СИТУАЦИИТЕ НА ПРОКОПИЕВ

Неодамна, седејќи пред платото на МКЦ и освестувајќи се од утринскиот мамурлак со кафе, ја дознав веста дека Александар Прокопиев издал нова збирка раскази насловена како „Синот-риба (ситуации)“. Веста ја примив како и секоја друга вест: сосема е нормално писателот да пишува и да објавува книги. Во ред, многумина наши големи творци можат да се пофалат дури со два расказа, но најновото издание на Прокопиев не ме изненади. Уште повеќе што знам дека неговата енергија и мотивација за пишување не стивнала со годините, туку напротив, се зголемува.
И така, веќе по два-три дена веќе ја имав збирката во раце. За да не звучи како да пишувам расказ, поттикнат од зачестеното читање македонски автори, ситуациите на Прокопиев ми послужија да се потсетам на убавината на препрочитувањето, односно „тркалањето“ низ рацете на збирка раскази од домашен автор.
„Пишувам уште една приказна, или подобро, писмо за љубовта“, со овие зборови започнува првиот расказ во збирката, „Леси“. Со понатамошното читање овие зборови „писмо за љубовта“ на Прокопиев само делумно се оправдуваат, бидејќи, на моменти сме сведоци и на малку еротика, малку псевдо-документаристика и малку иронија. Всушност, токму овие ситуации се носители на отпечатениот проект на авторот: секојдневна иронија на животот. А веќе добро е познато дека авторот на „Синот-риба (ситуации)“, долги години ги импресионира читателите со својата специфична раскажувачка постапка.
Книгата „Синот-риба (ситуации)“ е сочинета од 45 кратки, односно куси-куси раскази, а на крајот како додаток е сместен и еден „Автопортрет“, односно автобелешка, којашто не ги содржи стандардните биобиблиографски податоци, туку во склад со расказите, се чини дека претставува еден нивен континуитет, бидејќи истата е предадена во наративна форма. Бидејќи „Синот-риба (ситуации)“ веќе доживеа промоции и надвор од нашата земја, некои од оценувачите на ова дело, како на пример Душан Стојковиќ, забележаа дека: „Александар Прокопиев, со својата проза, нас нè забавува. Поигрувајќи се со создавањето, тој одново пресоздава приказна. Поседува сопствено плетиво, остварува сопствен прозен вез. По неговата трага не може никој да појде. Другите, помлади писатели, не ги советува како да пристапуваат кон пишувањето најкуси прози. Тоа, или се знае, или неповратно не се умее. Неговото упатство за другите, единствено би било возможно – како антиупатство. Не се огледувајте на мене! Не се огледувајте на никого! Ниту на Чехов, ниту на Мопасана, ниту на По, ниту на Кафка, ниту на Борхес ни на Хармс! Огледајте се, единствено – ако веќе морате на некого да се огледате – на, внатрешното, себе. Тогаш, и само тогаш, ќе бидете приказна“. Со слични констатации се произнесоа Хрватот Миљенко Јерговиќ и Георги Господинов од Бугарија.

Она што е карактеристично во расказите коишто Прокопиев ни ги нуди во оваа прилика е разликата во начинот на градење на приказните. Така, во првите раскази најчесто нема вистински главен лик околу кој би се одвивале настаните, туку преку нарацијата на авторот ја дознаваме неговата перцепција за околината, па на таков начин расказите добиваат некој вид лирска форма. Тие претставуваат своевидна композиција на метаморфози во кои сѐ е можно, а можат да се интерпретираат и како соништа. Во понатамошното читање, тие илузии како да се избиструваат и сега наместо во сонливата пладневна дремка, се одвиваат на релни места, со реални луѓе и во реален простор. Меѓутоа, да не се залажуваме, Прокопиев и во сновиденијата и во реалноста делува сигурно, цврсто и едноставно. Сликајќи ги обичните настани, Прокопиев во еден чеховски стил покажува дека дури и од една навидум едноставна до патетичност ситуација може да се изроди прекрасно дело. Во таа насока, можеби најкарактеристичен и највпечатлив е расказот „Летна приказна за пајакот“. Главните протагоности во него се авторот и еден пајак на таванот, кој ја има несреќната судбина да биде на погрешно место во погрешно време, или поинаку кажано, во моменти на несоница авторот го забележува и го смачкува пајакот, при што повторно се враќа во претходната состојба: здодевноста. Ќе ги спомнам и „Пријателските средби“, каде што се опишани три ситуации во кои се сретнуваат писатели кои се нетрпеливи меѓу себе, кои се возгордеани и чие его е дигнато до небо. Очекувајќи нивната желба за докажување да придонесе до изблик на најразлични емоции, Прокопиев се решава на неочекувани завршетоци, кои во практика се и најреални, едноставно свртување и заминување.
Интересен е преминот од лириката: „Со ореол од ноќни пеперутки, мртвата божица бара опстанок во сонот – градител“ („Мртвата божица“, стр. 34) до еротиката: „По десетина минути, можеби половина час, ѕиркачот се исправа и наместо клучот, неговиот растреперен пенис пенетрира во клучалката“ („Клучалка“, стр. 37). Всушност, тука и нема ништо чудно, знаејќи го односот на Прокопиев кон Ѕиркачот од неговите претходни творби. Воајеризмот на современиот човек, бездруго може да понуди безбројни ситуации за опис. Затоа, ќе ги употребам зборовите на Јерговиќ, кој за Прокопиев ќе истакне дека: „баш ми е гајле за неговата професорска кариера, за универзитетот и за сличните трици, јас него го гледам во сина мајсторска престилка, каллива од земјата низ која поминале неговите јунаци и црн од маста што извира од неговата старинска машина за пишување, како се занимава со својот величествен занает“.
Играјќи со отупената самосвест („Командант, за заповедниците и послушните“, стр. 44-45), со компликациите од политиката („Збогум партии!“, стр. 49-53) и со правилата („Etnica Antropofagon, осум правила за воспитано човекојадешко однесување“, стр. 42-43), Александар Прокопиев како да им пркоси на она што луѓето го нарекуваат голем настан. Управувајќи со сопствениот Универзум, Прокопиев го создава својот урбан рај, во кој место имаат и младичот што се плаши од труење со вода, и кастрираниот Милидраг, и психијатарот д-р Огнен, и пропаднатиот студент по медицина Долгопрстиот…
Ете така, слично како и расказите на Прокопиев, од едно обично расонување од утринскиот мамурлак со кафе и веста за објавата на збирката раскази „Синот-риба (ситуации)“, произлезе и ова мое кусо видување за нив. Можеби уште една ситуација за расказ. А можеби и не.