Поетски слики на широк потег

  • Лесно како дишење од Пантелеј Кондратјук, сопствено издание, 2011, Скопје
  • Бев замолена да напишам рецензија за поетот Пантелеј Кондратјук, но морам да кажам дека го познавам само како активен христијанин кој се бави и со превод од руски јазик. Решив ваквата околност да ја искористам во мојата рецензија и да го применам критичкиот метод создаден од англо-американската, повеќе практична критика одошто книжевна теорија, наречена „Нова критика“, а застапена од 40-те години на минатиот, 20-ти век наваму, главно на американските и донекаде на британските универзитети иако само со некои нејзини инструменти. Овој приод се состои во тоа да ја земеш песната или збирката поезија и да ја анализираш без да го знаеш името на авторот, или да имаш некои детални биографски податоци за него – каде е роден, кои крупни настани или идологии му го обележале животот и творештвото, и така натаму. Самата песна, или било која уметничка творба, со својата органска структура треба да биде самодоволна или само-референтна (од неа самата да се поставуваат прашањата и таа да ги нуди одговорите „одвнатре“ според својата уметничка логика). Во мојот случај, овој приод е од самиот почеток беше донекаде компромитиран, така да кажам, поради тоа што знам дека поетот е православен христијанин и активен верник, па така и моето читање се обидов да го насочам пред се’ кон христијанските елементи во неговата поезија, иако исчитував збирка од приближно 80-тина страници во која се опева и љубовта кон човекот, поточно кон конкретна жена, Анастасија, поезијата, доживувањата на светот, вселената и донекаде на познатата и непознатата можеби невселена вселена.
    Збирката е насловена Лесно-како-дишење; не знам кога е објавена и од која издавачка куќа зашто работев од електронска копија без корици. Значи, сеапк условите за еден новокритичарски приод без познавање на многу факти за поетот се исполенти и можам да почнам.
    Она што го воочив прво и што ми се виде типично за поезијата на Пантелеј Кондратјук беа неговите многу густи поетски слики во кои се прелеваат симболи и кои се излеваат понекогаш како надреалистички пејсажи и содржини, а сепак „се држат“, се крепат на оски од јасни стихови -искази без слики, како што се гледа од некои примери. Некои целосно, а некои делумно ме потсетија на визуелната уметност – на симболичкото сликраство од крајот на 19-ти век (Густав Климт, на пример) и Предрафаелитското сликарство од втората половина на 19-век. Тоа е така зашто голем дел од поетските слики на Пантелеј многу често содржат заокружени фигурални претстави. Значи, целосно исцртани елементи и сцени на море, персаж покрај река, судири на ѕвезди, соѕвездија и комети, реки и поплави, подоводен свет, плими и осеки и човечки сенки и делови од тело (подадени раце, извиени лакови од вратови како лебеди), нормално исцртани со зборови, опишани до многу ситни детали и споредени со нешто друго кое потоа се споредува со друго. Така се создала згусната поетска симболична слика која и овие два сликарски правца ја негуваат со тоа што кај некои од поетските слики на Пантелеј крајниот резултат се надреалистички сцени кои по својата смела имагинативност наликуваат на слики од сон. За да не биде ова мое вербално исцртување на сликите само во воздух, еве неколку примери кои го илустрираат тоа. Една строфа од песната „За сонот што демне што пронижува“:

  • Вселената ѝ пркоси на црната материја.
    Како од мрачен залив оваа магнетна хидра
    ги извива убиствените пипки
    над осамените патувачки метеори.
  • Дел од втората строфа од песната „Тело – 1“

  • Како знак како интерпункција
    едно тело го надраснува своето тело на небото
    во дланките крие пустина во пустината – сфинга
    низ браздите реки од знаци на сите светови
    освоени одамна од ѕвездена прав
    од единственото место – небесна пукнатина
    око на светот божја купола
    ноќта создава кристали од сребро
    и блескотни зеници од жива.
  • Потоа еден дел од песната „Мадригал за испиениот чај“ каде еден мал, тривијален настан – разлевањето вода од чајник е искористен да се создадат слики во кои како да е собрана и проектирана целата страв и стрв на светот со сликите на глад од Африка што го создаваат „утринскиот траур“ поради копнежот по одреден лик, Анастасија, во едно конкретно утро во станот на лирското јас:

  • Птицо од митолошките речници
    пристану на Светиот Дух
    Тој во локвите од разлеаниот чајник
    наговестува диви африкански пејсажи
    стада со животни фатени на препад
    од зазбивтани ловечки орди
    форми на древно сликарство
    што раскажува за две стада –
    стадо составено од животни
    и стадо од прегладнети луѓе.
    Убиениот ѕвер од локвата убива еден друг ѕвер
    симболичниот ѕвер на утринскиот траур
    што крие чекани во копитата
    во роговите – ножеви на смртта.
  • Значи, песните главно ги изразуваат чувствата, најчесто копнеж и стремеж, главно преку слики. Еве уште еден таков пример во песната „Ухлебие во облакот“ која започнува со исцртување геометриски фигури и создавање различни духовни и физички мапи во просторот – обрачи-кругови, линии, заливи, сводови:

  • Ох обрачу зелено поле на утрото широко кружно поле
    помеѓу сводови ѕвездни и длабоки реки
    облаку пловечка катедрало континенту во небесни сфери
    обрачу прашалнику мој лебедов врату
    свиоку речен далго на крвта животодарна вено
    поплаво жедна што расфрлаш високи слапови од многу води.
  • Во втората строфа истата слика продолжува да се шири, да се надоградува. Но во последните нејзини два стиха го насетуваме емотивното јадро на песната:

  • Обрачу зелено поле на утрото невидлива меѓо
    трозабецу на моќниот Нептун бесконечна делто
    сина реко зелено треперење под сончева аркада
    обрачу мој талогу небесен сликарска палето
    зарем ги остави девојките да развеваат тажен плач
    по синооки морнари од немирните океани
    зарем светлозрачните хоризонти на еден подруг свет
    засекогаш ќе ги оттуѓат таинствените рајски бои
    пред снисходливиот копнеж на погледот мој.
  • Дали тие „светлозрачни хоризонти на еден подруг свет“ се однесуваат на овој свет тука кој со нашите чести духовни падови не’ отуѓува од мислите за еден друг свет, кој овде е навестен како „таинствените рајски бои“ по кој копнежот снисходи во погледот на лирскиот глас на оваа песна?
    Значи, речиси секоја од овие осумдесетина песни е положена на вакви слики на широк потег каде се спојуваат неба, хорзонти светови со земја, море. Но ќе видиме и во оваа песна тие сепак лежат или се држат на стихови оски / осовини во кои авторот ни го предава своето сознание од одредена поетска доживеалица или искуство, или пак некоја емоција која била мотивација за песната. Така е и во оваа песна која и во третата строфа продолжува со такви слики, но во последниот стих се јавува, испливува исказот: „каде ме гониш стиху што бликаш каде ме гониш / мигу непрестајно што течеш“. Овие два стиха, сознаваме се темелот на песната и оновното емотивно јадро од кое најверојатно произлегла. Песната, поезијата што сака да биде напишана е како немир што го прогонува и го гони поетот постојано и непрекинато во времето.

  • Обрачу зелено поле на утрото растеглива маско
    што бескрајно тонеш во длабока кошмарна бездна
    обрачу мој еленски скоку од истрелот на будењето
    сребрен куршуму залутан во срцето на врколакот
    обрачу мој божествено длето
    пловидбо низ пространства од бесконечни води
    усвитен ножу што тенкиот ѕид на воздухот го сечеш
    каде ме гониш стиху што бликаш каде ме гониш
    мигу непрестајно што течеш
  • Сега е на ред попрецизно да ја измериме таа густината и длабочината на сликите и нивните симболи. Песната, таа густина најчесто ја постигнува со редење низи од метафори и компарации во еден вокативен, обраќачки тон, упатен кон примателот на поетската порака (или адресатот според лингвистот и книжевниот теоретичар, Роман Јакобсон). Најчесто лирското јас во поесните се обраќа кон еден лик, Анастасија, жена или млада девојка која во некои песни ги надраснува тие рамки и станува универзален женскиот принцип во универзумот. Често пати поетот се обраќа и кон себе ако на авто-адресат и со тропи во густ проред ни ги открива своите поетски доживеалици како: односот кон Творецот, љубовта кон него и другото човечко суштество, разделбите, онтолошките непознаници од вселенски размери и така натаму. Еве најпрвин како изгледаат тие низи од метафори и други стилски фигури во поезијата на Пантелеј. Песната „Граница“.

