ТАРЗАН И ДРУГОСТА

Учествувајќи на една дебата на (пре)често разгледуваната тема за другоста, се сетив на примерот за Тарзан. Човечкото суштество кое уште од најмладите денови на својот живот е принуден да преживее, расте и се формира (образува) во непознат, поинаков свет од човечкиот – во ризичниот простор на џунглата и меѓу хиерархиско подредената дружина на мајмуните. Омилениот лик од мојата детска лектира, кој од романите на Едгар Рајс Бароуз непречено се пресели во бројните стрипови и филмови што ги прелистував и гледав со страствена љубопитност. Како и многу машки од мојата генерација, станав тарзанофил.
Малечкиот Тарзан, за разлика од другите човечки млади, кои учат преку училишта, учители, учебници, преку собрано, појмовно класифицирано и во научни дисциплини утврдено знаење, своето животно умеење го здобива на мајмунски јазик, главно од неговата мајка мајмунка и неговите другарчиња мајмунчиња. Најважните периоди на психолошкото и умствено раснење – детството, пубертетот. момчештвото – тој ги совладува без присуство на друг човек, во џунглата каде секојдневно демнеат опасности и се упаѓа во ризични ситуации.
Се додека еден ден, таму, сред џунглата, младичот-мајмун не се соочи со Џејн Портер, млада, едуцирана и згодна Американка, посамоуверена и пооткачена со секоја нова филмска реинтерпретација. Ќерка на познатиот и, за разлика од Тарзан, физички несмасен и неспремен професор Архимед (не случајно му е избрано името), за Џејн средбата со Тарзан, и покрај сето нејзино претходно знаење научено од книгите е – чудо! Веројатно, сличното се случува и кај Тарзан, и за него, Џејн е чудо. При тоа да не ја занемариме и онаа природна полова логика на меѓусебна еротска привлечност. Поради секојдневните искушенија, физички напори и чистиот воздух, Тарзан израснал во привлечен момчак, вистински атлет од џунглата, освен тоа прилично разголен, сосем поинаков од младите господа кои и се додворуваа на Џејн во њујоршките кругови. Иако не смее да се заборави дека Тарзан, однегуван мајчински од мајмунката Кала, е всушност потомок на британското лордовско семејство Грејсток и дека таа аристократска генетска капка, според Бароуз, е сочувана во неговата природна господственост.
Но при нивните први средби и запознавање, Тарзан за Џејн е потполн дивјак, вон човечкото општество, демон од џунглата, недефинирана (можеби) човечка природа. Па затоа, и во првата реченица што тие ќе ја разменат – „Јас Џејн, ти Тарзан“ (и обратно) – се открива, и покрај очигледната взаемна љубопитност и желба за (некаков) дијалог, нивниот првичен импулс за разликување, за посебност на идентитетите „јас“ и „ти“. Но и свест за сопственото сопство.

Сега би се навратил на една друга човечка индивидуа, со сосем различна судбина од онаа на Тарзан. Претходно искусувајќи ги мамливите аспекти на социјалниот живот – во образованието, во кариерата, во пријателствата, во патувањата – овој човек се вселува во работната осама на семејната кула во Перигор. Интензивните контакти со луѓето и со политичките функции ги заменува со постојано дружење со книгите и со самиот себе. Станува збор за Мишел Екем де Монтењ, творецот на есејот.
„Que sais-je?“, се прашува тој во 12. глава на втората книга „Есеи“. – Што знам јас? – скептикот Монтењ (или „пирониецот“, како што се нарекува според старогрчкиот филозоф Пирон) го бара, низ слоевите на слободната мисла поткрепена со асоцијации, цитати, примери од животот, одговорот на суштинското прашање што, по повеќе од четириесет години многу активно животно искуство, длабоко го провоцирало. Толку што Монтењ дури го врежал во медалот што го носел со себе. Како што нараснувале „Огледите“, авторот, далеку од помислата дека создава нов книжевен жанр (што денес на нас ни е општопознато), се трудел да го восприеми, во една слободна форма на размислување, трагањето по смислата на постоењето и делувањето на единката, како таа единка функционира со другите единки, дали при тоа се разбира со самиот себе, дали на самиот себе си е јасен?
Значи, да се обидам да го заокружам овој свој кус есеистички обид за другоста: додека кај Тарзан и Џејн се случуваше средбата на „јас“ и „ти“, кај Монтењ се случува средбата на „јас“ со „јас“. Со вториот, загадочниот „јас“. Не станува збор за другиот што живее во друга средина, што говори друг јазик, што доаѓа од некаде или ние сме отишле таму, па сме се сретнале со него, туку овој другиот е во нас. Внатрешниот „јас“. Кој постојано наведува на дијалог, а од нас зависи колку тој дијалог ќе го прифатиме и ќе го продлабочиме. Понекогаш можеби е преупорен, дури здодевен и мачен, но понекогаш, тој, внатрешниот „јас“, како кај Монтењ, ни подава такви сознанија до кои што овој, надворешен „јас“, не може да стигне.