ЕЦИ-ЕПИ-ПЕЦ или ЕПП за ЕПИСТОРИЕ И ЕПИСТОРИЈА

  • Писмо од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
  • АуЧ! Штотуку ме касна еден проклет комарец. Да, точно додека го пишувам писмово со лаптопов в скут. Не успеав да го залепам на мониторот. Комарецот. Писмото мислев да го залепам со поштенска марка и да го пратам по пошта, но среќата на оваа жанровска определба денес за разлика од нејзините претходници е што можам да ви го пуштам на мејл …и само побрзо да зажалам што сум го испратила недоречено. А може ли во писмо да се каже сè?! Тогаш ќе се вика некако поинаку – епистоларен роман, на пример. И проклетиот показалец ми е во ханзапласт, ќе ми треба повеќе време од досегашното да изблујам нешто демек приближно добро колку што е добар овој роман. Не научив да куцам со ножните палци. Ќе го крстев – писмо од нога и ќе ви речев, еве, Дракче и Лукче, ви пишав едно писмо од нога… Ова сега го пишувам од состојба на чешање и ќе го крстам: Пис комарецу – пиз-да-ти… ме искаса безброј пати.
    Сакав нешто многу попаметно да ви кажам ама другата рака не партиципира во пишувањето бидејќи е зафатена со чешање на листот од книгата… овај, од ногата…

    Еххх, да ви ги имам годините …и еланот, и да ви го немам третиот лик во романот, ко што го немате ни вие. Ме воодушевивте. Еписторие и Еписторија, вие сте вистински – епигони! А Лукашу, ти лукав Лукашенко, дали надимакот ти е навистина кратенка од Лукавиот? Оти ние те мислиме сликар, а ти и музичар, па и писател. И тоа со истите муда како и во цртежот и во компонирањето. Драгана, бре, те мислам поетеса, а ти раскажувачка – par excellence. Е па изввинете, ама не сте за верување. За обожување сте, оти двајцата сте ми како јин-јанг спрега, како овчичката и волкот што ја чека во заседа, како планктонот и китот што му иде во пресрет, како кокиче сред лето, како шумска јаготка среде зима….
    …И не е преголема метафората ако кажам дека Драгана и Лукаш се Иљф и Петров на новото време.
    Е добро де, и да е преголема. Кој разбра – разбра. Кој не, репете – во второто продолжение.
    Писатели, Ви посакувам да ги достигнете славата на Толстој и парите на Ден Браун.

    Искрено ваша до коска – МарКОСКА,