„КОЛИБАТА“ ТРЕБА ДА СЕ РЕНОВИРА

Филмот „Колибата“ моментално ги полни кино-салите во светот. Со буџет од 20 милиони долари и заработка од скоро 100 милиони долари, овој филм со христијанска предлошка воопшто не комуницира со нехристијанска и нерелигиозна публика. Ограничен на строго херметична реципиентска целна група, со долготрајност од дури 2 часа и 15 минути, многу критичари го доживуваат гледањето на овој филм како „присилно одење во црква“ – Питер Хартлауб (Peter Hartlaub) од „Д Сан Франциско кроникл (“The San Francisco Chronicle”) – како измачувачко-казнувачко искуство, но и како „давење во банални прирачници за самопомош“– Џастин Ченг (Justin Chang) од Ел-еј тајмс (“L.A. Times”) . Навистина, филмот е непотребно и повторувачки долг, со краен ефект на малтретирање и играње со трпението на публиката. Адам Греам (Adam Graham) од „Д Детроит њуз паблишд“ (“The Detroit News Published”) го чувствува како „предолга црковна проповед“ . „Саут Чајна морнинг поуст“ (“South China Morning Post”) ќе забележи дека „недостатоците на филмот се зголемуваат на големото платно“ и предлага дека, можеби, некако, ублажено, подобар би бил доколку би се прикажувал на „кабелска ТВ“ . Меѓутоа, и покрај актерската екипа со двојно искуство – и на ТВ-филм и на кино-филм (имено, австралискиот актер во главната улога, Сем Вортингтон (Sam Worthington), наградуваната американска актерка Октавија Спенсер (Octavia Spencer) во улогата на Бог, етаблираниот канадски актер Греам Грин (Graham Greene) и израелскиот актер Аврахам Авив Алуш (Avraham Aviv Alush) – првиот Израелец кој го игра Исус во филм од англиско говорно подрачје) – филмот е толку филмски нефункционален, што актерската екипа може многу малку да допринесе да го подобри.

Навистина филмот има многу недостатоци. Всушност, не ни функционира како филм. Премногу често наидуваме на бизарности, неумесни обиди за хумор и шеги кои потфрлаат во својата основна функција – да насмеат, на реалност и надреалност измешани во безредие и неумесност, а згора на тоа ниту еден од ликовите нема длабочина. Мора да се спомене и ликот на кантри пејачот Тим Мекгроу (Tim McGraw), Вили, пријатниот сосед и верниот пријател на протагонистот, кој во филмот ја има и улогата на сезнаечки наратор. Веќе се насетува проблемот и недоследностите со правилата на теоријата на наративот. При тоа останува нејасно дали соседот Вили е отелотворение на некој библиски лик, на пример, или слично. Џастин Ченг на филмот му ги лепи придавките – кич и ексцентиричен, но ова второто никако не треба да се сфати во позитивна смисла.

