгрли сестра чедна, сестра Лепа Ангелина.“ (Платнар 2003:27-28)
Дојчиновата сестра, Лепа Ангелина, долго го негува својот брат и го очекува неговото заздравување бидејќи сѐ уште не знае за пророштвото. Штом истите старици ја среќаваат и ѝ кажуваат што мора да биде направено за несреќите да запрат, Ангелина безмалку полудува од болка и мака. Најпосле се согласува да се впушти во забранетиот инцестуозен однос со својот брат и проклетството врз Солун навистина престанува. По смртта на Дојчин, Ангелина раѓа две машки деца кои ги испраќа по светот, а самата бара засолниште во црквата „Света Недела“. Се појавуваат истите старици што неодамна го изрекле пророштвото и ја турнале во гревот за да ѝ кажат дека црквата е затворена за такви блудници како неа. Откако меѓу себе одлучуваат дека таков грев каков што направиле Дојчин и Ангелина не смее да помине неказнет, стариците ја каменуваат Ангелина до смрт.
Драмското дејство во голема мера кореспондира со народните песни и преданија за Болен Дојчин. Имено, постојат преданија во кои причината за болеста на Дојчин е слична како во драмата. Но во случајот со драмата на Платнар, јасно е дека зборуваме за индивидуална уметничка конструкција и за субјективно видување на нештата од фолклорот. Драмскиот текст на Платнар стои во интертекстуален однос со народните песни и преданија за Болен Дојчин. Тие се онаа книжевна основа врз која Платнар ја пишува својата драма, но притоа се видоизменети и преобликувани според вкусот и творечката имагинација на овој драматург. На овој начин, во драмата на Платнар, ликот Ангелина е сестра на Дојчин, но според заповедта на пророштвото, таа станува и негова жена. Дојчин, во текот на целата драма ѝ се обраќа со вокативот „сестро“, но штом Ангелина пристапува кон неговата постела, Дојчин го уотребува вокативот „жено“. Промената на статусот на Ангелина од сестра во жена на Дојчин, наликува на спојување на два различни лирски субјекта од народната поезија во еден драмски лик во текстот на Платнар.
И покрај различните аспекти од кои може да му се пристапи на овој драмски текст, клучни за разгледување изгледаат инцестот и пророштвото кое го предизвикува тој инцест. Пред да преминеме на подлабоко разгледување на ликот Ангелина, да се навратиме кратко на содржината на пророштвото. Гневот што го навлекол Дојчин врз себе е пред сѐ поради гревот на еден паганин пред светата божја црква. Тој и самиот вели дека не се одрекува од своите божества, од Перун, Стрибог, Дажбог, Сварог, Мокош итн. бидејќи тие се слични на луѓето и им помагаат, за разлика од христијанскиот бог за кого Дојчин смета дека е суров и ги мрази луѓето. Неговиот пристап кон Света Недела како кон обична жена го читаме во контекст на неговиот пристап кон христијанската црква воопшто. Црквата за него нема никакво значење на светилиште. Иако таа била непристапна цели 300 години, тој смета дека е достоен да ја отвори и претресе, само поради кажувањето на некој пророк дека таму се кријат Перуновите предмети. На истиот начин, светицата за него е само жена со необична убавина на која може да ѝ се пристапи како на секоја друга жена. Ваквиот третман на црквата и на светицата од страна на Дојчин резултира со познатата клетва, која во народното творештво одеше некако вака: „Нека му го, љуто ќе го колнам/ нека лежи до девет години/ да искине до девет постели/ нека му се бре коски раскостат/ низ коските змии и гуштери“. Суетата на Дојчин воедно го навлекува и божјиот грев врз градот Солун и врз невиниот народ, чиј дотогашен заштитник бил самиот Дојчин. Изгледа како христијанскиот бог да ја покажува својата надмоќ и да му покажува на Дојчин дека ниту тој, ниту Дојчиновите божества не можат да го запрат Бога во исполнувањето на неговата волја. Пророштвото кое го најавува Света Недела, а го изрекуваат трите старици, многу наликува на библиската Апокалипса. Го најавува доаѓањето на омразата, неплодноста, гладот, очајот, смртта и нарушувањето на природниот поредок воопшто. Го најавува, всушност, повторното враќање на Хаосот на местото од Космосот.
