Скопјe има уште една преубава книжарница!

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство отвори нова книжарница во самиот центар на Скопје, на бул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31 лок. 1, веднаш до Гимназијата „Јосип Броз Тито“. Новиот продажно-изложбен салон на „Антолог“ почна со работа в петок, на 1 септември од 19 часот, кога се случи и свеченото отворање.

Настанот привлече голем број на посетители. Отворањето на книжарницата беше симболично обележано со рецитација на песни од македонски и странски автори од страна актерката Арна Шијак и со обраќање на сопственикот Жарко Кујунџиски, по што следуваше пригоден коктел.

„Новата книжарница е следната приказна што ја испишуваме на барање на нашите читатели, простор што ќе биде поблиску до книгољупците, но ќе го задржи оригиналниот уметнички концепт по кој досега нè препознаваа. Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, и оваа книжарница ќе им понуди на љубителите на уметноста голем избор на книжевни настани, промоции, средби и гостувања на автори“, велат од „Антолог“ и додаваат: „Искрено се надеваме дека читателите и овде ќе пронајдат свое омилено книжевно катче, кое ќе им ги отвори вратите кон нови светови и во кое секогаш со задоволство ќе се враќаат.“

Во книжарницата на „Антолог“ се достапни огромен број наслови од повеќе издавачки куќи. Читателите можат да ги одберат најубавите книги од сите жанрови и видови: белетристика, книги за деца, дела од македонски автори, модерна психологија, боенки. Покрај тоа, посетителите можат да си одберат од препознатливите аксесоари од брендот на „Антолог“.

Работното време на книжарницата, во која е дозволено и присуство на домашни миленичиња („pet friendly“), е од понеделник до сабота од 9 до 21 часот, што значи вистинско целодневно уживање за сите љубители на читањето.

Промотивно-рекламните материјали се дизајнирани од страна на македонскиот уметник Ване Костуранов.

Истиот ден, 1 септември, излезе од печат и втората книга на Ана Бучевиќ – „Во вортексот на остварените желби“, која во превод на македонски е достапна во новата книжарница, заедно со „Сафари на духот“.

„Заедно да споделиме повеќе љубов и книги, бидејќи во животот секој ред е важен!“, порачуваат од „Антолог“.