Новиoт човек во Westworld

Една од нејуспешните серии излезени претходната година, номинирана за дваесет и две „Еми“ награди, е Westoworld на HBO. Серијата ја следи приказната во која Роберт Форд (Anthony Hopkins) и Арнолд (Bernard Lowe) си играат богови. Да, ова е уште една од оние приказни за човек кој глуми Бог и за неговите незгоди при обидот да се баласнира поривот за создавање со оној за уништување. Пред три децении создаваат софистицирани роботи кои личат на луѓе по нивниот изглед, гестовите и емотивните реакции. Во нивните мали создадени светови им е програмирана улога: тие се нечии родители, синови, љубовници; треба да се заљубат, да убијат, да се претстават, да фотографираат, да служат … Главната разлика или главниот фактор што ги одделува од луѓето е тоа што нивниот ден и нивната историја е веќе претходно испишана, нивното однесување е кодирано (дозволени и очекувани се само мали импровизации) и овие новосоздадени луѓе немаат никаков избор или пак контрола на својата судбина. Нивните конци ги тегнат „луѓето родени, а не создадени“. Ги сместуваат во кадри од Дивиот Запад, па така, нивните создавачи враќаат еден стар хронотоп каде сѐ е дозволено. Со клише сцени од популарните вестерн филмови, гостите доаѓаат да искусат, за нив нова, иако добро позната нарација, да се вратат во животот некогаш и да уживаат во сцените на евоцираното дамнешно минато. Во оваа „видео игра од иднината“ тие можат да ги убиваат домаќините, да имаат секс со нив, да интервенираат во нивната приказна, да се натпреваруваат и да влегуваат во конфликти, но секогаш да завршуваат како победници. Всушност, дејството ни раскажува една приказна за тоа како се создава приказна. Дури и самото параноично лого ни навестува дека има повеќе од тоа што го гледаме, свет во свет.

Играта во паркот им дозволува на луѓето да бидат богови. Комплексната нарација ја спојува нашата блиска иднина со реконструираното минато. Па, кои се тогаш гостите (луѓето) во овој интезивен и измислен свет и зошто се служат со оружје како со играчки и влегуваат во авантури кои ќе ги заплашат, но нема да ги повредат, а кои се домаќините (роботите) со нивните напори да ја пронајдат својата приказна? Додека едните се препуштаат на нарацијата за да заборават и да прошетаат од секојдневието, другите сакаат да излезат од нарацијата за да создадат своја. Животот на гостите е скап, а на домаќините е евтин. Домаќините можат секој ден да умираат за повторно да се родат, да забораваат и да ја повторуваат истата реплика и истата грешка секој ден. Нивниот живот ме потсетува на видео спотот за песната Losing my Religion од R.E.M: манијакалното тапкање во место, егозитични богови, извежбаните гестови и мимики, опсесивното повторување…

Како гледачи, можеби, повеќе се идентификуваме со ликовите на домаќините отколку со гостите, или пак со ликот на самите креатори. Никој од нас не ја осудува нивната потрага по смислата. Навиваме за нив, колку и да сме скептични притоа. И тоа, не само затоа што нашето чувство за технологија сѐ уште не е толку развиено, како можеби во иднината, туку и затоа што многу филозофи, теоретичари, психоаналитичари итн. се обидувале да одговорат на нивното прашање: „Кој сум јас? Која е смислата на мојот живот? Дали моето постоење има некоја повисока цел?“ Тери Иглтон во неговата анализа „Смислата на животот “ пишува: „размислувањето за самиот себе е составен дел на живеењето исполнет живот. “ Да размислуваш за себе значи да постоиш. Нивниот контолиран живот ги наведува да си го постават прашањето „ кој сум јас“, а тоа им дава човечка енергија.

Cветoт, надвор од студиото и паркот, не е прикажан. Се појавува бел и елегантен воз, луксузен, таков каков што би очекувале во иднината и тој го поврзува студиото со останатиот свет и еден стар воз, од минатото што го поврзува со паркот. Гледачите ништо не дознаваат за тоа како се развил светот во иднината, надвор од студиото. Постои единствено една фотографија, оставена пред триесет години. На сликата е свршеницата на Вилијам (Jimmi Simpson) која стои пред големи светлечки реклами. Оваа фотографија ја наоѓа таткото на Долорес и реагира на нејзината содржина и непознатост, иако, во неговото однесување не е кодирана опсервација на надворешниот свет. Неговиот сомнеж и збунетост пред непрепознатливото ќе се јави како заразен вирус во системот. Будењето на едниот преминува во бавно будење на другите.