И тука некаде станува важен моментот на инцестот. „Инцестуозните врски помеѓу братот и сестрата се многу чести во митските претстави, поради што може да се заклучи дека овој родоскрвен однос воопшто не бил редок, туку бил особено распространет и општествено пожелен во древните општества.“ (Анастасова-Шкрињариќ 2011:67) Во митологијата се познати претставите за митските близнаци. Тие се истовремено родените машко и женско дете на првите богови, кои се родиле веднаш по создавањето на светот. Овие потомци на првите богови мора да стапат во инцестуозна врска за да остварат репродукција и да го овозможат раѓањето на следните генерации. Наредбата изречена со пророштвото во драмата наликува на ваква митска претстава за повторното воспоставување на Ред на местото од Хаосот, кое може да се оствари преку родоскрвниот однос помеѓу митските близнаци, во случајот Дојчин и Ангелина преку чиј однос се поништува Хаосот претскажан со пророштвото.
Како и да е, мотивот на инцестот во драмскиот текст на Платнар може да се разгледува од повеќе страни. Во понатамошниот дел од овој текст, интересот ќе биде поместен врз ликот Ангелина и нејзиниот удел во инцестуозниот однос со Болен Дојчин. За да се направи тоа, најпрво мора да се даде краток осврт кон Фројдовите откритија за сексуалните нагони и расчленувањето на човековата психа. Или барем да се нафрлат оние Фројдови размислувања коишто се апликативни за овој лик, бидејќи освртот кон откритијата на Фројд од оваа област, тешко дека може да биде краток.
Фројд, пред сѐ, смета дека човекот не ги контролира своите нагони, туку дека нагоните го контролираат човекот. Тој ги поврзува симптомите на некои неврози со сексуалните нагони кои доаѓаат од несвесното. Имено, кај човекот се јавува истовремено и отпор против овие нагони. Отпорот доаѓа во судир со побарувањата на несвесните нагони и на тој начин се јавуваат некои неврози. Појавата на отпор кон нагоните сведочи за тоа дека во човековото Јас (Его) постои поделба: еден дел од егото му се спротивставува на другиот дел. Откако заклучува дека Јас е деливо, Фројд продолжува со своето размислување во правец на тоа од каде се јавува овој отпор кон нагоните и така доаѓа кон оној дел од Егото кој го именува како Над-Јас (Супер-его). Оваа инстанција која набљудува и казнува е дел од структурата на секое Јас. Освен набљудувањето, функција на Над-Јас е и активацијата на совеста. Над-Јас има сопствена автономија што значи дека е независно од Егото и не црпи енергија од него. Тоа дејствува измачувачки врз Егото, го казнува и прекорува и го наметнува идеалот кој Јас треба да го следи. Оттаму, Фројд заклучува дека моралното чувство на вина е резултат на конфликтот помеѓу Јас и Над-Јас. Но, Над-Јас се јавува подоцна. Пред неговото финално оформување, функцијата што ја има Над-Јас ја извршува авторитетот на родителите, кој за разлика од Над-Јас е надворешен фактор. Со оформувањето на Над-Јас, инхибициите и реалниот страв од родителскиот авторитет се интернализираат, стануваат внатрешни и со појавата на Над-Јас, реалниот страв се заменува со страв од совеста и моралната вина. Интересно е тоа што, колку и да биле родителите попустливи, Над-Јас добива садистички облик, прифаќајќи ја само строгоста и желбата за казнување. Тоа се случува поради фактот што „детското Над-Јас, всушност, не се гради според примерот на родителите, туку според примерот на родителското Над-Јас“, заклучува Фројд. (Фројд 2008:31)
Појавата на Над-Јас е најтесно поврзана со Едиповиот комплекс, кој е уште една од најконтроверзните Фројдови откритија. Имено, по разрешувањето на Едиповиот комплекс, кај детето се засилува чувството на идентификација со родителите. Ваквата идентификација (потреба да се биде како родителите) често се манифестира во текот на целиот живот на поединецот, а се јавува како замена на емотивниот влог на детето во родителите, пред и за време на Едиповиот комплекс. Доколку Едиповиот комплекс е соодветно разрешен, на негово место застанува Над-Јас, кое како остаток од родителските фигури, со тек на време станува идеалот кој Јас се обидува да го достигне. Значи, освен што Над-Јас е спроведувач на казни и ограничувања, тоа е и воспоставувач на оние повисоки идеали во животот. Во контекст на ова, особено е важно и интересно мислењето на Фројд дека „во идеологијата на Супер-егото живеат минатото, традицијата на расата и на народот, кои само полека отстапуваат пред влијанијата на сегашноста, пред новите промени“ (2008:32), иако има и такви делови од Над-Јас и Јас кои сѐ уште останале несвесни.
