Виљево

Нема крај. (оштетени се 24 см) никогаш не завршува… порано тоа беше свето писмо, а се чини дека и (оштетени се 8 см) круг, без почеток, и нема краеви. (тишина 58 секунди) Кога ќе помислам на тој синџир во кој се наоѓавме… од кој се откинавме, ако воопшто сме се откинале (шумови 3 секунди) жива глава… кога го замислувам… да речеме, како линија, капка крв се тркала кон иднината и остава трага зад себе… (неразбирливо) некој држи за рака, цврсто, во хематологија, и не сум сосем сигурна каде ми е другата рака, слободна или (шумови 2 секунди) зад Елиза… но другата рака на таа поранешна жена, чиешто лице не го гледам, сигурно е врзана за некоја уште попоранешна рака, а другата (оштетени се 4 см) за уште подамнешна: едната ја држи другата за рака, другата ја држи третата, низата се развлекува далеку наназад… небаре не е правецот на времето, поворка на мртвите поколенија… на поранешните животи… туку протегање на едно ткиво, столб од клетки на исто растение, можеби стебленце на некое цвеќе… кога би ги затворила очите, на пример… од врвот би се отворил поглед… (тишина 5 секунди)… од ливчето што се појавило доцна, на крајот, од работ веќе не се гледа земјата, односно лицето на таа некоја древна (пречки 4 секунди) ако една жена го отворила кругот… само оваа милениумска линија, поточно нејзиното стрмоглавување, недогледна крива, како да тоне во облаците, иако не мора да значи тоа… не мора да значи дека нашиот крах навистина ја прекинал таа низа, можеби во сето тоа нема никаква длабочина, оние облаци што ја голтаат таа стрмнина повеќе потсетуваат на површина на вода или нешто слично, на течна маса во која не можеме да продреме ниту да потонеме, очигледно, сме преживеале, а струјата нè носи, за волја на вистината, во некоја сосем нејасна насока, само обезглавен цвет, можеби само едно мртво ливче или честичка полен: тоа сме ние двете. (тишина 7 секунди) Ништо повеќе… Ништо посебно. Сето она претходно беше сосем (неразбирливо) нашиот најважен круг, извор на случувањата на кој лежи најголемиот товар, сега тоа ми е јасно, фала му на бога, колку бевме кусогледи, верувавме дека ние двете сме последни, ние можевме да бидеме омега подеднакво колку што Петар можеше да биде алфа: целиот круг беше само една алка, а од средината на синџирот не се гледаат краевите, така велеше и Герда, во помалку типичните мигови, всушност, првото и последното немаат врска со времето, тоа е она што се наоѓа надвор од низата… а таа среќна околност дека хаосот конечно се исцрпел и се откажал, како што се чини, барем во овој циклус, во рундата што ги засегаше нашите животи, не значи дека воедно дошол и крајот на светот и на времето, само значи дека веројатно веќе никој не нè бара, никој не сака да нè убие… или барем веќе не може да нè дофати… значи, ако сега сме на дното од онаа трага од капката крв или сме на врвот од семејниот цвет, како полен, прашинка, што и да е, сè би можело да нè оддува, но тоа веќе никого не го интересира: може да изумреме, може да продолжиме да растеме и да се оплодуваме, но тоа веќе никој нема да го види… иако, ако се размисли малку посериозно, целата приказна за тоа како сме хоризонтално во хематологијата, а некои други уште подалеку, и како ниедна од нас не може да се врати назад ниту да скокне напред од местото во кое е вткаена, сето тоа воопшто нема смисла ако вреди она што толку се повторуваше пред катастрофата, големото е во малото, патот нагоре и надолу е ист, целината е во фрагментот (неразбирливо) фрактално евангелие… но Елиза никогаш не се мачеше со тие проблеми… за неа сепак веројатно бевме само медицински сестри, итна служба што собира дезориентирани раненици по боиштето… не знам дали некогаш видела нешто (пречки 5 секунди) или само политичката мобилизација, иако таа сигурно не би рекла дека тоа е политика, бевме премалку во кругот… не се сеќавам… веројатно мислела оти не сум способна за разговор во врска со тоа… ме боли стомакот кога се присетувам на сето тоа… но денеска можеби ме боли и поради сливите, малку претерав со нив… веројатно не се уште зрели… полна сум со вода… (тишина 4 секунди)… нешто се придвижи… како живи суштества, црпат