Семиотика во контекст на фикција

Конечно – еден магичен роман! Уште пред да почнам да го читам романот Името на розата од Умберто Еко, бев интригиран околу името – зошто романот е насловен токму така како што е насловен и што значи насловот?!?! Името на розата е роман што во однос на комбинацијата од авангардност/модернизам/алтернативност и традиционалност во содржината и изразот, како и условно линеарната и истовремено лавиринтска нарација, може да го сместиме некаде помеѓу Волшебникот од Џон Фаулс и Амамот Балканија од Владислав Бајац (и другите два одлични романи), па затоа прилично плени со текот на нарацијата и брзо се чита. Очигледно е влијанието што Томас Ман со Волшебниот рид го има извршено врз Умберто Еко.

Реалноста на овој роман е реалност на лавиринтот. Ако лавиринтот е физичкиот простор по којшто ликовите се движат, зошто и духовниот простор не би можеле да го согледаме како некаков лавиринт во кој читателот/човекот се судира со разноразни пречки, за на крајот секако да го пронајде вистинскиот пат. За да се опише Името на розата често се употребува синтагмата семиотичка шума (или би рекол – редослед од знаци), што може да се каже дека алудира на фактот дека Умберто Еко предаваше семиотика на универзитетско ниво, таа магична дисциплина во науката за книжевноста. Сепак, романот е комбинација од историски и книжевни/фиктивни факти, а разликата меѓу нив е дека едните тврдат дека ја пренесуваат вистината, додека другите се прашуваат што е тоа вистина и дали таа постои како таква.

Како карактеристичен може да се издвои следниот цитат: “Секојпат кога се насладувам од убавините на овој Божји дом, омајноста на разнобојните камења ме вознесува од овоземските грижи и пригодно ме тера кон размислување, пренесувајќи го она што е материјално во она што не е материјално, од разнообразноста на светите доблести, тогаш ми се чини оти се наоѓам, како да кажам, во еден чуден предел од универзумот кој не е сиот затворен во земјиниот глиб, а не е ни сосема ослободен од небесната непорочност. И ми се чини дека, по милоста Божја, по анагошки пат, можам да се вознесам од, овој, подолниот свет во оној погорниот.”

Како клучни ми се чини дека може да се издвојат следните две реченици (кога Адсон се наоѓа во библиотеката): “Моето око се губеше по страницата долж болскотните патеки, како што моите нозе се губеа во возбудливиот систем од соби во библиотеката, и гледајќи го своето талкање по оние пергаменти, длабоко се обеспокоив и се уверив дека секоја од тие книги ја раскажува со таинствен потсмев мојата тогашна сторија. “De te fabula narrator” (за тебе раскажува приказната), си реков и се прашав дали тие страници всушност ја содржат и приказната за идните мигови што ме очекуваа.”

Името на розата изобилува со повеќе елементи што го претставуваат и одразуваат непосредниот интерес на писателот, како што се интертекстуалните одеци, интересот за средновековната естетика, а имајќи ја предвид и книгата Pape Satan Aleppe (во издание на Геопоетика – издавачката куќа на Владислав Бајац, на српски), тука може да се вброи и интересот на Еко за мистика и магија, што секако го вбројуваше во еден од позначајните светски мистици. Читајќи го Името на розата, забележливо е влијанието што Умберто Еко очигледно го оставил врз романот Азбука за непослушните од Венко Андоновски (како и воопшто на стилот и дискурсот и во другите дела од македонскиот писател). И во двете дела преовладува намерата, и од двајцата автори, со дигнитет да ја третираат темата за борбата помеѓу мрачните и светлите сили во човекот. Името на розата е роман што се чита и доживува со срце, како што со срце можете да ги читате и доживеете, на пример, исто така и делата од Карлос Кастанеда.