Интересно е што на режисерот Стјуард Хазелдин (Stuart Hazeldine) „Колибата“ не му е прв филм со верско-религиска тематика. Всушност, тој е и режисер и сценарист на два други филма со христијанско-библиска предлошка, а покрај тоа е и потписник на филмските адаптации на Милтоновиот еп „Изгубениот рај“ и житието за Мојсеј. Конкретно за филмот за кој говориме, стојат тројца потписници на сценариото адаптирано од книга: Џон Фуско (John Fusco), Ендру Ланам (Andrew Lanham) и Дестин Кретон (Destin Cretton). Тројца потписници стојат и како автори на истоимената книга од 2007 годна по која е правено сценариото: Вилијам Пол Јанг (William Paul Young), Вејн Џејкобсен (Wayne Jacobsen) и Бред Камингс (Brad Cummings). Нивното самоиздание неочекувано станува бестселер, но истоимениот филм кој го следи романот само укажува на јазот помеѓу двете уметности, поточно посочува на изгубеното при преводот од еден медиум во друг. Можеби функционално во прозата, но во филмскиот медиум наративот (треба да) е сосема поинаков. Филозофски надмудрувања, дидактички фразирања и интимистички монолошки интроспекции се одлики на прозниот наратив. Филмскиот наратив е визуелен, а во „Колибата“ фотографијата не успеа да го следи вербалниот наратив на репликите. Пресилни бои и кадри што не можат да „дишат“ е сигурно она што го потсетило филмскиот критичар Ченг на кич. Гледајќи го филмот, сè нешто ко да виси во воздух, сè нешто ко да е недокажано, но не мистично, туку недоследно. На почетокот филмот има сериозен проблем со буквален пресек. Имено, сè до моментот кога навлегува во бајковит надреализам, филмскиот наратив го следи шаблонот на холивудските трилери и семејни драми. Меѓутоа, по наглиот пресек, филмот просто како да излетува од автопат во провалија! Потоа веќе ништо нема смисла! Филмот заличува на религиско-ритуален халуционен транс во кој верникот се бори со своите гревови вкоренети длабоко во потсвеста. А сите знаеме дека од потсвеста е истиснат разумот.

Во суштина, филмот не е догматско-филозофско дело за истрајноста и пребродувањето на животните трауми и таги преку помирувањето и простувањето, туку е многу површно дело за средбата на еден смртник со Бога. Во тој дел режисерот има многу куриозитетен пристап – Бог го претставува како рас-тројство на светото тројство на: младич – Исус (Аврахам Авив Алуш), девојка – светиот дух (јапонската актерка, пејачка и моделка Сумира – Sumire) и господ во облик на црна жена – Октавија Спенсер. Понатаму, кога главниот лик ќе се помири со пркосот кон доминантната и физички посилна машка фигура, ова свето тројство ќе се вплоти во една личност – мажот Господ (Греам Грин). „Саут Чајна морнинг поуст“ на ова ќе искоментира дека: „христијанскиот Бог ретко е отелотворено претставен на филм, а „Колибата“ претставува добар пример зошто е тоа така“ . Оти, како што со право наведува Ченг од Ел-еј тајмс, алузијата повеќе е кон трите духа на минатото, сегашноста и иднината од „Божиќната приказна“ (“A Christmas Carol”) на Дикенс, отколку на какво било отелотворување и оликување на некое свето име.

Сепак, независно од (контраверзното) претставување(то) на Бога, филмот е предмет на многу реакции од самите христијански верски заедници. Некои го поддржуваат, други го обвинуваат за богохулење, но и покрај сè „Колибата“ останува вбројуван меѓу современите дела со слична тематска предлошка, меѓу кои „Ноа“ (“Noah”) на Дарен Аронофски (Darren Aronofsky) од 2014 година, „Животот на Пи“ (“Life of Pi”) на Енг Ли (Ang Lee) од 2012 година и „Дрвото на животот“ (“The Tree of Life”) на Теренс Малик (Terrence Malick) од 2011 година.

За крај, колку и да имаме негативно да збориме за филмот, сепак ќе завршиме со една позитивна страна. Имено, саундтракот на филмот прилично успешно котира на топ-листите. Комбинација од кантри музика и современа црковна музика, саундтракот потпишан од Арон Зигман (Aaron Zigman) претставува ретка пријатност при гледањето на филмот. Просто се чини, покрај актерите и актерките (но не и кастингот!), дека потписникот на музиката на „Колибата“ е единствениот вистински човек поставен на вистинско место кој му ја дава најсветлата точка на делото.

Консултирани електронски единици

__________ . John Fusco.
https://en.wikipedia.org/wiki/John_Fusco
(пристапено на 6. јуни 2017)

__________ . Movie Review: “The Shack”needed serious renovation.
Movie Review: “The Shack”needed serious renovation
(пристапено на 6. јуни 2017)

__________ . The Shack.
https://en.wikipedia.org/wiki/The_Shack_(2017_film)
(пристапено на 6. јуни 2017)

Ashton, Will. The Shack Review.