  • Сал небо сал туѓо небо
    сал дно од најсилни морски плими.
    Точко во плоштина на рамнокрак триаголник
    подражавачки симболу точко во просторот
    одблесоку од сопствен одблесок
    копнежлив кругу по неочекувани агли
    размачкан отпечатоку во полициско досие
    комедијо на карактери
    геометријо на нови неоткриени форми
    точко со средиште како пробиена брана
    под налет на разбранувани гневни води
    впивлив облаку над дете што сонува бајки
    метафоро како црна маслинка
    што произлегуваш од сликарска четка
    растеглива точко во полна права линија
    контрасту во белата луња на платното
    твојата крв од мастило твојата крв капка дожд
    ах бемко на убавината мој возбудлив гребену
    скитнички корабу што ми бегаш во далечините
    во тенка нишка на хоризонтот што плови.
  • Видливо е од оваа песна преполна со слики дека ова е една глаголива поезија која сака да реди детали, да дефинира меѓи и граници (како што е и насловот на песната) било духовни, душевни или физички на различни поими, емоции и сознанија. Ова е поезија на широк замав/зафат која во еден стих може да спои небо-море, земја-вселена, горе-долу, како на пример првиот и вториот стих во оваа песна кои гласат: „Сал небо сал туѓо небо /сал дно од најсилни морски плими.“ Има и песни каде небото и земјата се спојуваат и во една синтагма (фраза) па дури и се врзуваат како сложени именки, како во песната „Лесно како дишење“: „Земјата да стане небо да стане вода да стане жена / небото да тече како вода. Небо земја земја небо.
    Да се вратиме на вокативниот тон, обраќањето на поетското јас кон адресатот (примачот). Одбрав една прекрасна строфа од песната „Електрицитет во зениците“ каде може да се чуе ехото на оној старозаветен, псламичен, славенички тон како во „Песната над песните“ во кој главно има редење на споредби со кои му се обраќаме на саканиот човек или на на Бог.

  • Ако еднаш ме прашаш: ме љубиш ли ме љубиш ли мили
    вака ќе ти речам: кога стојам пред тебе простум
    сè што можам да сторам
    е сал да молчам во тивка беспричинска радост
    сал по некој повремен кроток поглед
    кон сводовите на очите твои
    како најгорделива мажественост
    што засекогаш ги положува високите знаменија
    како град што го подражава космосот со светилата свои
    ѕвездо што искриш симболу на блескотни огномети
    прекрасна душо моја
    Анастасија Анастасија…
  • Најдиректна паралела со псалмичниот тон на величање и изразување љубов е стихот во кој саканата се споредува со нешто големо: „град што го подражава космосот со светилата свои“. Многу слично на песната над песните каде во 6-тиот дел возљубениот ја велича љубената со крупни зборови: „Возљубениот: Убава си, мила моја, како Тирса, прекрасна – привлечна како Ерусалим, страшна како војска со знамиња.“ А еве како Пантелеј Кондратјук ја опева својата Анастасија:

  • Ти си мојот Ерусалим
    Ерусалим – нозе склопени под платно од муслин
    снагата твоја шифри на торзото
    откровение во Кумрански ракописи
    ах тие куполи што дишат тие цврсти гради
    доколку капне сал една солза од окото твое
    ќе прогледаат далечините низ кристален космос
    а мојата крв ќе полуди од вкусот на железото
    од вкусот на смртта во плунката
    од знакот на смртта на усниве мои.
  • Овде има стих кој илустрира еден квалитет на оваа поезија: да се фати многу ситен детал како што е солзата и во него метафорички или хиперболички да се смести толку голем ентитет како космосот што е многу логично и поетски можно, зашто светот кога се гледа низ насолзени очи лични токму на таков разлеан кристал. Се прашував дали ова женско име Анастасија е случајно избрано или е автобиографско поради неговото значењето на грчки „анастасис – воскресение“. Но, не сакав да го прашам авторот. Во стилот на Новите критичари си дадов слобода да ја земам предвид и таа асоцијација на воскресение на духовен и душевен план како нешто кон кое копнее секој верник па може и да го опева и да направи од љубената симбол на такво душевно и духовно воскресение, особено што чувството на голема љубов само посебе носи душевно и духовно потркевање, егзалтација. Последните строфи на песната „Како вистински американец“ се одбрани како најилустративни за тој тон и призвук што е толку присутен секаде, а во оваа песна е јасно и прецизно изразен. Песната почнува со доживување на лирското јас на човечката природа и дисхармонијата на светот која често ја живееме:

  • Со ништо се множи братството меѓу човечките души.
    Отсекогаш си страдал од претерани очекувања за светот
    и неговата студена логика на сметката
    што под своите биволски копита
    те толчи ли те толчи немилосрдно.
  • Потоа ја повикува копнежливо Анастасија која овде ја надраснува својата рамка на љубена жена и станува оној симбол на оној висок критериум во овој свет за блаженство, мир меѓу љуѓето и добра воља што ни го остави Христос:

  • Анастасија Анастасија….
    Хорно на вселенските пространства треперлив знаку
    каде си да ги запреш деновите што ездат
    како мртви риби на брановите од загадените мориња
    дај кажи им на сите народи од коленото на Авраам
    дека пред опаднатиот водостој реките се скаменети шуми.
  • И во последната строфа доаѓа крупно сознание во авто-референтен тон на самообраќање и со благ хумор и потсмевање со самиот себе:

  • Всушност ти по Христа жеднееш брате мој.
    Болката на светот е она што тебе те боли.
    Во тоа име ти и пред железната тупаница
    брадата би ја подметнал и од примениот аперкат
    би препознал Менхетн во украинска житница.
  • Густите симболични слики имаат уште две карактеритики на кои би се задржала – отсуство на интерпункција во редењето стилски фигури и типот на тие стилски фигури, најчесто метафори, компарации и персонификации. Во поезијата на Пантелеј Кондрјатук метафорите се многу ретко едноставни; тие се продолжени или доаѓаат во грст во кој инструментот на метафоричката споредба станува споредуваниот поим во наредната метафора што произлегла од првата. Еве една песна која е целата сплетена од метафори и се вика „Копнеж“. Всушност целата песна-строфа е една сложена или продолжена метафора за чувството на „копнеж“:

  • Ветерот јачи во тонска скала
    и се смести во воздишките
    што се развеваат низ степата
    за да испише музички ноти
    во ехото на страсниот мол.
  • Ветрот може да јачи, но не во тонска скала; значи, тука имаме метафорички зафат; потоа тој станува „воздишки“, односно, како што вели песната „се сместува“ во нив; и на крај испишува музички ноти во ехо кое е како „страсен мол“. Како и во секој копнеж – има воздишки и звуци…јачење. Гледаме како од едната метафоричка слика произлегува наредната. Уште еден пример за специфичната, сложената метафора која може да премине и во компарација, и за сиот тој ред и низ без запирки или друга интерпункција, кои уште повеќе ја залепуваат и ја згуснуваат песната, правејќи ја напати херметична. Песната „Случајна мисла“:

  • Вистината распнува во својата растеглива легура.
    Таа надоаѓа со брзината на звукот добро нацелена молња
    таа надоаѓа како остар склапел кон срцевиот мускул
    кон тоа бедно срце така нерамномерно што чука.
  • Метафората почнува со вистината како растеглива легура, потоа таа вистина-легура се забрзува како “нацелена молња”, па следат копарациите дека доаѓа со брзина на „остар скалпел кон срцев мускул“. Ова е една интуитивно прецизно „нацелена“ поезија која има моќ да ги отвори сите наши сетила кога ја слушаме или читаме. Песната „Зад рубиконот за нештата што треперат“ е добар пример за мултиплицирање на метафората, песна во која лирскиот субјект реторички си поставува прашања за создавањето на ликот и образот свој, иако го знае одговорот:

  • Kој го створи ова лице
    што на нерамните брегови правилна симетрија им дава
    сите тие несовршености совршена целина и склад?
    Кој го створи ова лице ова лице како облак како глина
    кој лик слика на светот му вдахна
    брчките мои невидливо длето од време
    лицето мое од невидливо сликарско платно?
  • Одговорот е во прашањето: „кој лик слика на светот му вдахна“, бидејќи оној кој го направи тоа е лик/личност кој ја создаде сликата на светот и својата слика/лика ја преслика во него. Песната продолжува да прашува:

  • Кој го створи ова лице
    оваа растеглива ткаенина од кожа
    небесна палета кораб со распнати едра
    од боите ли црвена бела сина
    што се разлеваат како пловни реки
    и свивајќи го р’бетот во сливот речен
    се враќаат назад спротивно од текот
    кон праизворот кон праматеријата вечна
    се враќаат бурно како шум од многу води.
  • Тука метафората за создадената ствар – човечкото лице и светот – продолжува да се мултиплицира. Лицето кое е створена „растеглива ткаенина од кожа“, станува небесна палета од бои, па кораб со распнати едра, па боите стануваат пловни реки и се враќаат кон изворот како шумни води. Така се создава еден надреалистички пејсаж од многу симболи за поимот создадена материја. Потоа следи отворено обраќање во второ лице кон Творецот, но интересно е што и тој конативен/вокативен чин на обраќање е претствн како слика што по својата едноставна искреност и заокруженост и крупна фигуралност, потсеќа на отвореноста и крупната едноставна фигуралност на Прерафаелитското анти-интелектуално сликарство:

  • Ти што од ѕвездена прав
    пресегнувајќи ја раката низ облаците
    по ликот свој си го нацртал лицето мое
    прими ме кога ќе ти затропам на тешката врата
    твојата љубов блеска и согорува како атомска бомба
    твојата љубов е како радијација
    што ги топи ледените плочи на светот
    зошто неговите тупаници од студено железо
    сал се закануваат сал пафтаат во воздухот
    сал бараат простор во просторот сал повисоки неба
    во контрастот – совршен облик
    во лицето човечко – гола безживотна земја.
  • Мислам дека оваа, визуелна сликарска претстава за создавањето на светот е многу видлива. Во оваа строфа интересна е споредбата на силната божја творечка љубов со силината на атомската бомба и моќта на радијација што е типичнен речник на 21-от век. Очигледно е дека тоа е една градивна радијација која кога човекот духовно ќе ја сети може да го разгради стариот и од него да создаде нов човек. Но таа создадена ствар – светот – како никогаш да не е задоволен, вели песната, зашто нејзините „ледени плочи“ и „тупаници од студено железо“ како ништо да не може да ги стопи, односно нивното незадоволство е барање на прстор во просторот. Песната завршува со молитва да се влезе во домот свој, односно да се биде со Бог, надградувајќи ги претходните метфори и споредби со нови:

  • Затоа пушти ме кога ќе ти затропам на тешката врата
    светот рие со копитата ринта и збивта низ ноздрвите
    како разуздан коњ што сал би јавал би јавал деноноќно.
    Затоа прими ме кога вака милно те молам
    зошто домот мој е вечното гледање во тебе
    подигни го резето не свртувај го погледот
    и пушти ме пушти ме кога ти велам.
  • Тука морам да го издвојам прекрасниот стих „зошто домот мој е вечното гледање во тебе“ со кој
    поетот ја изразува онаа вечна среќа на еден Христијанин, блажениот и посакуван домострој.