Покрај Јас и Над-Јас, останува уште една душевна област која Фројд ја нарекува Ид (Тоа). Ид е оној дел од кој потекнуваат примарните нагони и кој, преку Егото, е контролиран од Супер-егото. Ид е примитивниот дел од психата и има сосем спротивна природа од Над-Јас, коешто функционира критички и цензорски. Ид се раководи исклучиво од принципот на задоволство и бара моментално исполнување на нагонските потреби. За него не е својствена активацијата на логички и рационален апарат, ниту принципот на одложување на одредена потреба, ниту систем на вреднувања. Оттаму доаѓаат и фрустрациите кои го проследуваат ограничувањето на нагоните бидејќи со Ид владее само хедонизмот и желбата за уживање. И покрај тоа што несвесноста е карактеристика на Ид, а како што претходно споменавме, и Јас и Над-Јас се исто така делумно несвесни, не станува збор за истиот начин на несвесност. Ид е примитивно, ирационално и „себично“, додека Јас го прифаќа принципот на реалност и се обидува да ги задоволи нагоните рационално и на начин што е прифатлив за општеството. Егото е притоа посредник помеѓу Супер-егото и Ид. Тоа, по наредба на Супер-егото, учи да ги совладува нагоните кои доаѓаат од Ид. Токму поради тоа што и барањата на надворешниот свет треба да бидат исполнети, а тие се во чиста спротивност со барањата на Ид, Јас го прифаќа методот на одложување и на мислење. Но, потребите на Ид на некој начин мора да бидат задоволени. Поради строгите норми на надворешниот свет и критичноста и суровоста на Супер-егото, Јас мора да направи компромис помеѓу сите овие инстанции и да пронајде начин да постави хармонија меѓу нив. Неможноста да се направи тоа води кон неврози и фрустрации, а притисокот што Јас го чувствува од сите три страни резултира со појава на страв дека нема да успее да ги исполни барањата на надворешниот свет, дека ќе биде казнето од Супер-егото со познатите чувства на вина, грижа на совест и помала вредност или дека нема да успее да ја задржи наклоноста на Ид. „Затоа“ вели Фројд „е разбирливо зошто толку често не можеме да го спречиме извикот: животот не е лесен!“ (2008:51)
Што се случува со ликот Ангелина? Таа одеднаш дознава дека градот и луѓето ќе бидат спасени од Апокалипса само ако таа стапи во родоскрвен однос со својот брат Дојчин. Ова го дознава од трите старици, кои ја убедуваат дека тоа е единствениот начин и дека сите чекаат на нејзиниот спас. Првиот импулс на Ангелина е одвратност и одбивање. Таа стигнува до работ на безумието кога конечно се одлучува да го прифати инцестот, јасно нагласувајќи дека го прави тоа за повисоко добро. Лудилото не престанува откако инцестот е веќе направен. Всушност, таа страда уште повеќе по смртта на Дојчин и затоа бара утеха таму каде што сѐ започнало- во црквата „Света Недела“. Откако повторно се сретнува со истите старици, овој пат наидува на нивното осудување и омраза, за разлика од почетниот нивни афирмативен третман на ликот и на инцестот кој ѝ претстои. Ако претходно тие на инцестот гледале како на спас, сега гледаат како на смртен грев. Затоа и ѝ пресудуваат на Ангелина и ја убиваат во самата црква. Но дали би можело трите старици да се разгледуваат како дел од самиот лик Ангелина? Дали може да се каже дека стариците се всушност екстернализација на внатрешните душевни области кои претходно ги разгледавме и кои Фројд ги нарече Ид и Супер-его? Фројд изделува една група пациенти кои страдаат, според него, од лудило на посматрање. Што значи тоа? Овој тип пациенти е постојано прогонуван од чувството дека е набљудуван во секој момент од животот, вклучувајќи ги и најинтимните моменти. Фројд вели дека кај овие болни, инстанцијата којашто е задолжена за набљудување и казна, а во која го препознаваме она што Фројд дури подоцна ќе го издели како Супер-его, по грешка се поместува во надворешниот свет. Значи, за екстернализација на еден дел од душевниот склоп, во одредени случаи, може да стане збор.
