Фантастика или реалистичност – одберете сами!

Вербата без сомнеж е слепа блудница В. Андоновски, „Вештица“
  • Вербата без сомнеж е слепа блудница В. Андоновски, „Вештица“
  • Кога ќе помислиме на фантастика првото нешто што ни паѓа на ум е поимот „имагинација“. Па, каков е тој живот ако ја немаме имагинацијата која ни дава сила и можности кои се безгранични. Имагинативната реалност е она што ни е потребно за време на доживувањето и живеењето на тешките времиња кои знаат да бидат сурови. Имагинацијата го создава светот кој длабоко во себе знаеме дека не е вистински, но одговара со овој реалниов и таму сѐ е нормално, но е далеку полесно и поубаво место за живеење.
    Фантастиката во себе го содржи Необјасливото, она коешто не може да влезе во радарот на нашата перцептивна мисла, она коешто постојано ни бега, но кога ќе застане пред нас читателите нè внесува во светот на имагинацијата и тогаш се раѓа сомнежот во однос на тоа колку од тие чуда кои се пред нас се возможни. Според Цветан Тодоров, „целосното верување, како и совршеното неверување, би нè однеле надвор од фантастичното; неодлучноста е таа која му дава живот“, токму таа неодлучност заедно со сомнежот ја оживува фантастиката. Тогаш сè оди во некоја спротивна насока или како што вели Роже Кајоа: „Сè се чини дека е како денес и како вчера: спокојно, обично, без ништо необично, а ете, полека се вовлекува или одеднаш се укажува неприфатливото“. И тогаш на фантастичната сцена се појавуваат демонските суштества: сеништата, вампирите, ѓаволите, необичните суштества кои доаѓаат од другата страна на гробот и ја нагризуваат дотогашната мирна атмосфера бидејќи, „фантастиката секогаш доаѓа по сликата на еден свет без чуда, потчинет на една строга каузалност“ (Кајоа, 1972: 740) која ќе биде многу вешто нарушена со појавата на Невозможното во еден реалистичен свет во кој тоа не може да влезе, но ете тоа веќе постои, веќе се протнало на еден сосема лесен начин, онака како што Црвената смрт влегла во замокот на принцот Просперо: „Им станало јасно дека пред нив стои Црвената смрт. Се искрадила како крадец во ноќта“.
    Клучни одредници на чистата фантастика се необјасливото и изненадувањето, кои заедно со колебањето, сомнежот, стравот, запрепастеноста и ненадејните реакции ја држат фантастиката во живот. Тогаш кога чудесното, необичното и невозможното се претставени како стварни, а не невозможни, фантастиката опстојува во светот на имагинацијата. Овде како пример за сите тие карактеристики на фантастиката ќе го земеме расказот „Чудо“ од Влада Урошевиќ каде што низ еден фантастичен фабуларен тек на настаните тоа изненадување, сомневање и колебливост постојат: „Зад гаражата на соседот се слуша шум – плесок на нешто еластично што удира од површината на бетонот. И една црвена топка се појавува над покривот од гаражата, исчезнува, потоа пак се појавува… Замислувам дете што себеси си изнашло игра и кое во повторувањето на истите движења открило опојна забава. Потоа решавам да прошетам по дворот. Од неговата крајна точка, сосема на аголот, може да се види што се случува зад гаражата. Застанувам и гледам: во соседниот двор нема никого – никакво дете, ништо. Само една топка удира од бетонот, одекнува карактеристичен звук, таа полетува во воздух, паѓа, пак отскокнува. Плесок, скок, пак плесок. Чудесната топка лета во воздух, паѓа, пак полетува“. На крајот од овој расказ останува колебањето кое може да трае, но никој не знае колку тоа ќе трае. Можеби, иако ни е тешко да признаеме, постои и мала доза на страв поради сомнежот дека она што ја движи топката е нешто коешто доаѓа од некоја друга страна, од некоја друга галаксија можеби, претпоставки се многу, но едно е сигурно – Урошевиќ на овој расказ му препишал фантастичен крај, тоа е еден традиционален, романтичарски фантастичен расказ.
    Во текстот од Роже Кајоа „Од бајките до научната фантастика“ стои следново, што ја изложува кратко и јасно состојбата на духот на љубителите на фантастичните раскази: „Верувате ли вие во сеништа? – Не, но јас се плашам од нив“. (Кајоа, 1972: 749) Од ова се согледува дека иако вербата во сите тие необични суштества и сили кои постојат во фантастичните раскази не постои, сепак стравот е тој кој претставува движечка сила за еден расказ, а стои во мисловниот апарат на читателот. Фантастиката е една игра, игра на сомнежот и колебањето до бескрај. Колебливоста е нејзината карта при патувањето низ реалноста.

