Нема друга

Месецот јули поминете го со ова најново издание на „Антолог“, како дел од проектот „Европа во големи мали чекори“, а со поддршка на програмата Креативна Европа.

„Немаш поим!“, Матјаж прекорно го погледна Александер.
На пријателот, кој веќе ја палеше десеттата цигара по ред, му возврати со празен поглед и се загледа кон петковшековиот кеј. Во тој доцен август, таму пак седеа многу луѓе, кои по одморите повторно се навикнуваа на главниот град, на неговите шармантни места и на нивните најомилени барови. Тоа е најлесно да се направи ако се договорите со пријателите на пиво и си раскажувате за случките од море или пак – ако сеќавањата за одморот и за бегството на поубави места веќе е избледено – се мрмори за владата, парламентот, судството, претседателот на државата или, ако веќе доволно се испило, се лелека за работата, жената и децата.
Матјаж и Александер не си раскажуваа за одморите, не разговараа за загрижувачката политичка ситуација, не разговараа ниту за кризата, ниту за тоа како ЕУ е отуѓена од своите државјани. Не ги обновија случките што им се имаа случено во последните три дена, откако последен пат се имаа видено баш тука, на истото место. Не разговараа за работата, ниту еден со друг се прашаа за здравјето на родителите. Не, разговараа за работите што беа на дневен и на ноќен ред веќе два месеца, откако Сара го остави Матјаж. И, ако Александер, сега веќе оженет човек, без да го гризе совеста можеше да ужива во многуте помлади и постари девојки облечени во летна облека што поминуваа по шеталиштето во петок, Матјаж беше жртва на една слична слика и на едни исти мисли.
„Немам поим, признавам. И уште колку пати истото!“, возврати Александер.
„Зошто е толку воздржана со мене?“, по некое време, пак почна да му здодева на соговорникот.
„Мислам дека не те засега тебе тоа.“
„Не разбирам. Баш тоа дека не сака со мене да оди на кафе сепак најмногу ме засега.“
„Не сака да ти дава лажна надеж. Мислам дека уште те сака, барем така кажа.“
„Кога го кажала тоа?“, вознемирено го праша.
„Не знам кога, Матјаж“, воздивна неговиот пријател, сега веќе му здодеаја истите дијалози со својот најдобар пријател.
„И, што уште кажала?“, Матјаж беше неспокоен.
„Оф, уште колку пати истото? Ништо, само тоа го рече и дека сака да бидеш среќен.“
„Среќен?“, борбено го погледна пријателот.
„Да, среќен“, кимна Александер, како да се работи за неутрална изјава.
„Проклета кучка! Што мисли со тоа среќен? Би бил среќен ако таа е сè уште тука, со мене.“
„Па, нели во тоа е несомнено проблемот“, Александер нервозно помина со раката низ бујната коса.
„Секако дека тоа е проблем. Ако таа беше тука, немаше да имам потреба да се расправам со тебе“, Матјаж возбудено го погледна.
„Проблемот е во тоа дека не може да комуницира со тебе ако си ваков.“
„Каков?“, наивно го погледна Матјаж.
Александер ги преиспита зборовите, кои потоа ги издува со димот од својата цигара: „Кога и ти би нашол некоја и со неа би бил среќен, така како што таа е сега со Јак…“
Матјаж ја наведна главата и кратко време молчеше. За тоа дека е среќна со Јак не сакаше да слуша, за тоа апсолутно не сака никогаш да слуша и воопшто не го интересира тоа.
„Тоа со Јак е само преодна фаза кај неа“, го прекина пријателот. „Се надевам дека си свесен за тоа“, конечно го крена погледот кон Александер, кој на таа реченица здодевно преврти со очите.
„Мислам дека токму во тоа е проблемот, Матјаж. Ти не ја прифаќаш моменталната, односно постојната ситуација, која е, се согласувам, ужасна. И таа знае дека едноставно не сакаш да излезеш со неа на кафе, ти сакаш многу повеќе…“
„Многу повеќе. Што е тоа многу повеќе? Можеби неколку реченици, некоја насмевка, можеби кратка прегратка, суптилна прегратка“, покајнички призна Матјаж. „Дали по десет години барам премногу ако сакам малечка, нежна прегратка?“
„Сега веќе помина некое време, не многу, признавам, но помина некое време. И што би направил по таа нежна прегратка?“
„Потоа ќе ѝ кажам дека сум сосема поинаков човек…“, полн со надеж рече Матјаж.
„Само не си…“
„Добро, де, да ја убедам дека сè уште сум човекот во кој се имаше заљубено.“
„Уште повеќе си човекот од кој несомнено се одљубила“, беше строг пријателот.
„Не биди толку строг!“, викна Матјаж.
„Извини, стварно не сакам да гледам како страдаш, а мислам дека дојде време кога мораш да продолжиш напред. И тогаш можеби ќе излезе со тебе на кафе.“
„А ти го кажа тоа?“
„Не, секако не го кажа тоа, но сосема е логично – дури кога ќе отидеш напред, можеш да погледнеш назад“, паметно рече Александер.
„Мене веќе не ми е тоа логично“, тврдоглаво му одговори Матјаж.
„Нели знаеш како е“, пак се сконцентрира. „Додека немаш своја девојка или додека не помине доволно време, нема да има простор за опуштен разговор меѓу вас.“
„Зошто разговорот мора да е опуштен?“, Матјаж и понатаму беше тврдоглав. „Таа мене ми се допаѓа и кога е неопуштена.“
„Ах, не се работи за тоа! Додека не продолжиш понатаму во животот, таа постојано ќе се прашува дали имаш некоја скриена намера во заднината или ќе се плаши да ти даде лажна надеж.“
„Подобро лажна надеж отколку ништо! Со лажна надеж одлично би можел да спијам“, Матјаж пак се противеше.
„Не оди така. Уште не сте доволно одделени за да може да сте заедно. Тоа е така.“

