Драги Лукаш и Драгана

  • Писмо од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
  • Драги Лукаш и Драгана,

    се решив да ви напишам писмо бидејќи не знам да пишувам кујнски рецепти. А баш добро ќе дојдеше да пробам некоја незборовна торта или некнижевна манџа од ваши раце.
    Многумина нè прашуваат зошто сме ја објавиле во АНТОЛОГ токму вашата книга Се гледаме наскоро. Е. а не Во потрага по загубеното време на Марсел Пруст или Одисеја на Хомер.
    Знаете колку е тешко да се задоволат апетитите на манаџиите, но јас ќе се обидам да одговорам колку што можам поискрено.
    Кога првпат ја прочитав вашата книга како на читател ми дојде како кец у кец,
    како кец на десетка,
    како десетка со кромид,
    како млад кромид и лук во чаша вода што долго остануваат свежи,
    како чаша вино што вечно останува младо на работната маса на поетот,
    како поетска фигура,
    како figurae veneris,
    како љубовна поза на машина за шиење и чадор на операциона маса,
    како шведска маса што не ја поставил Шкот, или Евреин,
    како американски Евреин со локни под шеширот и куферче полно дијаманти,
    како куфер што се загубил на погрешна ајродромска лента,
    како авион што треба принудно да се спушти во џунгла,
    како џунгла во соба,
    како соба со поглед,
    како соба со поглед на море, што секако е подобро од соба што нема поглед на море,
    како Океан море,
    како одамна потонат брод извлечен од дното на океанот,
    како милиброд,
    како мили ванили,
    како ванилин шеќер,
    како шеќерна волна,
    како волнена блуза и безволна одлука,
    како полноќен блуз и пропуштен воз,
    како воз на кој не му работат кочниците,
    како кочници на кој не им работи возот,
    како работа што треба да се направи утре а се прави во сабота,
    и како среда во која треба да се зборува за книга што може да се чита секој ден, освен од понеделник до петок и за викенди.
    Ако и после ова има скептичари кои ги нервира оваа наша издавачка постапка, слободно може да ми пишат писмо, белефче, реферат, трактат или уште подобро да ми пратат кујнски рецепт.
    А вас ич да не ви чуе туку и понатаму да ни готвите вакви и слично зборовни манџи и книжевни торти.
    До читање, па се надевам се гледаме наскоро!

    Ваш,
    Жарко К.