Интересно е тоа што во драмскиот текст на Платнар, се работи за истите ликови кои ја наведуваат Ангелина на инцестот и кои ја осудуваат и погубуваат, откако инцестот се случил. Оттаму и предлогот стариците, во случајов, да ги разгледаме како дел од психата на Ангелина. Најпрво да тргнеме од Егото. Ангелина е, значи, своето Јас. Неа како лик ја врзуваме за оној дел од нејзината психа кој самата таа го распознава, кој ја изделува од другите и кој наскоро треба да преземе улога на медијатор помеѓу нејзините Ид и Супер-его. Притоа, стариците од почетокот на драмата кои ја наведуваат Ангелина на инцест и ја убедуваат дека тоа не е погрешно, може да се врзат за несвесниот дел од психата на ликот. Тие се отелотворување на нејзиното Ид. Убедувањата на Идот (стариците) надвладуваат над рационализациите на Егото (Ангелина) и неговите расправи дека инцестуозниот однос е длабоко погрешен. Стариците ѝ кажуваат дека мора да побрза за да ги спаси сите оние кои ќе настрадаат од наездата на протоштвото. Ваквиот притисок кој врз Ангелина го спроведуваат стариците, наликува на притисокот на кој Ид го подложува Егото тогаш кога инсистира на моментално задоволување на некој нагон. Тогаш кога ликот потклекнува на очајувањата и наредбите на стариците, всушност дејствува според принципот на задоволство. Ид се покажува доволно силен за моментално да го паузира принципот на реалност и размислувањето на Егото според кое таа потреба не треба и не смее да биде задоволена.
Штом инцестот е веќе остварен и нагонот на Ид е задоволен, настапува активација на Супер-егото. Повторно се јавуваат стариците кои ја изрекуваат и ја спроведуваат казната врз Егото. Моментот на вербалниот дуел помеѓу Ангелина и стариците се чита како интроспективна расправа на Егото со сопственото Супер-его. Стариците, во овој случај, се однесуваат ревизионистички. Тие ја навраќаат Ангелина на моментот на нејзината одлука и ја наведуваат до мислење дека таа требало да се послуша себеси штом имала интуиција дека инцестот е погрешен. Тоа во голема мера наликува на родителскиот авторитет кој често знае на своето дете да му каже „Нели ти реков дека тоа е погрешно!“. Сепак, како што покажавме претходно, родителскиот авторитет само му претходи на појавата на вистинското Супер-его. Понатаму, тоа станува вистински цензор кој ги обединува вредностите и нормите на општествената и културната заедница, на народот, религијата, традицијата, родителите, воспитувачите, на сѐ она што го нарекуваме јавно мнение итн. Инцестот е забранет и табуизиран чин. Осуден е од религијата, традицијата, медицината и народот воопшто. А Супер-егото е сочинето од сите нив. Штом проговоруваат стариците, проговоруваат сите овие инстанции кои на Егото му префрлаат дека потклекнало на барањата на Ид и дека направило нешто што е длабоко грешно. Следува активација на совеста и чувство на вина кое води кон обид за оправдување на Егото пред Супер-егото. Тоа се случува за време на вербалната расправа помеѓу Ангелина и стариците. Сепак, таа не успева да ја победи аргументацијата на стариците бидејќи тие набрзо ја спроведуваат казната и ја каменуваат Ангелина до смрт. Чинот на каменувањето може да се прочита како спроведување на казната на Супер-егото врз Егото. Оваа казна е во облик на негативни чувства кои Супер-егото му ги наметнува на Егото за да го измачува и притоа го тера да добие лоша перцепција за себе и да страда поради ваквите чувства на вина и страв.