сокови (неразбирливо) го хранам детето, несвесно, против своја волја… впрочем, тоа се глупости, не знам од каде јас би можела да знам што е тоа дете и како се чувствува една трудница… (тишина 9 секунди)… можеби би ми било полесно да седнам… но вака е поудобно, овде е толку убаво… најубавата покривка што ја имаме, барем меѓу овие што смеат да лежат на трева… и ваков поглед… само небо… ги сакам ваквите попладниња, два-три облака, како памук или перо, нешто се лелее при издишувањето (шумови 7 секунди) дишење на летото… жешко е, многу е жешко… и толку тивко, ништо не се случува освен тие движења на ветрот, доаѓаат и заминуваат, и евентуално (пречки 12 секунди) топлите раце… се отвора некаква врата, поглед во друг простор, нешто невидливо од оваа чаура… еве го, еве го пак… ова се крошни, златно-зелена (неразбирливо) дамка, кога вака ќе го свртам вратот, како рамка… сонцето шара по нив, извлекува наместа понекоја точка, виолетова или жолта… и потоа ми доаѓа тој впечаток, гледам низ таа врата, како телото да поминува низ неа… а одзади е целиот свет или барем цела Славонија… можам да замислам каде бил пред моите образи, пред да влезе под кошулата: сите крошни во шумата, дабови и грмушки, детелината и дивиот афион, ливадите полни со глуварчиња, сивите и проѕирни глави, а пред тоа полиња, жито, чешлање на класовите, собирање на прашината и на правта, како честичка злато… а уште претходно над коритото на Драва, како на забавена снимка, лизгалиште (шумови 2 секунди) темнозелена кора… а уште претходно?… па, веројатно беше таму, на почетокот, во Осиек, на покривите, на улиците, на плоштадите… (тишина 20 секунди)… добро е, сега е подобро, малку попушти… понекогаш ми се чини дека воопшто немам тежина кога сум вака легната на покривката… но не се плашам дека ќе одлетам, попрво би рекла дека ќе потонам вземи… ме држи само оваа мрежа… сино и црвено, црвено и сино… ако не ја кренам главата, изгледа како да нема рабови, едноставно се протега понатаму, во карираната природа, таму долу: патеки и стебла, правилни низи, тоа е всушност чиста геометрија, само е препишана во органски материјал, и сите тие кругови и линии, кога ги гледам вака, од висина, изгледаат еднакво апстрактно како примерок од волница… овде сè е толку уредно… всушност, тешко е да се поверува дека ова се приватни овоштарници, иако не може да бидат ништо друго, сè е премногу тесно за да биде индустриско одгледување… сепак… тие симетрични парцели, квадрати со култури, совршениот распоред на овоштарниците и на гредите, рамните патеки, сето тоа под доброизмерени агли, секогаш 45º или 90º… врска немам колкаво влијание на овоштарниците би можела да има Елиза, а колку е тоа сплет од климатските услови, генијалноста на поранешните сопственици, којзнае што уште, влијанието на ѕвездите или телурските струи, очигледно тие овде предизвикуваат и некои многу чудни работи… кога дојдовме, сè изгледаше запуштено, овоштарниците и нивите, но само незначително, небаре жителите исчезнале пред само неколку недели, но тоа беше невозможно, куќата изгледаше страшно, како да е празна десет години.. а по гранките висеше овошје, преубаво и јадливо… добро се сеќавам на тоа, газевме по гнилите плодови во тревата, ги киневме зрелите овошки од гранките, јадевме без размислување, без никаков страв од труење, бидејќи претходно со денови живеевме од вода и лисје, веќе губевме свест од изнемоштеност… овоштарниците во суштина нè чекаа тука, целосно уредени, а Елиза само ја искористи можноста, откако исчистивме и средивме сè, и си ја припиша заслугата за сите тие необјасниви приноси и за фактот дека сега сме спасени од глад, како што се чини, засекогаш… (тишина 13 секунди)… еве го, одново почнува… но нешто е инакво… можеби веќе (шумови 6 секунди) сите небесни тела (неразбирливо) плодовите во крошните, иако денеска Месечината е во погрешна фаза, едвај се гледа, но најмногу ја сакам ваква, или првата четвртина, иако можеби е поубава ваква, како камен срп… односно, тоа е… адулар, ако добро се сеќавам… во самракот ќе… (пречки 9 секунди) би заѕвонил да ја удрам… нејзиното влијание на сè што расте тука, минерално оружје… жал ми е што никогаш не учев биологија, веројатно не мислеа дека ќе биде важно, иако ова не спаѓа во таа област, ова попрво би било нешто како… астроагрономија, или така нешто… порано мислев оти сето тоа се бабини приказни, Герда особено беше алергична на суеверието, но… не знам… како во сето тоа да има математичка (шумови 4 секунди) ориентација, макар сè било произволно, како овде, на пример… каде сме всушност сега?