Фотографија 12

САМО ЧОВЕК

Минува уште една ноќ
а јас чекам
да ме погледнат тие очи
од кои ми изгрева
сонце во душата
како никогаш до сега.
И многу чаши со вино
се тивко испиени
како утеха за срцево
кое застана откако
го погледна ти.
Небаре сопре времето
ми ги закочи годините
и како тивка вода
ги однесе далеку
низ некој простор без
ориентација.

Сега останав да сум само човек.
Без часовник на раката
без страв во душата
без одговор на нештата.
Немам време да мислам на друга жена.
Немам страв да ти покажам
дека те сакам пред кого било.
Но, немам ни одговор да кажам зошто те сакам.

ФОТОГРАФИЈА 12

Решив да си подготвам чај.
Ставив вода,
а во неа
едно гранче среќа,
едно ливче радост
и едно зрнце љубов.
Ја зедов тегличката
да ставам малку шеќер
но по грешка тоа било сол.
Не знаев, си притурав..
Кога се напив
сфатив дека овој чај
се вика живот.

ТОА Е ЉУБОВТА

Топли чувства
во студена есен.

Како капка мед
ставена на усни
студени, испукани,
суви.
Како врела голтка чај
што низ ладно тело
поминува.
Како едно црвено лале
помеѓу илјадници бели
што си стои.

Топли чувства
во студена есен.

Како малечко меурче
исполнето
со многу радост
што низ ладниот ден
си лебди.
Како пожолтено
ливче костеново
растреперено од ветерот
што низ самотијата краси.
Како… сон на малечко дете
за прегратка топла
меѓу непознати што бара.

Топли чувства
во студена есен
Слика душата моја.