Самиот момент на инцестот може да се прочита во контекст на Едиповиот комплекс, онаков каков што го разработува Фројд. Инцестуозните релации помеѓу брат и сестра се најчесто доброволни и прифатени од двете страни, а токму таков случај имаме во драмскиот текст на Платнар. Според Фројд, постојат такви случаи кога Едиповиот комплекс може да се прошири во рамките на една семејна констелација и да премине во семеен коплекс. Што значи тоа? Фројдовски кажано, првиот сексуален објект на секое дете е неговата мајка. Таа станува објект за кој детето се фиксира и во кој тоа ги инвестира своите чувства. Токму затоа татковската фигура станува конкурентна и предмет на омраза во трката за мајчината љубов. По надминувањето на Едиповиот комплекс, детето го губи својот објект и како компензација од оваа загуба се јавуваат нови чувства- пренасочување на либидинозните чувства кон други објекти и чувството на идентификација со родителите, особено со истополовиот родител кој претходно бил најголема закана за детето. Интересно е тоа што постојат такви случаи каде што детето сѐ уште не е подготвено да го надмине Едиповиот комплекс и по губењето на мајчината фигура, едиповската мајка ја проектира на сестрата и се фиксира за неа. Женската верзија на Едиповиот комплекс е позната како Електрин комплекс. Ситуацијата е речиси иста со тоа што објект кон кој женското дете го насочува своето либидо е таткото, а непријателската фигура е мајката како истополов родител. Проширувањето на Електриниот комплекс во семеен комплекс функционира речиси исто со тоа што татковската фигура се проектира на братот. Да ја разгледаме уште еднаш ситуацијата во текстот на Платнар!
Во драмскиот текст се открива дека Дојчин и Ангелина немаат родители. Текстот не открива многу податоци за мајката, но открива дека нивниот татко бил исто така силен како Дојчин, дека народот го сакал и почитувал исто колку што сега го почитува Дојчин. Дознаваме и дека Дојчин го продолжил делото на својот татко да го заштитува Солун и солуњаните. Исто така, по смртта на таткото Дојчин ја презел грижата за својата сестра. Дали би можел ваквиот тек на настаните навистина да резултира со проекција на фигурата на изгубениот татко врз братот, кој на некој начин навистина наликува на таткото и ја презема неговата улога? Уште повеќе, Фројд во својата студија Женскост тврди дека специфика на жените е поголемата потреба од нежност, од некој кој би се грижел за нив што води кон поголема зависност од и послушност кон некој објект. Фројд вели дека е „многу голем бројот на оние жени кои уште долго во животот остануваат во нежно-зависниот однос кон својот татковски објект, па и кон својот вистински татко“ и покрај тоа што на оваа фиксација ѝ претходи врзаноста за мајката и соперништвото кон таткото. Фиксацијата за мајката подоцна само се преориентира кон таткото и(ли) кон друга татковска фигура. (2008:69) И навистина, психичката состојба во која ја запознаваме Ангелина е токму таква. Таа е во најмала рака зависна од својот брат, своето постоење го врзува за неговото, а поентата на сопствениот живот ја наоѓа во грижата за болниот брат. Инцестуозните стремежи пак, се иманентни за секој поединец за време на Едиповиот комплекс, според Фројд. Реализацијата на овие родоскрвни нагони во драмата може да се прочита како неуспешно разрешен Едипов комплекс и неможност на ликот Ангелина да го пренасочи либидото кон други машки фигури. Последиците од ова подлегнување на нагоните кои ги испраќа Ид веќе ги разгледавме претходно.