… излегуваме од ноќната куќа, од Ракот… или веќе излеговме?… конечно… период на целосно слепило, очигледно, веќе тој знак, 69, изгледа како симбол за интроверзија, нешто склопчено, неразвиено, како зародиш или како две нижи битија што си ги гризат опашките… за волја на вистината, Ракот наводно претставува и растекување, solutio, и движење напред-назад, напред-назад, напред-назад, тоа има некаква врска со каноните, со полифонијата, совршено за Елиза… или можеби со онаа змија што веќе изгледа како затворен круг… всушност, не, тоа беше нешто друго, иако изгледа слично, но тоа е нешто сосем спротивно, мислам, нешто како длабока мудрост, неуништливост, вечно враќање, не се сеќавам, можеби токму нешто како големо во малото?… не сум веќе сигурна… но Ракот, тоа беше времето на Елиза, сосем сигурно, сите тие пресилни емоции, но внимателно проголтани, заклучени во оној пренадуен граден кош и потоа претворени во (неразбирливо) ќе тепа сè околу себе… (тишина 8 секунди)… кој ѝ е виновен… мислам дека попрво би се убила одошто да живеам така… но ете, тоа е што е, таму сме каде што сме… синастрички судир… и нема никој да ни помогне, да ја олесни напнатоста, сега е доцна… значи, каде застанав, од оклопот на Ракот, од водата… во отворањето, во огнот, во лавјото ждрело… време на разрешување… но на што?… овде не се случува ништо, со години ништо не ни се случило… впрочем, таквото мерење на времето навистина стана бесмислено, уште одамна… да не беше Елиза со своите пресметки, немаше да се знае кој ден е… односно, можеби подобро е да се каже оти само уште Елиза се преправа дека денеска е, да речеме, среда или петок, а во суштина деновите веќе немаат називи, одбројувањето со кое сме родени престана или исчезна некаде, можеби поради катастрофата, можеби по неа, додека никој не внимаваше, па сите тие датуми до кои Елиза уште се придржува некој може да ги толерира како обичаи или како забава, како нешто што го прават безделниците за да им помине времето, но никој веќе не може да ги земе како сигурен податок, како информација што вреди нешто надвор од (неразбирливо)… какво воопшто значење може да имаат деновите во неделата или датумите во месецот ако веќе не постојат годишни времиња?… зимата веќе не постои, едвај ги има оние лесни премини кон пролет и кон есен, иако веќе не знам кога е пролет и кога е есен, тоа се случува само ноќе, тие привремени заладувања, но веќе ја нема смртта на растенијата… постои уште само ова, вечното лето, еднолично и сосем неподвижно, како бескраен август, иако ни тој збор веќе нема смисла… вреди само да се гледа во ѕвездите, иако за тоа ни треба некоја поумна и пообразована жена, јас тука сигурно нема далеку да дотуркам… не верувам дека овие неколку книги ќе помогнат многу… а сите оние часови по астрономија во Осиек се и онака заборавени, ако воопшто некогаш и биле научени… но како да има нешто тука… нешто што чека да биде прочитано… другото од природата веќе не вели ништо, барем мене не, Елиза е нешто друго, таа не престанува со мерењата, иако ни таа во суштина не ја проучува природата, колку што можам да видам… небото, Месечевите мени, броењето и набројувањето ѕвезди, ништо друго… впрочем, нивните имиња не би ги менувала, тоа би било преглупаво, не им дадовме нови називи ни на деновите ни на месеците, а никогаш не било подобар момент за такво нешто, никој нема причина да се буни, кога воопшто би имало некој… сè се промени… но можеби токму затоа имињата на небото треба да останат исти… можеби некому на Земјата нешто му значело дали денеска е четврток или сабота, април или (пречки 8 секунди) светлата на небото и политичките системи, никому не би можело да му биде пресудно дали се вика α Алтаир или Фомалхаут… (тишина 9 секунди)… Ракот, само малку… Делта Рак, Гама Рак… β Cnc, таа е најсјајна, се сеќавам на тоа, Ал Тарф , некаде прочитав оти тоа на арапски значи крај, ама наводно тоа било грешка… што уште?