Женски тајни

ЖЕНСКИ ТАЈНИ

Харпун никогаш не сум држела, ни јадица,
Ни пиштол, бајонет, митралез, пушка,
Единствено нож додека чистам зеленчук, а риба
Никогаш не сум сечела, никогаш подготвувала
Никогаш јадела. Како би можела да ги знам тајните на
Дното? Ни птица никогаш не сум ранила
Не сум убила, не сум готвела, како тогаш
Би ги знаела тајните на Небото? Ни зајак, ни лисица,
Ни срна, ни елен, ни свиња, ни пес!
Како тогаш би ги знаела тајните на Копното?

Не верувам во Амазонки со борбени бои
Ни во мажи (о, зар тоа би било можно),
Кои во кафези држат само за приплод,
Не верувам дека сечеле, поради лак и стрела,
Десна дојка и дека владееле со врвните тајни!
Не ме гледај со тие наивни очи, не моли,
Не клањај се и не испитувај залудно. Ти си оној
Кој ги има одговорите, забораваш дека сум ребро.

ЗА МЛАДОСТА, СТАРОСТА И ВЕЧНИОТ ЖИВОТ

Четириесет години имам, тоа е број, јас сум жена.
Четириесет години имам. Тоа е број, јас сум жена.
Така вечно би повторувала, кога би била опседната
Со младоста и животот. Би лажела и би се срамела,
бидејќи да не се биде млад, срамота е – и така мислат сите млади;
Особено младите поети, во своето самољубие.

О, кутра младост, кутра желбо за живот без смрт!
Фала ти, Господе, што ни подари старост
Што на Гилгамеш уште многу порано не му е дадено
да ја пронајде тревката на Вечниот живот, и што ја создаде
Змијата, мудро животно, тревката да ја украде, јаболкото да го понуди,
со Ева, Адам да го приближи на Вистината – без оглед што

на оваа песна чесните сестри од манастирот Рукумија
(кои купуваат најскапи рамки за очила,
за подобро да ја видат Вистината) – би имале да кажат.
Тие се постари од мене. Тие ги напишале сите готвачи.
Фала ти, Господе, за медот, ракијата, босилекот, молитвата,
Посните колачи, солзите на нероткињите и сукните до земја…
Амин.


ЗАБИ

Глумиме смиреност и пристојност, глумиме измазнетост
И вежбаме насмевки за глупаците како манекени паста за заби.
Поради тоа најубави заби имаме, ги гланцаме и избелуваме
Секој ден! Да бидеме над, да бидеме подобри, не се впуштаме
Во распарави, со интелектуално инфериорните. Да позираме!
Да бидеме достоинствени, да бидеме радосни! Да вежбаме радост!
Да се насмевнеме, птичка, чиииз, лелееее, што ни е убава сликата!


ИДИЛА НА ПОЕЗИЈАТА

Шумат дрвјата со цветен јоргован, додека нови стихови,
третокласни, од устата на новата старлета, склона кон поезија,
лизгаат ‘ко јазик околу папокот на масниот стомак на издаваачот,
што нејзината збирка, веднаш потоа, со најубава масна
корица ќе ја украси, тврд повез, се разбира. Идила на поезијата!

Препев: Славчо Ковилоски