Драмскиот текст Лепа Ангелина на Благоја Ристески Платнар го читаме, значи, како постмодернистичка рециклажа на постоечките мотиви за Болен Дојчин од македонската народна поезија и народните преданија. Поместувањето на фокусот врз ликот Ангелина е исто така постмодернистичка постапка на сосредоточување на маргината, ако се земе предвид фактот дека во народната поезија Ангелина е маргинален лик. Во овој драмски текст улогата на спасувач на градот Солун ѝ е препуштена на Ангелина, што е во чиста спротивност со народните песни за Болен Дојчин. Инсистирањето на Ангелина да ги послуша стариците и да го спаси градот и невиниот народ од претстоечката закана е со цел да се дејствува за општото добро. Во оваа драма вистинскиот јунак е Ангелина бидејќи таа ја поправа грешката што ја направил Дојчин поради сопствената суета. Фројд веројатно би рекол дека кај ликот Ангелина може да се детектира кастрацискиот комплекс и дека таа е жртва на „зависта поради пенисот“. За Ангелина може лесно да се заклучи дека таа е во сенка на моќниот брат. На крајот, таа е клучниот разрешувач на заканата што им претстои на сите, иако за таа цел мора да направи нешто што е неприфатливо за нејзиното ratio. Што има Фројд да каже за ваквите жени? Според него, жените ја признаваат, но не ја прифаќаат лесно разликата во телата помеѓу нив и машкиот пол. Оттаму потекнува она што Фројд го нарекува „завист кон пенисот“, а желбата да се има истото што го имаат и мажите останува прикриена во несвесното на женскоста. Оваа желба е толку силна што Фројд ја изделува како значителен потрошувач на енергија. Понатамошната желба на една „зрела жена“, да речеме, да се занимава со некаква „интелектуална професија, може често да се препознае како сублимирана модификација на оваа потисната желба“. (2008:80) Кога зборуваме за драмата на Платнар, на местото од „интелектуална професија“ може слободно да кажеме „спасување на градот и народот“ и повторно да се добие сликата која со фројдовски речник се чита како латентна и несвесна завист кон братот Дојчин и неговата машкост.
Како и да е, читањето на овој драмски текст останува отворено и соодветно за различни начини. Исто како и прашањето за ликот Ангелина и нејзиното јунаштво. Од една страна стои фројдовското читање на нејзината одлука за поништување на пророштвото на начин кој и самата знае дека погрешен. Ова толкување го етикетира чинот на Ангелина како несвесна завист и субимирана модификација манифестирана преку желба за надмоќ и преземање на улогата на заштитник, која му припаѓала на Дојчин додека тој бил здрав. Од друга страна стои феминистичкото и исто толку валидно и здраворазумско толкување според кое ликот Ангелина од благородни причини го продолжува она што нејзиниот брат го оставил незавршено откако паднал болен. А тука веќе станува интересно и тоа што Дојчин „се сопнал“ на типична препрека кога и самиот се препуштил на своите нагонски барања на Ид. Моментот на одлуката на Дојчин да ја прекине потрагата по оружјето на Перун и да посегне по светицата како по обична жена се чита како неможност за сублимација на нагонот. Наместо да се направи нешто што ја пренасочува енергијата, што е полезно и општествено прифатливо, се дозволува целосно препуштање на сексуалниот нагон. Дојчин е во случајот суетен, егоистичен и надмен, и дејствува исклучиво според желбите на Ид.
Останува на читателот, независно од неговиот пол, да оформи сопствен пристап кон ликовите на овој драмски текст и да одлучи дали ќе ја прочита драмата фројдовски или не. И дали ќе застане на страната на машкоста или женскоста бидејќи тоа е токму тоа што оваа драма го прави: ги сопоставува женскиот и машкиот принцип, но овој пат не давајќи му предвремено водство на машкоста, како што големите нарации на патријархалноста и фалусоцентричноста би очекувале.

Користена литература:
1. Анастасова-Шкрињариќ, Нина. Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд (Психоаналитички концепти во сказните). Скопје: Македонска реч, 2011.
2. Миладиновци. Зборник. Златна книга на македонската преродба. Скопје: Матица Македонска, 2001.
3. Ристески-Платнар, Благоја. Лепа Ангелина. Скопје: Блесок, 2003.
4. Фројд, Сигмунд. Нови предавања за вовед во психоанализата. Женскост и Расчленување на психичката личност. Скопје: Ѓурѓа, 2008.