Години на љубов или смрт

  • „И тогаш ќе кажеш некому дека го сакаш, дека ти недостига, дека се грижиш за неговото здравје и тој некој се плаши, бега од тебе, те отфрла. Оти е страшно. Оти за такво нешто нема соодветна матрица, со којашто би го поврзал твојот исказ. Оти не знае како со нешто такво да се носи. Како да се однесува потоа. Па оти е ставен во непријатна ситуација, те прогласува за курва. За некоја на која ѝ мрда опашката.“
    (Величковска, 2015: 132)
  • Слатко и горчливо, си поигрува со читателот текстот на Величковска. Негде помеѓу љубовта и смртта, помеѓу присуството и отсуството мешајќи ги, на моменти непрепознатливи, чудни некои синоними помеѓу себе. Нејзиниот текст е како доаѓање на некој одамна заминат пријател, кој се враќа да потсети со доза носталгија на она што било, без кое она што е, не би можело да биде.
    Сензитивно женски со доза иронија и автоиронија, текстот зборува гласно со гласот на авторката, суптилно пренесувајќи емоции кои се толку лични, но кои читателот е лесно да ги препознае и како свои. Самиот текст во себе вклучува и други матрици кои не се прозни, матрици на музички текстови, поезија и илустрации, илустации подготвени од самата авторка. Тие носат, таму каде визуелното и книжевното, прозното и поетското ги мешаат своите природи за да не однесат на темната страна на Месечината, без која ни Месечината, ни личноста не е целосна. И сето тоа на начин на кој бабите раскажуваат приказни, нејзината баба. Од онаа која учи да плете, буквално и метафорично:

  • „Научив да плетам, но не исплетов ништо никогаш. Почнував и не завршував. Научив и да везам. Баба ми купи гоблен со папагали. Се плашам да го завршам. Кога ќе е готов, каде ќе е баба да ѝ покажам? Тоа може да боли премногу.“
    (Величковска, 2015: 28)
  • Боли ли раскажувањето, кое слично на плетење или везење се разоткрива пред читателот?! Или можеби болат самите приказни, а раскажувањето во исто време е и болка и лек. Само на негов познат начин, раскажувањето на начин познат и на авторката, дел од нејзината поетика, лековно пренесува нешта кои оставиле лузна, кои се и драги и мили, но и сурови. Збирката се отвора со пролет, па лето, есен и зима, т.е. со велосипед, врапче, фиќо и санка, но секогаш со него, дел од четирите основни приказни, таткото на раскажувачката. Раскажувачка зошто е јасно дека нараторот има женски глас. Продолжува Таа за оние нејзините, мајката, дедото, но и за оние другите „нејзини“, на кои повеќе припаѓа, комуната „Капиштец“, од 2001 со кои созрева и се препознава.
    Имајќи амбивалентен однос кон мајка си, ја идентификува со стиховите од „Mother“, na „Pink Floyd“, сместувајќи ја во нивната идеја за мајка, онаа које е тука но е далечна и дистанцирана. Далеку од мајчиниот аспект, аспект кој многу повеќе го препзонава кај баба си од колку кај мајка си. Аспект која и таа самата го поседува, особено во односот со оние помалку моќните, кревките, почнувајќи од птиците, мачките, зајчињата па се до луѓето. Оние вистинските, кои не се кријат зад маски на лажни луѓе. Вистински во својата радост, болка, кои ги носат своите лузни како дел од себе, длабоко некаде, каде е најтемно, каде е најтопло. По малку кревка и самата, нараторката позади кревкоста поседува огромна сила, слична на онаа на Марла од „Боречки клуб“ на Чак Паланик, филмски отелотверена со Хелена Бонам Картер, во ингенизоната режија на Дејвид Финчер. Толку се слични Марла и нараторката, Марла и Јулијана, се разбираат помеѓу себе, за да кажат нема темна страна на Месечината. Вусшност, целата е темна. И од цела таа темнина, гласот на Величковска, искри, но каде оди!? Самата на она што треба да е крај пишува: „Каде тргнав? Каде одам? Ќе стигнам ли некогаш?“ Овој пат тие прашања не ги поставува на читателот, туку на нејзината раскажувачка, нејзината топлина и сила:

  • „На твојот гроб секогаш поставувам прашања. Твоето отсуство не одговара. Еден гоблен со папагали ќе остане незавршен. Засекогаш.“
    (Величковска, 2015: 136)
  • На едно место авторката вели Мртви птици. Гравитацијо, зошто не ги оставаш да почиваат на небото? Овие приказни се сé ами не мртви. Можеби поттврдуваат една друга теза, онаа за гравитацијата отаде. Можеби сепак птиците почиваат на небото.