    Анализирајќи ги вака нараснатите метафори, споредби и други тропи во оваа поезија, стигнуваме до некакво објаснение за видливото отсутвото на инерпункција (освен понекој прашалник на крајот од стихот) при редење на тие споредбите во стиховите, за паратаксата на реториката и стилистиката на ова поезија. Моето слободно толкување е дека при помислата на Бог и при обраќање кон него директно или индиректно во стиховите, поетот како да се соочува со многу „затрчани“ слики во свеста при обидот да го изрази својот молитвен, славенички или љубовен однос како поет-верник. Кај овој поет има многу песни кои говорат токму за тој наплив на слики и симболични пејсажи кои го гледаат Создателот во сè и надвор од сè (од создадената материја) што е еден своевиден пан-ен-теистички однос. Во таквиот наплив, поетиот како да не сака да го прекине тој спонтан чин со интерпункција и создава уметнички привид дека песната е запишана спонтано како што надошла.
    И на крајот на ова мое кусо минување низ поезијата на Пантелеј Кондратјук, еве една песна повторно со маринска реторика, „Стих или два колку за крај“, каде „коработ“ пораснува во метафора за поетот и за неговата душа и битие, кој моли да не биде повторно потопен и урнат „на дно на непријателски архипелази“. Но бидејки овој кораб-душа е лесно потоплив, како што вели авторот, ако мора нека биде потопен во некој залив-смирение. Тоа е потрга на поетот-творец по духовен креативен пристан, зашто „бесловесната длаболична“ на морето (создадената ствар) како што ја нарекува поетот, е како положување во гроб од студени води. Ова песна-алегорија почнува молитвено:

  • Не го потопувајте мојот кораб.
    Ве молaм. Го извлеков од дното
    на непријателските архипелази.

    Мојот кораб е лесно потоплив.
    Впловете го на рабовите од некој залив
    понастрана од метежните пристаништа.
    Не го потопувајте мојот кораб.
    Го извлеков на површината
    со овие куси нишки тетивите мои
    го затегнав кормилото што чкрипи
    и го довлечкав на брегот.

    Доколку сепак го потопите
    мојот кораб со гнили штици
    ќе ме повлече на дното
    ќе ме впие во себе
    во својата бессловесна длабочина
    како вкаменет гроб во длабоки студени води
    вистинска љубов што посакува да остане простум
    засекогаш засекогаш…

  • За мене тука особено се интересни и во јазична и идејна смисла, последните два стиха на оваа последна песна во збирката: „вистинска љубов што посакува да остане простум / засекогаш засекогаш…“. Ако етимолошки го проследиме зборот „простум“ „да се остане простум“, гледаме дека во коренот на зборот се значењата: „просто“/„едноставно“, „прости“/„да се простува“. Па оттаму, да се стои простум исправено значи да се живее стоечки/стоички, но и едноставно и просто за да се остане во „вистинската љубов“, во тој посакуван залив-смирение што е можно само преку христијанското просто простување. Еве што вели за ова Епископ Стобиски Давид во еден напис во списанието „Успение“ од април 2009:

    Во грчкиот јазик значењето на зборот „прости“ (συγχωρεῖτε), произлегува од глаголот συγχωρῶ – (ᾶω). Во архаичниот елински јазик првото значење на овој глагол е: да се оди заедно, а следните се: да прифатам, да придобијам, да го примам другиот во мојот простор, да се сложам; во новозаветниот јазик значењето ќе биде: да се ослободи некој од неговите гревови. Воопшто, пак, во сите индоевропски јазици во кои спаѓа, се разбира, и црковнословенскиот, се среќава префиксот pro* со значење: пред, и лексемскиот минимум sto* со значење: стојам. Оттука, нашето: „прости“ ќе значи: исправи ме пред тебе, да претстојам, направи ме да станам свесен за гревот, после што следува смирувањето. Во храмот, за време на читањето на Евангелието се стои простум, односно не се седи, но се стои исправен (електронски извор).

    Иако одбирот на зборови во поезијата најчесто се случува интуитивно во моментот на творечкиот чин, иако потоа се корегира свесно, сепак да се потсетиме тука на она што го вели филозофот Мартин Хајдегер за поетите и поезијата дека единствено тие умеат да ја именуваат крајната неименливоста на Битието и да ја дофатат недофатноста и конечно таинството на Битието.

    Библиографија

    Епископ Стобиски и Местобљустител Струмички Давид. „Простување во светлината на
    воскресението“. Успение. Коливарт. Април 2009. Страницата посетена на 25.06.2016. http://uspenie.kolivart.com/statii_besedi/163.

    Кондратјук, Пантелеј. Леснo како дишење. Скопје: сопствено издание, 2011.