    Зошто токму фантастичното?

    И утре можам, земјата чека. Па ајде земете ми ја од раце копачкава, со која разгрнувам грутки за семе и дожд, и присилете ме да ви раскажам како дојде до поистоветување на одредени мошне различни суштества во еден миг што во самиот миг не му припаѓаше на времето како што веќе не е ни миг на фантастичното или чудесното на овој свет. Зашто доколку фантастичното е во самите нас, како акт со кој умот и разумноста се чуваат од клопките на мисловната мрза, чудесното е насекаде: во живите каријатиди на врбите и тополите, на кои е потпрен просторот на настаните што вчера сме ги доживеале или сме ги измслиле, во чекорот, во непредвиденостите…

    И како што вели Славко Јаневски во неговиот расказ „Огледала“ дека фантастичното е во самите нас, овде може да се додаде дека едно фантастично дело колку ќе биде такво секако дека зависи и од неговиот создавач – од писателот, при што голема улога игра и читателот. Емотивната реакција на читателот додека во рацете држи дело што изобилува со фантастични елементи, ќе покаже колку тоа дело е фантастично. И Цветан Тодоров има сличен став во однос на читателот кој чита фантастично дело што го има изложено во познатата и значајна книга „Увод во фантастичната книжевност“. Според него суштината на фантастиката е во колебањето, во нерешителноста на читателот во поглед на опишаниот настан. Токму таа нерешителност, тоа колебање кое е присутно и кај читателот и кај ликот, му дозволуваат на читателот да заземе едно специфично место во фантастичниот текст. Тоа не значи дека читателот кој чита друг тип литература, друг жанр нема свое место во текстот, но овде тоа е поинаку. Читателот на едно фантастично дело му вдахнува душа на самото дело и го определува рокот на траење на фантастиката, исто како некој производ купен од продавница. Кога тој рок ќе помине делото преминува во друга сфера и добива поинаков облик на живот.
    Ако едната причина е читателот и неговиот статус во текстот, другата нека биде текстот и она што го предизвикува тој. На еден многу едноставен начин тоа би изгледало вака: еден тотално непознат лик има една необична задача. Треба со големо внимание да пренесе стаклена чинија во која има пет стаклени чаши за вино, притоа газејќи бос по под што исто така е направен од стакло. Патот што треба да го изоди е долг неколку стотици метри, а постојано околу него се слушаат некакви звуци што му будат страшни и ужасни чувства. Иако на крајот од патот го чека награда, сепак кога ќе дојде наплив на тие чувства поради звуците, се случува она што не смее, паѓаат сите чаши, а со нив и чинијата, се кршат, а заедно со нив и подот. Слично се случува и во еден фантастичен текст. Сите настани во фантастичните раскази се случуваат во реален простор и реално време, секако дека потоа може, а и мора да има некакви мешања поради фантастиката, но првобитно тоа е така. Според Роже Кајоа: „Фантастиката изразува еден скандал, раскин, чуден, речиси неиздржлив пробив во реалниот свет“. (Кајоа, 1972: 728) Поради улогата што ја има фантастиката во текстот, невозможното да го направи возможно, кај читателот се создаваат чувствата на страв и ужас, исто како со стаклените предмети, кога тие ќе се скршат, настапува ужасот.
    Значи фантастичниот текст го предизвикува чувството на страв. Меѓутоа овде не станува збор за страв што предизвикува преплашеност, еден вид одбранбен механизам, како некој внатрешен аларм што треба да нè предупреди за опасноста, без желба да се продолжи да се дочита фантастичниот расказ, затворање во себе поради преплашеност – не, овде станува збор за нешто друго. Според Влада Урошевиќ стравот што е создаден при читањето на текстот со фантастична содржина, „се одделува од својата првобитна намена и станува причина за еден вид естетско задоволство“. За да не настанат некакви забуни, треба да се додаде дека стравот што го предизвикува фантастичниот текст треба да ја има во себе и својата првобитна намена, да биде заканувачки за да не се изгуби суштината на фантастичниот расказ. Според Влада Урошевиќ: „Фантастиката мора да вознемирува ако сака да остане она што е; нејзината улога не е да успива, да создава чувство на блага среќа и спокојство. Фантастиката, ако сака да остане фантастика, во длабочината на своето јадро мора да остане корозивна, да потсетува на темнината, на неспознајното, на вечното заканувачко; таа постои за да внесува разбранетост во мирната површина на нашето самозадоволство со среденоста и цврстината на еден лесно објаслив и докрај разбирлив свет“. (Урошевиќ, 1988: 74)