Зборовите на Александер го натераа Матјаж да размислува. Ако фати нова девојка или ако помине доволно време, демек ако со друга девојка е доволно време, Сара ќе биде поопуштена со него и можеби тоа ќе го отвори патот помеѓу нив и пак ќе се развијат старата блискост, непосредноста, нивниот целосно специфичен хумор – откако го напушти тој хумор и се создадоа нови зборови со новите девојки во пар, тие изникнуваа сосема спонтано и почнаа да имаат значење само за нив. Можеби тогаш ќе открие што пропуштила. Иако наоколу зборуваа дека уште го сака, тоа значеше дека уште размислува за него и веројатно дури и ѝ недостига – бидејќи навистина можеби уште го сакаше. Помина доволно време, многу време, повеќе од еден месец или уште повеќе; два месеца е доволно време. Нема веќе да чека. Многу време посвети на чекањето, премногу чекање за времето да го направи своето добро дело, и на целото тоа време си даде време, но без видливи резултати. Сè уште спие лошо, сè уште мисли на неа и почнува да чувствува силно жегање во желудникот. Веќе нема време за чекање. Помина времето на чекање. Мора да го најде патот до неа и, ако тоа значи да го помине времето со друга девојка, така и ќе биде! Демек, ќе се фати за работа. Тоа не би требало да биде премногу тешко. Велат дека на светот има многу девојки, а Сара секогаш му зборуваше колку е убав и, тоа што во денешниот свет не е сосема незабележливо, дека е и забавен. Да, тоа девојките го сакаат: симпатичен изглед со зачинета смисла за хумор.

Одлуката му се допадна; очите му засветкаа, така што следното утро, кога се погледна во огледалото, веќе не беше несреќен. Напротив: си кимна со главата и, ако подобро се познаваше себеси, ќе се заколнеше дека во краевите од своите усни виде силуета од насмевка. Ново време, нова девојка – генијална идеја!

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Нема друга”