… да, по ѓаволите, Јасли, како не се сетив првин на тоа… порано ме одушевуваа тие мрежички, пред сè Плејадите , а потоа и Јаслите, иако тоа веројатно воопшто не се исти работи, само мене ми изгледаа исто, како згуснати роеви, старото име на Јаслите било Кошница… мислам дека тоа се нарекува ѕвездено јато или грозд… или отворен збир или маглина, заборавив што е што… сето тоа звучи поубаво од М44, иако пред катастрофата обожаваа такви каталошки ознаки… не можеа да одолеат само со ρ, односно со нејзиниот планетарен систем, односно со нивниот, тоа беше бинарна ѕвезда… таму беше и 55 Рак Е, во неа се полагаа (пречки 15 секунди) Надземјите… или Тау Бутис , како нов Јупитер… всушност, тој е во егзалтација, токму сега, во овој миг, под Ракот… несфатливо… тоа е бесмислено, толку величествено тело, не е случајно прво, иако тоа е само топка од чисти гасови, барем колку што се сеќавам, или, не знам, можеби сепак има јадро, нешто карпесто, но минијатурно… па сепак, толкава моќ, како апсолутно (оштетени се 9 см) Терминус, чист гром, постојани бури, како циклон, Црвената дамка, поголема од Земјата, и така беснее со столетија, совршено… и сателитите, цело јато сателити, поголемо од сите други, Ганимед, Калиста, Јо, Европа, Амалтеја, не се сеќавам веќе, Ананка, Пасифаја… но Раковите и Јупитер… можеби тоа, всушност, би требало да биде иронично, поради нивната мегаломанија, на пример, јупитеровиот знак изгледа како 24, можеби поради 24-те часа, бидејќи на Раковите мораш да им се посветиш од утро до мрак, всушност, деноноќно, светот не им е доволен… сите тие Ракови често имаат големи планови и идеи, и секогаш ќе се струполат на туѓа глава за да ги остварат, организираат камарили што ќе ги следат, свити што ќе им се поклонуваат, работни групи што ќе го креваат скелето само за тие очајни, бедни личности да останат во исправена положба… поради таквите веројатно и (пречки 23 секунди) идеи на народот, потребата сите да се поврзуваат со сите во тие несфатливи групи и колективи, во меѓусебно зависни и сосем бескорисни мрежи… нешто слично веројатно лежеше и во основите на катастрофата… а сосем сигурно некаква ракова клика ја изродила идејата за кругот или барем таа нејзина диктаторска, пуританска страна, сето она што веќе немаше врска со зачувување на безбедноста, а уште помалку со вистинските жени во семејството… ама не е битно, навистина веќе не е битно… всушност, чудно е воопшто да се присетиш на тие денови… и некои луѓе… понекогаш ми се чинеше оти Елиза и Петар можеа да бидат во брак, само кога сите би се родиле во некое друго време, а јас можев да се преправам дека сум им ќерка и сè би било во ред или барем полесно одошто беше… всушност, кога ќе се сетам како сето тоа изгледаше пред крајот… можев да видам како блескаат молњи меѓу нивните глави… можеби сето тоа ќе пропаднеше и да живееја во некој сосем обичен век… едно време мислев дека тие двајцата не се разделиле само, дека таа можеби, така да се изразам, му помогнала да замине, можеби со некој тап предмет или нож, но тоа веројатно не било потребно… впрочем, мислам дека сè заврши кога Петар реши да го распуштиме кругот и секој да си тргне по својот пат, наводно поради тоа што сè стана премногу опасно, веќе не смеевме да се задржуваме на ниедно место ни два дена… тринаесет луѓе, сепак тоа е премногу упадливо, бевме сомнителни и пред катастрофата, а потоа (неразбирливо) се разделивме… Ако добро се сеќавам, Елиза дури потоа почна да зборува за чистотата на кругот и за женските линии, иако целата приказна веројатно настанала уште пред смртта на Наѓа, додека пред неа морав да ја нарекувам бабата Наѓа, а не Герда, хематолошките приоритети сè уште не ги беа замениле сите семејни врски, тоа беше пред првата лигатура… но потоа постепено започна… можеби дури првин со Наѓа, не сме Руси, добра стратегија, небаре некој би помислил дека тоа доаѓа од Надежда, а не од nagyi … и дури по заминувањето на Петар таа стана Елиза, каква што е сега, а за мене отсекогаш беше Бета…