    Фантастиката е виша фаза на прозата, темна страна што буди негативни чувства како: страв, ужас и гадење. Токму овие чувства експлицитно се поставени во еден расказ од Едгар Алан По, мајсторот на американскиот фантастичен и детективски расказ, „Црниот мачор“. Станува збор за фантастичен расказ на ужасот со елементи на детективска и крими – тематика. Има градација во однос на затемнувањето на атмосферата во која се одвива, со назнака дека целото дејство се движи кон некоја пропаст и негативен расплет. Расказ со ретроспективна наративна нишка, кај кој тие негативни чувства што ги носи во себе сраснати фантастиката, изгледаат вака: „Кога првпат го здогледав овој призрак – зашто не можев да го сметам за нешто друго – почувствував неизмерна вчудоневиденост и ужас… Речиси и да се срамам да признаам – да, дури и во оваа затворска ќелија јас речиси се срамам да признаам – дека стравот и ужасот кои животното ги предизвикуваше во мене беа засилени од еден од најништожните привиди кои можат да се замислат…“. Стравот и ужасот, па дури и гадењето на некој начин, иако тоа не е спомнато во текстот, ги има и кај ликот, но се појавуваат и кај читателот кој го чита овој расказ. Стравот можеби доаѓа од самата природа на расказот, темнината на просторот, менувањето на расположението на ликот кон полошо, од човек со меко срце кон изопачен убиец кај кој алкохолот во неговата крв доведува до таков пресврт во неговата внатрешност, во неговата душа и секако необичниот лик според кој е наречен и расказот – црниот мачор, кај кој само неговата боја ни буди морничави чувства, а што да кажеме за зборвите на жената од главиот лик: „Кога говореше за неговата интелигенција, мојата жена, која длабоко во себе беше суевена, често го споменуваше древното народно верување според кое сите црни мачки се престорени вештерки“. (По, 2005: 78-79)
    А третата нека биде последна бидејќи ако продолжам, причини се многу поради кои фантастиката ја сакаме и тогаш кога нѐ плаши. Третата причина е самата фантастика, како фаза од прозата, ако го земеме тоа во светски рамки, а во македонски – како фаза врзана со раѓањето на прозата во фантастичен фон. Ако зборуваме за македонската проза и за времето кога таа се родила, мора да се спомене фантастиката. Во времињата кога во светски рамки развојот на прозата течел без никакви препреки и застанувања, во Македонија, како што веќе знаеме, не било така. Од литературна и стилистичка гледна точка сме биле многу поназад за разлика од соседните земји, па да не зборуваме за земјите од светот кои се колевка за раѓањето на стилските формации.
    Во Македонија, иако можеби тоа и не било очекувано, прозата се родила во знакот на фантастиката. Неочекувано, бидејќи прозата во книжевно развиените земји се родила во облик на роман. Ваквиот подвиг во македонската литература го направил Марко Цепенков со неговата приказна „Силјан штркот“ која иако завршува во рамките на чудното, таа во голема мера има фантастични елементи.
    За еден расказ или роман да биде фантастичен треба да има: неверојатен настан, премин од topos во utopos (или втор простор во кој ликот ќе се чувствува како странец, еден нестварен свет со силни назнаки за стварност) и да има „докази“ дека неверојатниот настан навистина се случил. Врз тие „докази“ се темели колебањето. Сето ова го кажуваме за да го потврдиме во приказната за штркот со име Силјан. Таму неверојатниот настан е метаморфозата – Силјан се претвора од човек во штрк и обратно. Понатаму, topos е Коњари кое се наоѓа во прилепскиот крај, а utopos е земјата на луѓето штркови и на крај „доказот“ е клопчето што го наоѓа жената од Силјан во гнездото. Оваа приказна завршува чудно бидејќи има доказ за неверојатниот настан. До ова овде ќе го додадеме следново: во приказната на Марко Цепенков го има и Силјан, но и Силјан штркот, ама во една друга со наслов „Преобразба“ од Франц Кафка го има само Грегор Самса – човекот преправен во грда бубачка и за него го нема обратното – тој никогаш нема повторно да стане човек, туку ќе умре како бубачка. Затоа фикцијата на Цепенков има чуден крај, а таа на Кафка живее и умира во светот на фантастиката.

