40 степени

хуманизам
фалусот на градот
гордо расте
кога стојам во автобус
црвен и смрдлив,
ме демнеe
кога одам сама
по темните улици,
се трие од мене
кога чекам ред
во пошта,
кога седам
на клупа скришно
свршува и се крие.
во диско кога шизам
фалусот на градот
ме стиска
како стигне.
но тебе,
не те интересира
феминизам.
тебе не те интересираат
влошки
пелени
моите приказни за
подочници
модрици…
тоа е толку
де моде.
тебе те интересира
хуманизам.
тебе те интересира и
да винчи
ботичели
моне
гог,
импресионизам
ренесанса
можеби барок?
но тебе,
не те интересирам јас.
мојот живот
мојот збор
мојот глас.
***
пред да се разделиме
ќе тргнеш да ме испратиш
зaшто така е редот.
јас ќе кажам не,
ти ќе кажеш
-барем оди по светли улици.
таму
фалусот на градот
е колку-толку културен,
мирна, позлатена
канделабра,
стои
и од високо ми свети.

40 степени целзиусови
жал ми е,
драги
кога те гледам таков.
јули е
и баш е жешко.
мене ме скокотка ветрот
меѓу нозете
и просто
тешко ми е,
драги
да те гледам во таа кошула
која те стиснала ко страв.
ме поти секое стегнато
копче околу твојот врат.
мораш ли,
драги
да ја носиш секоја обврска
врзана на себе
во форма на вратоврска,
денес со линии
утре каро
сеедно,
те гуши.
извади ја.
издиши.
опушти се.
знам дека те мами мојот шарен фустан.
пробај го.
знам дека сакаш.
пробај барем еден,
оној кој ти е омилен.
извлечи го од плакарот како карта.
прво пред себе
потоа пред мене
покажи ги тие
фини листови тие
влакнести нозе тие
тајни прсти и пети тие
цветови кои ги криеш тие
потези за на подиум тие
јаболчници
очи
коси
покажи ги!
биди моја жена
јас да сум твој маж
и така
да се менуваме
додека се бакнуваме
додека се соблекуваме
додека се облекуваме.
ајде,
драги
биди тоа за себе
потоа за мене
потоа за светот.
знам дека сакаш.

летна декаденција
зорите се цветови
испрежени на око
наполнети
со патлиџан и пот
горат.
климата расипана.
зборови растопени
во плима и плунка.
влезот е оаза каде си
сам со својот срам.
ладниот воздух се лепи
како џус од липа
мириса на стар лимон.
стаклената врата
е вчерашно огледало.
светам на асфалтот како нафта.
јас сум виножито.
никој не знае како
да ме исчисти.
јас сум мастика.
пристојните ме прескокнуваат
внимателно
како деца што играат ластик.
како деца што играа ластик.

кон полска
проклети да се сите
љубови на далечини
невротични полни месечини
празни кревети
полноќни прегратки
телепатски
сателитски
космички
комично
нереални
проклети
сите светски мапи
на кои стојам смело
сантиметри
два ил три
јужно од него
географски размери
растојанија
од една до друга испукана дланка
проклети да се сите
сексови после три месеци
скајпови
сите сокови
течности
џоинти
џабе
ѕвона и камбани
падни-стани
сите маани
планови
мрежи и стремежи
online
offline
hotline
coldline
are you fine?
are you mine?
проклети да се сите и се
и тој и јас
и скопје и краков
и светот како таков
проклети да се сите
љубови кои под исто ќебе не заспиваат.
проклета да е
љубовта на далечина
на колена
до конечнина
себична
не знае за крај.

девојко
ти која чекориш по улици
со имиња машки
ти која стоиш под споменици
на лажни херои,
знаеш ли дека твојот чекор
прави дрвја
да раснат зад тебе,
знаеш ли дека твојот збор
гради светови
во кои сме слободни?
ти која даруваш оргазми
а своите ги оставаш под туш,
ти која не го будиш
оној кој ти го спие сонот,
знаеш ли дека твојот дом
мириса на леб и мед
и се околу тебе
се дуе ко квасец
а ти забораваш да јадеш.
знаеш ли дека во едно твое срамно влакно
е цел прекрасен космос
кој немирно цвета
а ти го криеш и корнеш?
девојко
ти која се гледаш
во огледало искршено,
знаеш ли дека во твојот лик
сета болка на светот е собрана,
а ти сеуште се сеќаваш
како да се смееш и сакаш.