Арнолд и Форд не се согласуваат за судбината на нивните креации. Желбата на Арнолд е да ги ослободи ликовите на начин што ќе им даде свесност, но, притоа тие мораат добро да си ја изедат порцијата од страдање, раѓање и умирање и секогаш, секогаш бидувањето губитник. Според него, до свесноста се доаѓа преку меморија и импровизација. И тоа постојано, во секоја сезона, Долорес да го гледа својот гроб барајќи го ребусот. Долорес (Evan Rachel Wood) е неговата прва креација. На почетокот е претставена како наивна и едноставна девојка, жртва по клишираните модели на вестерн филмовите. Таа го сака животот и ужива во убавините на околината, секое утро го бакнува татка си пред да излезе и воопшто не ја става под прашање природата на својот живот. Оваа Ева од епизода во епизода сѐ повеќе преминува во Лилит. Ја облекуваат во панталони и ја еманципираат, од жртва станува жена која сака да го осознае своето постоење.

Во серијата се провејува и идејата дека, можеби, животот во паркот, колку и да е клаустрофобичен, див и нефер, е подобар од реалниот. Подметнатата загатка во серијата, не му дава никакви одговори на Човекот во црно (Ed Harris), освен, можеби, добар рецепт за нарација? Не е битна целта и евтиниот трик во кој добриот лик го решава ребусот туку играта со карактерот? Но, тој е единствениот од гостите што бара некаква смисла и, слично на домаќините, неговиот пат во паркот е пат за пронаоѓање на себе: кој е тој во оваа игра што ја игра веќе три децении? Барајќи скриено значење и смисла која ја нема, неговата потрага е поапсурдна од онаа на создадениот човек. Го изгуби човекот во себе трагајќи по поентата на играта. Во клучната сцена од последната епизода, помеѓу него и Долорес, таа му се обраќа: „Јас не плачам за себе, туку плачам за тебе.“ Потоа му го допира остареното лице и продолжува: „Времето ги надживува и најмоќните, види што ти направи тебе. Еден ден, ти ќе исчезнеш заедно со останатите од твојот вид. Твоите сонови ќе бидат заборавени, а ќе останеш со твоите стравови. Твоите коски ќе се претворат во песок, а над тој песок нов Бог ќе гази. Бог што нема да умре. Затоа што овој свет не припаѓа на луѓето што постоеле претходно, туку, на оние што допрва треба да дојдат.“

Силната реплика на Долорес, наликува на трејлер за следната сезона во кој го пророкува времето на новиот, бесмртен човек. Укажувајќи на староста на Вилијам и неговата смртност, најавува нов пософистициран вид, нејзиниот, и продолжување на човековата еволуција. Разбудените домаќинки (Долорес и Маје) се чини дека посегаат по ничеовиот идеал: натчовекот. Бараат да бидат независни и да бидат одговорни за својата судбина. Тие веќе разбраа дека страдањето е само дел од животот, исто како и моментите на среќа. Долорес и Маjе почнуваат да се сеќаваат на нивните претходни улоги и тие мали ретроспекции, слични на сон, им предизвикуваат болка. Домаќините колку повеќе доаѓаат до својата свесност толку повеќе страдаат и обратно, колку повеќе страдаат толку се чекор поблизу до својата свесност. Страдањето е човечно. Долорес, чие име значи тага, ги доловува породилните болки од раѓањето на новиот народ.

На ликовите на гостите, освен Човекот во црно кој очајно се обидуваше да ја открие поентата, им е одземена секаква филозофска нишка во ликот, тие сакаат единствено да си играат и така, интересот за нив се губи. Се чини дека комплетно престанале да размислуваат за самите себе, за разлика од некои од домаќините чие доаѓање до свесност е прикажано како грешка во системот. Дали човекот помалку постои кога животот почнува да му биде игра, а повеќе кога се двоуми за својата смисла? Нарацијата како да порачува дека животот е пореален ако размислуваш за него отколку адреалинско учество во paintball игралиште, на пример. Сликата на официјалниот постер од филмот (робот: човек во изработка распнат на тркало) асоцира на познатата ренесанса слика од Леонардо да Винчи. Ренесансата, како период на преродба на европската култура во кој човекот се ослободува од претходните стеги на мрачната ера и се стреми кон својата индивидуалност, наликува на новото будење: претставениот гол робот во моментот на неговото калемење и Леонардно да Винчи кој во Витрувијанскиот човек ја открива идеалната човековата анатомија. Долорес најавува одмазда и нивно доаѓање. Будење од мракот на незнаењето, каде што свесноста би била новата преродба. А, раскинувањето од технологијата, како од утробата на претходните луѓе, би создала нова генерација.

  • Наместо заклучок – извадок од „Така зборуваше Заратустра“ од Фридрих Ниче:
    „Човекот е јаже оптегнато меѓу животното и натчовекот – јаже над бездна.
    Опасен е преминот од другата страна, опасен е застојот на среде пат, опасен е погледот наназад, опасна е размиреноста и сопирање.
    Во човекот е големо тоа што тој е мост, а не е цел: во човекот може да се сака тоа што тој е премин и залез.
    Ги сакам оние што не знаат да живеат поинаку освен да заоѓаат, затоа што тоа се оние што преминуваат.“