ТАЈНАТА НА УБАВИНАТА НА АНИМАЦИЈАТА

Кон филмот Тајната на Келската книга (The Secret of Kells), 2009 година.

Анимираниот филм кој привлече највеќе внимание за 2009 година е Тајната на Келската книга на Том Мур и на Нора Туајомеј. Филмот претставува освежување во светот на анимацијата, но и навраќање кон старите добри аниматорски техники. Правен е во дведимензионална аниматорска техника и е рачно цртан, наместо компјутерски. Тај Бр (Ty Burr) од „Бостон Глоуб“ (“The Boston Globe”) го нарекува „рачно цртано изненадување“ со елементи на надреализам. Крис Ченг (Chris Chang) од „Филм комент“ (“Film Comment”) ќе каже за филмот дека е „цртана емоција во ретро стил која пружа задоволство за окото“ и „интересен и редок уметнички поджанр“. Всушност, филмската критика нема да ги штеди пофалните зборови кога говори за овој долгометражен анимиран филм. Лесли Фелперин (Leslie Felperin) од „Вајарити магазин“ (“Variety Magazine”) ќе напише дека филмот е „освежувачки поинаков“ и „ептен сочен за конзумирање“, а критиката од месечникот за научна фантастика „Старлог“ (“Starlog”) ќе го прогаси за „еден од најдобрите рачно цртани независни анимирани филмови на сите времиња“. Вреди да се споменат и епитетите „чудесно чуден“ на Џо Моргенстерн (Joe Morgenstern) од „Вол стрит џурнал“ (“The Wall Street Journal”), „скапоцен камен на анимацијата“ на Гери Томпсон (Gary Thompson) од „Филаделфија дејли њуз“ (“Philadelphia Daily News”), „визуелна гозба“ на Лу Луменик (Lou Lumenick) од „Њујорк пост“ (“The New York Post”), „заводлива калеидоскопска наслада за очите и душата“ на Мајкл Рехтшафен (Michael Rechtshaffen) од „Холивуд рипортер“ (“The Hollywood Reporter”)…

Навистина, анимацијата т.е. живоста на филмот е во полн цут. Филмот изобилува со бои, звуци, светлина и сè друго што е потребно филмот да „дише“! Рехтшафен одлично забележува кога вели дека филмскиот тим направил „визуелно вчудовидувачки анимиран пејсаж“ на кој како подлога му користеле оригиналните цртежи од Книгата на Келс (The Book of Kells). Критичарот Стивен Д. Грејданус (Steven D. Greydanus) прави паралела помеѓу цртежите од книгата и цртежите од филмот. Според него:

Раскошни облици, бескрајни јазли, спирали, плетенки, кругови, полукругови, правоаголници и шарени линии танцуваат и се веселат низ Тајната на Келската книга.

Култниот американски филмски критичар Роџер Еберт (Roger Ebert) го има истиот впечаток, но ќе додаде дека овој филм има „силни и сјајни бои“. Неоспорливо е дека ирскиот аниматор Том Мур имал јасна визија за одлуката да работи со техника подзаборавена во Холивуд.

Има многу што да се види во Тајната на Келската книга. Скоро секој кадар од овој седумдесет и петминутен анимиран филм е збиен со кружни и вкрстени форми и шари. Окото на гледачот/ката патува меѓу келтски крстови и шумски ледини, ги набљудува архитектонските шеми и ги впива прекрасните пејсажи. Човечките ликови се прикажани преку разни форми и бои. Некои се допадливи, некои страшни, некои заострени, некои заоблени. Дел од нив личат на роботи од научната фантастика, а други изгледаат како самовили од јапонските анимации.

Забележете им ги само рацете! Тие им се коцкасти и издолжени за да укажат и на крутост и на елеганција. Нивните екстремитети се исто така големи, дури изгледаат и непропорционални со телата… (Scott, A.O. Outside the Abbey’s Fortified Walls, a World of Fairy Girls and Beasts: http://www.nytimes.com/2010/03/05/movies/05secret.html, March 4 2010).

Сите овие шаренолокости се производ на будното око, вештите раце и креативниот ум на околу 200 цртачи и аниматори од пет различни земји. И токму поради тоа, Тајната на Келската книга, како што истакнува Кариса Хортон (Carissa Horton) од christiananswers.net, „овој фим е многу поверојатно да ја привече возрасната публика“. Од друга страна, пак, упатената публика ќе биде привлечена и заведена од стилот на анимацијата која ќе ги потсети на добро познатата аниматорска традиција на јапонскиот аниме-режисер и манга-артист Хајао Мијазаки (Hayao Miyazaki) и ослободена од товарот на трендот и најновите компјутерски достигнувања. Експертите по анимација прават компаративни согледби на Тајната на Келската книга на Мур со Принцезата Мононоке (Princess Mononoke) и Авантурите на малечката Чихиро (Spirited Away) на Мијазаки.

Токму природата на анимацијата му има донесено на овој филм голем број номинации за награди и награди за најдобра анимација и избор на публиката на повеќе светски интернационални филмски фестивали. Сепак, се чини дека анимацијата е едниствената силна страна на филмот. Според мене, филмот потфрлува со нарацијата на приказната и ликовите. Се чини како овие два сегмента да се сериозно запоставени.

