МЕСЕЧИНА, ВОДА, НЕБО

Митко Апостолов многу набрзина некако ни влезе во животите. Се појави на едни мартовски Астални, го качија на сцена поамбициозните од него, го натераа насила да прочита нешто, или барем мене ми изгледаше дека насила го тераат чоекот. Потоа ни читаше на следните Астални, ги отвори, па на следните ние ја прочитавме неговата „Далеку сме од коските на револуционерите“, посветена на Александар. Се погоди тоа да биде 5 мај 2015. Морници нѐ лазеа од песната, а примерокот со вордопис како исчукан на машина си го чувам за спомен меѓу другите хартии од вредност што ни имаат останато од Асталните.

Во јуни годинава на Рацинови ја доби наградата „Антологија на болката“ за својата прва книга поезија, „Тело одречено од пливање“.

Пробувам да си го пресоздадам светот што го создава Митко (за луѓето одеснафот: лирскиот субјект) во „Тело одречено од пливање“, затоа што имам чувство дека сум влегол во некое големо насликано платно. Поезијата е ноќна, лунарна, сонувана, самовилска и, башка, љубовна. Во голема мера е љубовна. Месечината е насекаде низ песните. Градена е низ универзални слики, излегува од историографското време, излегува од градот, постои некаде во некоја маѓепсана шума од костени, со многу вода и со многу небо во себе. Тоа се трите слики што најмногу се повторуваат: месечина, вода, небо.

А колку моќни слики знае да наслика Митко и со каква леснотија си игра со метафорите. Уф! Знае да отепа со убавина. Малку по малку ја читав книгата, оти толку ми беше доволно. Мали дози во неколку наврати, па потоа со ред и отпочеток за да се влезе целосно во светот.

Се заигрува Митко и со формите на зборовите, си игра со звукот („Дува во саваните,/ шаманите се состануваат/ за прв и последен пат“), со значењето („…бравите погрешно заклучија дека ни е/ потребна тишина“), и со едното и со другото („Ја губев икрата и ја кубев играта“). Потсеќа некаде на Петре, некаде на Радован, некаде на Никола Маџиров, но не сум сигурен дека е влијанието директно, повеќе ми личи дека несвесно ги впивал информациите.

Тоа е најубавото нешто во оваа поезија: чувството дека тој што пишува не е свесен колку убаво пишува, не манипулира со техниките, туку само пренесува. Ретки се ваквите чисти таленти ослободени од амбиција. Барем во нашата книжевна генерација се ретки. И кога велам талент, не мислам само на пишувањето, туку на целата појава, на сѐ што лебди околу поезијата на Митко Апостолов, на сѐ што не е влезено во рамката и што само може да се насети. Мислам и на неговата поставеност во однос кон она што го пишува, мислам на тоа дека мораше други луѓе да му се качат на глава за да го натераат да се појави на светлина.

Во текстов само пробувам да ја пренесам радоста што ја доживував додека читав книгата. Ми беше убаво што некој така пишува, што некој во себе има толку живописен свет и што умее да го пренесе вокод што другите ќе го разберат.

Во овие текстови пишувам за книги што сакам да излезат на површина затоа што се убави, сакам на нив да фрлам светло, наместо на оние што не чинат или се нашле на некое незаслужено почесно место, а за оваа книга можам со леснотија да зборувам убавини и да се воодушевувам.