    На крај за фантастичниот крај

    Еднаш некој рекол дека фантастиката живее сè додека постои сомнежот, колебањето, прашувањето… Во некои раскази се чини дека таа вечно ќе живее, дека никогаш нема да преминеме кон рационално или ирационално толкување на текстот: „Кон крајот на летниот ден, кога во собите нема никого освен нас, се случува понекогаш да забележиме, минувајќи покрај огледало што стои во некоја полутемна одаја, за миг, со крајот на окото, дека нашиот одраз се однесува малку поинаку отколку ние… Прво занишуваме лесно со раката, потоа – бидејќи ни се чини дека тоа било преслабо ‒ занишуваме со неа малку посилно, што остава малку неприроден впечаток… Ги креваме рамениците. Ништо. Ликот во огледалото е наполно ист, несомнено е дека тоа сме ние, но ‒ тој ги држи двете раце во џебовите… Застануваме и полека како посрамени, ги спуштаме рацете, потоа, со чувство на нејасна вина, ги ставаме во џебови. Во тој миг, во еден друг град, во некоја друга полутемна соба, еден друг, нам наполно непознат човек, ги вади рацете од џебовите и почнува да мавта бесмислено со нив, подражавајќи го својот полуден лик во огледалото“. (Урошевиќ, 2010: 151-152) Во иста ситуација ние како читатели, а и ликовите се наоѓаме и во расказот „Огледало“ и во „Порака“, двата напишани од Урошевиќ, каде што во вториов никој не може да претпостави како зборовите напишани на зграда во Скопје на крајот од јули 1971 година стигнуваат во август истата година во вселената, до екипажот на космичкото летало „Аполо 15“, кај космонаутите Дејвид Скот и Ирван Џејмс, чудните зборови кои од земјата одат до вселената: „Лама раби аларди дини ендавур еса куни алим“. (Урошевиќ, 2010: 27)
    По сè изгледа дека крајот на фантастиката никогаш нема да стигне до својот крај затоа што сè е толку едноставно: убавината на фантастиката се крие во неодговорените прашања или пак, во прашањата кои имаат повеќе одговори, но ниту еден не е конечен и сигурен. Нејзиното најсигурно оружје – колебањето не ѝ дозволува на крајот таа да биде заокружена со некаков одговор. Колебањето пак, го храни своето его со стравот, ужасот, гадењето – чувствата со кои си игра фантастиката. Во светот на фантастиката, има уште една необичност што ѝ одговара само неа – ликот и читателот се на исто рамниште, на исто рамниште се ставени фикцијата и реалноста преку нивните претставници, и ликот и читателот подеднакво не знаат. Незнаењето е слично како она во Библијата со кое се послужи Алесандро Барико во неговиот „Емаус“, кога двајцата луѓе не знаат дека разговараат со Месијата за Месијата, а Барико ќе додаде дека ние ја сакаме таа приказна поради една многу важна причина, „во целата приказна сите не знаат. На почетокот самиот Христос како да не знае за себеси и за сопствената смрт. Потоа тие не знаат за него и за неговото воскреснување. На крајот се прашуваат: како сме можеле?“.
    Никогаш човек не може да биде сигурен зад кој агол го чека фантастичниот настан, си помислува еднаш Влада Урошевиќ и со оваа мисла го започнува расказот „Старецот и стаорците“ и уште под овој наслов во заграда додава – Вистинит расказ, како што еднаш, одамна, пред два века, Рајко Жинзифов истото го направи за „расказот“ „Прошедба“ и под неговиот наслов во заграда додаде дека станува збор за расказ. Ние читателите излажани и навредени верувавме, паднавме во стапицата, но на крај испадна дека тоа била само репортажа од етнолошки тип.
    Влада Урошевиќ пак, се обидува да нè убеди дека станува збор за расказ кој е создаден од вистински настан, па ако поверуваме уште повеќе ќе се посомневаме, а така ќе се засили фантастиката. Бидејќи да повториме, еднаш Венко Андоновски, во романот „Вештица“ рече: Вербата без сомнеж е слепа блудница. Па секој необичен настан кога ќе навлезе во реалистичниот простор и време тогаш доаѓа времето на заживување на фантастиката. Читателот се фокусира кон тие необични случувања од кои произлегуваат голем број прашања. И фантастиката преживува, се бори, сè до оној момент кога таа ќе биде прелажана од рационалното или ирационалното согледување на случувањата во расказите и книжевноста воопшто, и во тие моменти таа умира, но остава докази дека некогаш постоела – во несигурноста на случувањата.
    И на крајот Фантастиката ѝ рече на Реалистичноста: „Ќе живеам во тебе бидејќи без мене животот ќе ти биде монотон“.

    Тагови од објавата
    Напишано од
    More from Милена Петреска
    За тие со црните наметки
    Откако си замина мојата ќеркичка, Таа постојано беше во мојата куќа, но...
    Повеќе
    0 replies on “Фантастика или реалистичност – одберете сами!”