The Shack Review


(пристапено на 6. јуни 2017)

Chang, Justin. A father has a personal encounter with God in the eccentric, kitschy ‘The Shack’.
http://www.latimes.com/entertainment/movies/la-et-mn-shack-review-20170302-story.html
(пристапено на 6. јуни 2017)

Douglas, Edward. ‘The Shack’ fumbles a worthy message: movie review.
http://www.nydailynews.com/entertainment/movies/shack-fumbles-worthy-message-movie-review-article-1.2985927
(пристапено на 6. јуни 2017)

Genzlinger, Neil. Review: A Crisis of Faith and a Trip to God’s B&B in ‘The Shack’.

(пристапено на 6. јуни 2017)

Gleiberman, Owen. Film Review: ‘The Shack’.
Film Review: ‘The Shack’
(пристапено на 6. јуни 2017)

Graham, Adam. Review: Grieving father visits God in shoddy ‘Shack’.
http://www.detroitnews.com/story/entertainment/movies/2017/03/02/movie-review-grieving-father-visits-god-shoddy-shack/98667000/
(пристапено на 6. јуни 2017)

Hartlaub, Peter. Spiritual ‘Shack’ a poor film with a strong message.
http://www.sfgate.com/movies/article/Spiritual-Shack-a-poor-film-with-a-strong-10972526.php
(пристапено на 6. јуни 2017)

Havis, Richard James. Film review: The Shack – Octavia Spencer plays God in bland faith-based drama.
http://www.scmp.com/culture/film-tv/article/2088187/film-review-shack-octavia-spencer-plays-god-bland-faith-based-drama
(пристапено на 6. јуни 2017)

Jonsson,Grant. Movie Review: The Shack. https://www.theyoungfolks.com/review/98887/film-review-the-shack/
(пристапено на 6. јуни 2017)

Laffly, Tomris. The Shack.
https://www.timeout.com/us/film/the-shack
(пристапено на 6. јуни 2017)

Laskaris, Kathryn. Reel Brief: Mini reviews of Before I Fall, Saigon Bodyguards, The Shack, Table 19, Ballerina.
https://www.thestar.com/entertainment/movies/2017/03/02/reel-brief-mini-reviews-of-before-i-fall-saigon-bodyguards-the-shack-table-19-ballerina.html
(пристапено на 6. јуни 2017)

Lui, John. Carrie Philby and The Shack: Stories best left to the books.
http://www.straitstimes.com/lifestyle/entertainment/best-left-to-the-books
(пристапено на 6. јуни 2017)

Nashawaty, Chris. The Shack: EW review.
‘The Shack’: EW review
(пристапено на 6. јуни 2017)

Roeper, Richard. ‘The Shack’: Christian novel adaptation works in tedious ways.
http://chicago.suntimes.com/entertainment/the-shack-christian-novel-adaptation-works-in-tedious-ways/
(пристапено на 6. јуни 2017)

Semley, John. The Shack: A cheap, unchallenging view of faith and devotion.
https://www.theglobeandmail.com/arts/film/film-reviews/the-shack-a-cheap-unchallenging-view-of-faith-and-devotion/article34188539/
(пристапено на 6. јуни 2017)

Terry, Josh. Faith-based ‘The Shack’ is a thought-provoking but flawed book-to-film effort.
http://www.deseretnews.com/article/865674708/Faith-based-The-Shack-is-a-thought-provoking-but-flawed-book-to-film-effort.html
(пристапено на 6. јуни 2017)

Wakeman, Gregory. The Shack: Movie Review. http://www.cinemablend.com/reviews/1631579/the-shack
(пристапено на 6. јуни 2017)

Walsh, Katie. ‘The Shack’ review: Grieving man embarks on spiritual quest.
http://www.chicagotribune.com/entertainment/movies/sc-shack-mov-rev-0301-20170303-story.html
(пристапено на 6. јуни 2017)