Од една страна, приказната е праволиниска и едностава, а од друга страна, пак, иако наивно едноставна, се чини недоискажана, напати дури и нејасна и додека да заврши, се разводнува и кон крајот како да ѝ се губи поентата. Би се сложила со Кет Кларк (Cath Clarke) од електронската веб-страна за филм „Тајм аут“ (timeout.com) кога вели дека „приказната е малку замрсена и е премногу збиена во скоро 80 минути, но на малите деца не би им пречело поради магичната анимација“. Друга електронска веб-страна за филм, „Риjл филм ривјуз“ (reelfilm.com), ќе објави дека филмот е „премногу чуден“ и дека тоа му штети на филмот затоа што само го потврдува фактот дека само анимацијата е она што вреди од целиот филм. Понатаму, филмот е именуван по познатиот илустриран ракопис од 800 година, напишан и илустриран од страна на келтските калуѓери кои живееле на Келскиот манастир сè додека не бил нападнат од Викинзите во 806 год. Книгата е напишана на латински јазик и содржи библиски текстови од Новиот завет, но и мотиви од келтската митологија. Меѓутоа, Роберт Ротен (Robert Roten) од електронската веб-страна за филм „Ротен томатос“ (rottentomatoes.com) ќе забележи и дека иако филмот како предлошка ја зема приказната за содавањето на оваа книга, сепак никаде во филмот не се сопеменува содржината на книгата. Според него ова е голем пропуст, иако, според мене, сепак, богатата визуелна анимација надоместува за тој пропуст. Имено, денес книгата пред сè е позната по импресивните сложени и детални цртежи со многу живи бои, а со својата анимација, филмот се надоврзува токму на тоа. Во тој случај, оправдана е одлуката на режисерот (ако воопшто тоа било одлука, а не пропуст) да ја занемари содржината и целосно да се посвети на анимацијата. Во овој контекст, А. О. Скот (A. O. Scott) од „Д Њујорк тајмс“ (The New York Times) нагласува дека режисерот успева „да изгради неочекувана и силна врска помеѓу древното илустрирање на книгите и современата анимација“ (http://www.nytimes.com/2010/03/05/movies/05secret.html).

Што се однесува до ликовите, мојата прва забелешка е насочена кон недооформените ликови. Незаокружените ликови во филмот како да ја ослабуваат моќта што филмот ја добива од анимацијата, но и додатно ја ослабуваат и содржината и нарацијата. Ротен ќе забележи и дека мачката Пангур Бан е единствениот лик во филмот кој вистински постоел низ историјата. Станува збор за мачка-лик од ирската песната „Пангур Бан“ од IX век, која калуѓерот-поет ја посветил на својата мачка. Меѓутоа, не инсистирам дека само историски ликови можат да создадат историска приказна. Сепак, нели, фикцијата меѓу фактите е она што ја разликува уметноста од историјата. Згора на тоа, од оваа временска дистанца и не можеме со сигурност да тврдиме дека поетот навистина имал таква мачка, ниту, пак, колку од напишаното за неа било вистина, а колку фантазија. Освен тоа, претставувањето на неколку калуѓери како Африканец, Азијат и Италијанец, сосе сите нивни етнички и расни стереотипи, според мене е сосема непотребно. Сметам дека во филмот како што е направен, и со целта која ја има зацртано пред себе, акцентот на мултикултуралноста е непотребен. Во конкретниот случај не ни допринесува за мотивот на шареноликоста искажана првенствено преку анимацијата.

Она што највеќе ме фасцинира, покрај анимацијата, се симболизмот и интертекстуалноста на филмот. Симболите Тајната на Келската книга се многу моќни. Филмот ротира околу добропознатите библиските симболи на светлина и темнина и страдање, смрт и спасение. Мотото на филмот: „преобразување на темнината во светлина“ е всушност стих од песната „Пангур Бан“. Во филмот се јавуваат и симболи и персонификации од келтската митологија. Како жанр фантастична бајка, во него, како ликови се јавуваат добри духови и самовили а, секако, има и многу магија. На пример, вилата Ашлинг, паганскиот бог Кром Крух, односно змијата која се јаде себеси – симбол на самодеструктивноста на злото – сè се тоа цитати од келтската митологија. Интертекстуалноста продолжува и со цитати и алузии на цели сцени од англо-саксонската традиција: битката на главниот лик– младиот калуѓер со змијата што се јаде себеси е алузија на митската битка на Беовулф, кралот на Готите со змејот, но и со подводната битка со мајката на Грендал. Овие факти покажуваат дека нарацијата на филмот и не е туку-така наивна како што ја претставуваат некои критичари/ки.

За крај, од сето веќе наведено, јасно е дека колку и да се дискутира околу филмот, позитивно или негативно, сепак не смее да се испушти да се гледа една ваква исклучителна анимација!


Консултирани електронски единици

__________ . Movie Critics.
http://www.christiananswers.net/spotlight/movies/2010/secretofkells2009.html
(пристапно на 5. јануари 2017)

Roten, Robert. Paganized tale of the most famous copy of the New Testament.
http://www.lariat.org/AtTheMovies/new/secretkell.html
(пристапно на 5. јануари 2017)

Scott, A. O. Outside the Abbey’s Fortified Walls, a World of Fairy Girls and Beasts.

(пристапно на 5. јануари 2017)

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Пренџова
МОЌНИОТ КРАЈ СЕ КРАСИ САМИОТ СЕБЕ
Кон филмот „Сојузници“ ("Allied") од 2016 год. на режисерот Роберт Земекис (Robert...
Повеќе
0 replies on “ТАЈНАТА НА УБАВИНАТА НА АНИМАЦИЈАТА”